Сеедно ли ви е како ни е?

Секоја мислечка, но и дејствувачка личност, ако не досега сега, во овој момент мора да си го постави прашањето:

Во кое, какво и чие време живее и работи-создава?

Поинаку:

Дали не е дојдено времето за радикални, пресвртни промени, дали оваа држава и ова општество има потреба од негово пред сѐ политичко ангажирање (значи, не само тоа)

Политичкото дејствување е колективно и поинакво не може да биде од аспект на ефикасноста односно ефективноста. Индивидуалниот политички ангажман, надвор од партискиот-колективниот се разбира дека не треба да се потценува или обезвреднува. Напротив, тој е/може да биде мошне драгоцен, особено во однос на критичката валоризација на стварноста, а пред сѐ на оние што ја „создаваат“, поточно ја „прилагодуваат“ на себеси-политичките чинители, најмногу власта, и тоа според позицијата што ја има („кројачот на нашите судбини“; ја издвојувам оваа „метафора“ на еден од мислечките оти ми се чини дека е најпрецизна и најдиректна; ако метафората воопшто може да се третира како таква).

Само ќе потсетам на редовните колумни во дневниот и периодичниот печат, чии автори-авторитети, се разбира не сите, се мошне влијателни, па и поттикнувачки.

Меѓутоа, основното недоразбирање во врска со конкретниот политички ангажман на интелектуалците, поточно на творечките авторитетни личности во сите области од нашето живеење, е капацитетот или „апсорпционата моќ“ на постојните партии. Поточно, привлечноста или одбивноста на нивните заложби, платформи, програми.

Познато е дека творците-интелектуалците (интелектуалецот се дефинира најнапред како творечка личност) се пред сѐ индивидуалци, па  просто не поднесуваат „маса“, колектив (вулгаризација: „стадо“). Уште помалку, нивниот стекнат и со дело-творештво бранет авторитет не може да си „дозволи“ признание на нечие лидерство (затоа што одамна е поминато времето на политичкиот волунтаризам, на политичките „универзалци“ како што, за жал, кај нас и се замислуваат и прифаќаат партиските лидери). Тоа е основната причина што ниедна од постојните ( и „старите“ и новоформираните) не успева да ги привлече токму нив во помасовен број, тие да ја претставуваат нивната „моторна сила“. Ова наметнува уште едно интересно прашање:

Има ли шанса на нашата политичка сцена да се појави и да игра значајна, дури пресудна ролја некаква партија на интелектуалци? Колку би била масовна во однос на членството и дали би привлекла „масовно“ гласачко тело?

Пред да се обидам да одговорам, ќе поставам уште едно прашање за ваша дилема. Имено, постојните политички партии и нивните водечки луѓе-тимови постојано го напаѓаат популизмот, се разбира на своите политички противници. Но без и најмал обид да го објаснат и промовираат „спротивното“ што го нудат.

Што е спротивно на популизмот во нивната политиката, во нивниот политички ангажман (и практицирање на власта)? Елитизмот?

Прашањето од насловот на прилогов, „Сеедно ли ви е како ни е?“, не ви го упатувам на сите вас (нас), туку на секој од нас одделно-лично, но меѓу нас. Се надевам дека се разбираме. Да бидам попрецизен: на секој „Јас“ како дел од „Ние“.

Ова прашање би морал да си го постави секој оној што бил досега, е, а мисли дека може и натаму да биде настрана, рамнодушен за сѐ; за она што му се случува нему и ни се случува нам, а особено за она што ќе ни се случи на сите веќе утре.

Не станува збор само за политички ангажман, се разбира во рамките на некоја политичка партија (затоа што политиката е најнапред колективно дејствување), туку за каков било што е создавачки-творечки, значи не само за себе (макар и во корист на сопствената штета), туку и за други.

Има ли партија или иницијатива за формирање на таква партија-во која индивидуалниот, пред сѐ творечкиот активитет се авторизира, е/може да биде според програмските заложби препознатлив во колективниот-заедничкиот, што ќе рече, меѓу другото, и како лидерски (но не со лидер)?

Нема! Проблемот е во интелектуалниот-творечкиот конформизам кој извонредно му погодува, му „легнува“ на политичкиот примитивизам (од непотизмот, кариеризмот, медиокритетството, до мафијашката полит-бизнис олигархиска транзиција).

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *