Потребно време за читање: 5 минути

Податоците се алармантни, загриженоста се поголема, а најголема е неизвесноста- подеднакво и на развиените- богатите, и на неразвиените- сиромашните земји.

Почнувајќи од Нова година (всушност од летото 2010), вестите не се за зголемување на цените одвреме- навреме, туку секојдневни. Во светот, а кај нас дури и „секојчасовни“.

Знаете која е првата и најважна причина за немирите односно бунтовите на Блискиот исток, со многу жртви? Луѓето веќе не се во состојба да ја плаќаат се поскапата храна- од јануари порасна во просек за цели 30%. Во последниве месеци поскапувањето предизвика насилни протести во Египет, Камерун, Нигер, Брегот на Слоновата коска, Мавританија, Етиопија, Буркина Фасо, Мадагаскар, Индонезија, Филипини и други земји. Во Пакистан и Тајланд војската е испратена да ги чува залихите на храна во силосите и складиштата.

Според предупредувањето на Огранизацијата за храна при ОН (ФАО), цените на прехранбените продукти е моментно на највисоко ниво и основната храна е поскапа дури повеќе од што беше во јуни 2008. Тогаш високите цени на житото, пченката, оризот и останатите основни продукти ги натера луѓето на улици во некои земји на Карибите и Африка.

Светската банка проценува дека цените и натаму ќе растат, како што растат во последните 7 месеци!

Разликата помеѓу богатите и сиромашните земји е што во богатите населението за храна издвојува само дел од своите приходи, а во сиромашните дури 80% се трошат за храна, така што поскапувањето од такви размери доведува до работ на гладта.

На организацијата ФАО и се топат сите планови за намалување на бројот на гладни во светот. Уште во 2007. околу 870 милиони жители на нашата планета гладувале, а и покрај Милениумската цел, со која драстично се намали бројот на гладните, денес таа проценува оти најмалку милијарда луѓе немаат доволно храна, ниту доволно пари да ја купат.

Во споредба со цените од 2002 до 2005. година, храната е значително поскапа, особено цените на шеќерот и маснотиите. Во 2008. податоците беа слични (тогаш избија нереди на Хаити и во Бангладеш)- цените на житариците, пченката, млечните и месните производи се зголемија за 213,%, додека во 2010 скокнаа за 214.7%. На пример, шеќерот никогаш не бил поскап во последните 30 години!

Прочитај и за ... >>  „Лопата маркетинг“ или...

Економистот на ФАО Абдорлез Абдасијан предупредува дека светот е влезен во опасно подрачје: цените би можеле додатно да пораснат поради пожарите во Русија, сушите во Аргентина, поплавите во Австралија и јаките зими на северната полутопка.

Францускиот министер за земјоделство Бруно Ле Мер ги предупреди Обединетите нации дека во светот би можело повторно да дојде до немири предизвикани од високите цени на храната, како оние од пред три години. Пред Генералното собрание на ОН тој изјави дека колебањата на цените на храната се „неподносливи“ и за производителите и за потрошувачите. Потенцира дека ситуацијата ја влошуваат шпекулациите, лошото информирање на пазарот на суровини и ненадејните одлуки на некои земји да го запрат извозот.

Роберт Зелик, претседател на Светската банка, изјави дека светот се соочува со поширок тренд на раст на цените на храната и стоката, па повеќето земји би требало да прземат решителни мерки за да ги зауздаат нивните силни осцилации.

Храната треба да се прогласи за приоритет, бидејќи порастот на цените и засилените осцилации ги загрозуваат сиромашните и ја поттикнуваат инфлацијата во земјите во развој, пред се во оние во Азија. Тие, пак, би можеле да ги зголемат приходите со зголемување на производството на храна за да се подмири растечката побарувачка во светот.

„Двојно зголемените цени на храната во изминатите три години би можело да турне 100 милиони луѓе во најсиромашните земји во развој уште подлабоко во сиромаштија и владите мораат да реагираат на тоа прашање“.

Извршниот директор на ММФ, Доминик Штраус- Кан, предупреди на економските и политичките ефекти од кризата со храната:

„Ако цените на храната продолжат да растат како денес, последиците ќе бидат ужасни…стотици илјади луѓе ќе гладуваат“.

Потенцира дека од историјата е познато оти таквите кризи некогаш завршуваат со војна.

Меѓународните финансиски челници, собрани на пролетното заседание на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, повикаа на координирана акција за да се запре растот на цените на храна.

