Што е тоа политика?

Не, не ми е намерата да пренесам некои познати и помалку познати дефиниции на политиката или да понудам сопствена. Нема потреба за тоа, бидејќи ние сме толку „изверзирани“ во политиката што знаеме да ја водиме и со површно (па и никакво) разбирање. A што, од друга страна, и не е лошо ако се има предвид дека кај нас е најважно да „водиш“, макар и без никакво знаење.

Единствено во овој момент ми паѓа на ум како најпогодна малку „прилагодена“ големата Гоцева мисла:

„Јас политиката ја разбирам како поле за културен натпревар помеѓу партиите на политичката сцена“.

Баш така: политиката како поле за културен натпревар помеѓу партиите на политичката сцена.

Е сега, ако малку се потрудиме ова да го детализираме, елаборираме, анализираме и синтетизираме, лесно ќе дојдеме до она што политиката никогаш не била, не е, ниту ќе може да биде: пофалба на глупоста. Освен кај нас. Без оглед што на тоа предупреди мошне одамна Еразмо Ротердамски, кој на цивилизацијата ѝ остави токму таква пофалба.

Да не се разбереме погрешно: не ни помислувам дека нашите политичари се глупави, па нормално е да водат глупава политика. Скраја да е. Напротив, со поставувањето токму на ваквата релација ( паметни политичари-глупава политика) јас само сакам да ја потенцирам потребата од разбирање на политиката како културен натпревар.

Се надевам дека се согласувате со мене оти умноста/мудроста и културата одат рака под рака, а дека се неразделни „и дење и ноќе“ глупоста и некултурата (се согласувам ако помисливте и на примитивизмот).Дали политичката умност/мудрост е различна од „општата“? Лично не знам за никаква разлика, освен можеби малку „попотребното“ искуство кај политичката на која, пак, повеќе ѝ лежи итроштината, а која, пак, неретко се изедначува со вештината и спсобноста да се остане „на нозе“ во политички виорни времиња.

Може ли умниот/мудриот политичар да не е културен и обратно-некултурниот да биде умен/мудар? Нема шанса!

Вие како да не сте баш сигурни кога имате пред „вид“ некои особено помлади наши политичари и од позицијата и од опозицијата? Да ви кажам право, и јас станувам несигурен кога ќе ми дојдат тие пред „вид“. Дури ми се случува одвреме-навреме, на пример кога ќе ги слушнам како портпароли или како сериозни „давачи на изјави“ (се разбира, прашани или испровоцирани од некои други прашани и одговор(е)ни), да заклучам дека политичката умност/мудрост нема врска со културата односно некултурата, туку со степенот или нивото на нешто што писателски (од еден голем светски писател) е наречено „заробен ум“.

Сигурен сум дека и вие, како јас, можете во овој момент да се сетите на многу повеќе културни „заробени умови“ отколку на некултурни.И тоа многу повеќе на такви млади, отколку на стари односно возрасни односно искусни. Како тоа? Од каде тоа?

Сето претходно од мене сега сакам да ви го поврзам не со некои конкретни „еклатантни“ примери на млади политички „заробени умови“ (чинам дека нема потреба, добро ви се познати со своите „бисери“ на глупоста што ги тресат штом ќе отворат уста), туку со еден друг мошне голем проблем поради кој нашата иднина е прилично неизвесна: на политичката сцена нема, ниту може да се догледа некој нов политичар, а особено не од умните/мудрите кои инаку ги нарекуваат интелектуалци, поточно творци.

Што велат тие за овој навистина круцијален проблем и за постојните и за онаа партија што би требало да се појави и да ја направи политиката кај нас навистина поле за културен натпревар, а не да си остане и натаму во не мала мера пофалба на глупоста?

Велат:

„Не, благодарам, јас сум индивидуалец, а на интелектуалецот не му е својствено да дејствува колективно“.

Нивниот проблем е токму во тоа основно неразбирање на политиката, конкретно на политичкото дејствување.

Парафразираната Гоцева мисла сега ќе ја „корегирам“ и со таа „корекција“ ќе го кажам последното од мене во врска со прашањево „Што е тоа политика?“.

Да беше денес жив Гоце Делчев, сигурно би бил (со својот револуционерен дух) умен/мудар политичар и сигурно би го рекол ова:

„Јас политиката ја разбирам како поле за колективен културно-политички натпревар помеѓу политичарите и политичките партии на политичката сцена“.

Значи, не сакам да ги учам (оти се учени и знаат), туку само да ги потсетам нашите интелектуалци (читај: творци):

Политиката е колективен чин, колективно дејствување. А во едно граѓанско општество и граѓанска држава е можно, дури нужно индивидуалното дејствување во рамките на политички колективното. Најнапред како потврда на интелектуалниот потенцијал.

Одамна не сте ја (пре)прочитале „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски? (Пре)прочитајте ја. Ако не сакате и натаму да бидете настрана, во сенка, во заветрина, дел од апатичната, збунета, неопределена, неориентирана, разочарана, изневерена публика. Туку учесник, натпреварувач во културен и умен/мудар политички натпревар.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *