Потребно време за читање: 3 минути

Која е крајната цел на наводните списоци за притисок за гласање?
Наводни само затоа што и оние на опозициската телевизија А1, за притисок врз вработени во јавната администрација за сигурни гласачи за ВМРО- ДПМНЕ, и оние на оваа партија за СДСМ-овски допрва треба да се проверат, да се истражат. Тие се веќе кај јавниот обвинител
, а соодветна постапка најави и јавниот правобранител.

Крајна цел? Повеќе од јасна: однапред да се обезбеди алиби за сопствениот пораз на претстојните вонредни парламентарни избори. Со други зборови, за оној што ќе изгуби тие „мора да бидат“ нерегуларни, нефер и недемократски. Па ќе следи барање, веројатно со помош на меѓународниот фактор, тие да се поништат.

Ова што се случува со денови, веќе два- три месеци, е фактички предвремена, предизборна кампања во која учествуваа неколку опозициони партии со медиумска поддршка на медиумите чиј сопственик е обвинет за повеќегодишен криминал.

Дали „кулминативната точка“ се списоците што ги обелодени и со лажно претставување и загрозување на приватноста јавно (во снимен и емитуван прилог) ги проверуваше А1 ТВ? Да, токму на предвремената, што ќе рече незаконската предизборна кампања. Се поставува прашањето: зошто „скандалот“ не беше откриен подоцна, по нејзиниот официјален- законски почеток?

Одговорот е познат: предизборната кампања и самите избори внимателно ќе ги надгледуваат бројни домашни и меѓународни набљудувачи, па таква груба манипулација е „опасна“ доколку се открие макар еден таков случај, а не цели списоци. За такво нешто би било и предоцна. Вообичаено, во предизборната кампања, пла и на денот на изборите се применуваат многу „пософистицирани“ методи.
Уште нешто: многу е полесно да се режира, фалсификува медиумска валканица против власта, зашто пред се таа е одговорна за комплексноста на регуларноста на изборите. Одговорноста на опозицијата е многу помала, а тоа значи и вниманието спрема неа, следењето на нејзините дејанија е послабо.

Прочитај и за ... >>  Партизацијата на културата од вчера?

Конкретно за случајот „Притисок врз гласачи“ (ако може да се нарече „скандалот“ на А1 ТВ), а за кој, нормално, СДСМ побара оставка на премиерот Груевски (Гордан Георгиев: „Во секоја нормална демократска држава после ваков скандал премиерот не само што безусловно поднесува оставка, туку се повлекува и од политиката“.), но и „одговорот“ од ВМРО- ДПМНЕ кој, патем, не е неочекуван:

Не станува збор за никаков скандал, ниту за нешто што изненадува, а најмалку шокира! Дури и А1 ТВ тоа го потврдува со потсетување на забелешките на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните и претседателските избори во 2009. година.

Имено, биле забележани бројни, загрижувачки искази за притисоци или застрашувања на граѓани во врска со изборите, потоа на државни службеници- да поднесат листи на лица кои би ја поддржале владејачката партија; потоа закани за даночни контроли на носителите на трговска дејност и закани за укинување на пензиските и социјалните бенефиции доколку не ја поддржат партијата на власт.

Прочитај и за ... >>  Поизвесен победникот на вонредните парламентарни избори

Она на што треба да се укаже е дека ниедна партија, ниту од позицијата ниту од опозицијата, не е имуна од давање на партиски задачи на своето членство, особено кога станува збор за избори. Какви би можеле да бидат тие на теренот, освен „кампањски“, односно привлекување- убедување или „обработка“ на што поголем број на гласачи за својата партија? Како, на кој начин? Се разбира, не со притисоци и закани (доколку такви се потврдат, нужна е осуда од сите, а санкционирање од страна на институциите на системот), но кога станува збор пред се за партиското членство, меѓу другото и со реализација на партиски задачи.

А дали е различна „тежината“ на списоци со буквално исти задолженија на членови на СДСМ? ВМРО- ДПМНЕ до јавниот обвинител достави документи со кои се бара да се утврди колку СДСМ со проектот „20 х 5“ го прекршил законот. Имено, до нивното партиско седиште стигнале документи од „разочарани социјалдемократи“ кои биле задолжени да донесат по 20 лица кои со сигурност ќе гласаат за СДСМ.
Спиро Ристовски од ВМРО- ДПМНЕ:

Прочитај и за ... >>  Посветеноста

„Оваа документација ја доставуваме до Јавното обвинителство кое има за задача да ја утврди нивната веродостојност, да го расветли сомнежот за тоа дали СДСМ на овој начин врши манипулација и подведување на граѓани за да гласаат за оваа партија. Ние очекуваме Јавното обвинителство да покрене случај кој потоа ќе се процесуира низ судските инстанци. Овие документи се со официјални ознаки на СДСМ и со печат на Андреј Петров“.

Реакција на „збунетиот“ Гордан Георгиев од СДСМ:
„Доказите што ги поднесоа до Јавното обвинителство можат слободно да ги фрлат во кантите на Ставрески што ги отвораше, бидејќи тоа се тотални глупости и измислици“.

Веднаш потоа си противречи на себе си:
„Третпат кажувам дека тие списоци се легални и доставени до ДИК. Тоа се нашите најсилни момчиња – Да, најсилни по волја и срце, партиски активисти кои ќе ги чуваат кутиите на денот на изборите и ќе ја бранат слободата на денот на изразувањето“.

Легални списоци за во кантите „на Ставрески“ со „тотални глупости и измислици“?!

Јавниот обвинител е пред мошне тешка задача. Да се пронаоѓа „непознат сторител“ („скандалот“ што го „откри“ А1) и да се оценува- разграничува што е партиско задолжение, а што манипулација, подведување, притисок…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here