Потребно време за читање: 3 минути

Заслужува внимание, респект, вреди да се одбележи:

Според новиот Закон за филм и новиот Правилник, Министерството за култура на Р. Македонија финансиски ќе поддржи 8 долгометражни и 6 краткометражни играни филма, 4 долгометражни и 2 краткометражни документарци, како и 3 краткометражни анимирани филма.

Агенцијата за филм на новиот конкурс за финансирање проекти поддржа и тројца дебитанти, како и четири копродукциски проекти.

Тоа е резултатот од првиот конкурс за финансирање филмски проекти што го објави-реализира Агенцијата за филм.

Поконкретно:

46.000.000 денари се издвоени за првиот детски игран филм во Македонија, „Шеќерното дете“, во режија на Игор Иванов. Автори на сценариото, според познатата сказна за деца „Шеќерната приказна“ на Славко Јаневски (од 1952. година), се Драгана Лукан Николоски и Игор Иванов. Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“.

Автори на другите три долгометражни филма се дебитанти, а добиваат финансиска поддршка од по 16 милиони денари: „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, во продукција на „Арб филм“, „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски, во продукција на „Пандорас бокс продакшн“ и „Проект хепинес“ на Борјан Зафировски, во продукција на „Ново македонско видео“.

Прочитај и за ... >>  Македонија во катастрофална ситуација? А Грција?

4-те копродукциски долгометражни проекти, каде што Македонија е малцински копродуцент, се финансиски поддржани со 22 милиона денари: „Ноќен живот“ на Дамјан Козоле од Словенија, каде што продуцент од македонска страна е „Систерс и брадер Митевски“, „Банат“ на Адриано Валерио, каде што македонски продуцент е „КТ Филм и медија“ (по 7 милиони денари), „Љубовта на Лена“ на Флоријан Гааг од Германија, каде што копродуцент е ФХ3Х (5 милиони денари), и „Доме слатки доме“ на Фатон Бајрактари од Косово, каде што копродуцент е „Арнел продакшн“ (3 милиони денари).

Како што информира на прес конференција директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески, поддржани се вкупно 23 проекти, малку повеќе од претходните години зашто е зголемен и буџетот, а за нив се издвоени 134 милиони и 300 илјади денари.

Интересно е дека на конкурсот бил пројавен поголем интерес за анимирани филмови. Од 5 апликации се одобрени 3 краткометражни. Најмногу средства му се одобрени на „Акт“ на Ацо Станкоски, 2.500.000 денари, „Кавал“ на Саша Станишиќ доби 1.180.000 денари, а „Тивката Мира“ на Ѓорче Ставрески 1.000.000 денари.

Прочитај и за ... >>  Денеска уште еден природен феномен

Од 5 краткометражни документарни филма се поддржани два: „Дива од домот за старци“ на Синиша Ефтимов (850.000) и „Ренесансен ембрион“ на Милан Јашиќ (820.000).

Од 4-те долгометражни документарци, најмногу средства, 4 милиони денари, се одобрени за „Човекот со две лица“ на Марија Џиџева. Проектот „Љубовната соба“ на Сузана Диневски доби 3 милиони денари, „Глас од Букурешт“ на Леотрим Идризи 1 милион и 500.000 денари, а за „How do you define arrogance!?!?“ на Небојша Илиевски се одобрени 1.200.000 денари.

По 2 милиона денари добија краткометражните играни филмови на Светозар Ристовски, „Татко“, и на Елеонора Венинова, „Борба за смрт“. Поддржани се и: „Чевли“ на Бранко Костевски со 1.500.000 денари, „Исклучиво жолти лалиња“ на Кузман Кузмановски со 1 милион денари, „Ние и тие“ на Стојан Вујичиќ со 880.000 денари и „Патики“ на Лидија Мојсовска со 870.000 денари.

Јасно е дека според бројот на автори-дебитанти во македонскиот игран филм низ „голема врата“ влегува нова генерација „филмаџии“, која веќе има постигања во документарната продукција. За тоа говори и бројот на пријавени проекти- долгометражни играни филма-19.

Прочитај и за ... >>  Црна „народно- правобранителска“ македонска 2006-та

Дека на пристигнатите дела на конкурсот им е пристапено крајно сериозно и внимателно, говори самата процедура за избор. Порано за проектите давале свое мислење т.н. читачи на сценаријата и Управниот одбор, а сега бил вклучен и Филмски совет, чии членови исто така ги читаат сценаријата, но анонимно, без да знаат кои се нивните автори. Во одлучувањето прво се тргнувало од сценаријата, па потоа кој е режисер и продуцент, притоа имајќи предвид и други параметри: колку тие имаат претходни филмови, учество на фестивали, награди, гледаност, дистрибуција.

Со континуираната финансиска поддршка од страна на Министерството за култура во изминативе години, македонската филмска продукција се затврдува како мошне значаен сегмент на културата и творештвото, со неколку остварувања веќе забележани и афирмиран во светот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here