Треба да се има предвид дека кризата со поскапувањето на храната се одвива во заднината на ширењето на финансиската криза во светот и забавувањето на економскиот раст, влегувањето на американската економија во рецесија, нерамнотежата на валутните пазари и растот на инфлацијата.

Прочитај и за ... >>  Залудно изгубени години или...

Харунико Курода, претседател на Азиската банка за развој, изјави дека „инфлациите се можеби најголемата закана со која денес се соочува тој регион“.

Индискиот министер за финансии, Паланијапан Чидамбарам, изјави дека цените на храната и енергијата се закануваат со предизвикување на нови социјални немири:

„Станува се појасно дека, доколку не дејствуваме брзо на создавање на глобален консензус за спиралата на цените, социјалните немири поттикнати од нив во повеќе земји ќе се спојат во глобална зараза, не оставајќи ниедна земја недопрена, развиена или друга“.

Британскиот министер за развој Даглас Алексанер исто така ја потенцира потребата од координиран одговор на пазарните пореметувања и цените на стоките:

„Ќе биде важно Светската банка, ММФ и ОН итно да работат заедно на разработка на меѓународен одговор на сите елементи на кризата. Потребна ни е краткорочна акција за сегашните тешкотии“.

Во Македонија речиси секој ден поскапува се ( најновото зголемување на цените е на струјата, бензините, лебот). Неминовно, тоа најдиректно се рефлектира на стандардот, на продлабочување на сиромаштијата- платите стагнираат, а опаѓа куповната моќ. Некои пресметаа (но без театрално и примитивно „редење“ на леб, зејтин, шеќер, брашно пред ТВ камери) дека ако до пред некој месец со 500 денари се купуваа дневно минималните основни продукти за живот, сега таа банкнота е со 5 пати помала вредност- колку 100 денари.

Од друга страна, очекувано, серијата поскапувања ја подгреваат инфлацијата, иако Владата смета дека се уште нема опасност од висока инфлација- годинава ќе се движела во рамките на проектираните 3%.

Таа го презеде првиот чекор (неминовно ќе следат и други во наредните денови и недели): со 40 000 тони пченица од стоковите резерви ќе се ублажува ценовниот шок. На мелничарите им се понудени двојно повеќе од бараните количини државна пченица по цена од 15,5 денари за килограм.

Владината мерка доаѓа ден откако лебот поскапе за 5 денари. Целта е да се премости периодот до следната жетва.

Прочитај и за ... >>  Охридско лето 2009- Се било, е и ќе биде...музика

Освен ова, владиниот економски тим соопшти дека и во јануари годинава донеле одлука за увоз на 80 000 тони житарици ослободени од давачки кон државата, од кои досега се увезени само 10 000.

Иако цените одат нагоре, СОС продавници засега нема да се отвораат, а не се предвидени ниту дополнителни пари за најсиромашните граѓани. Овој став сигурно ќе биде корегиран, бидејќи нема знаци за стабилизирање на цените во светот, следствено и кај нас.

Се разбира, краткорочните решенија имаат ефект на „гаснење пожар“. Како што предупредуваат и препорачуваат светски и домашни експерти, нужна е долгорочна стратегија за масовно (не поголемо, пошироко, поинтензивно) производство на храна. Поттикнато не само со субвенции за земјоделието, туку со најразлични „ситни“ поттикувачки мерки.

Меѓутоа, и размислување за она за што светот сигурно ќе се залага се повеќе (а што засега кај нас не предизвикува поголемо внимание):

Весникот „Дејли телеграф“ објави дека за да се спречи гладувањето на светската популација треба да се дозволи поголема употреба на генетски модифицираната храна (ГМ). Се проценува дека во наредните 60 години бројот на жители на нашата планета ќе достигне 9,2 милијарди.

Комисија на научници, што ја основала британската влада, предупредува дека поради тоа е неопходно да се најдат низа на решенија- од тоа традиционалното земјоделство да се направи поефикасно, до воведување на генетски модифицирани житарици.

Весникот наведува дека сличен став има и француското Министерство за земјоделие и Здружението на машински инженери, кои заклучиле дека 9 милијарди луѓе можат да се прехранат доколку техничките можности бидат подобро искористени. На пример, половина од храната што се произведува во Африка гние пред да стаса до своите купувачи. Тоа, на пример, би можело да се смени со соодветни замрзнувачи и подобри патишта.

Британскиот весник заклучува дека организациите за заштита на животната средина премногу долго воделе кампања против генетски модифицираните производи и оти извештајот на британските научници испраќа вистински сигнал не само во правец на поголемо користење на таа храна, туку и за употреба на нанотехнологијата и клонирањето на стоката, а се за да се избегне масовна глад.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here