Суштината на демократијата

Се разбира, целта на овој прилог не е „темелно“ едукативна односно да потсети на основните сознанија и знаења за демократијата воопшто или, на пример, нејзината суштина да произлезе од развојниот, историскиот конткекст. Напротив, имајќи ги предвид општопознатите сознанија и знаења за демократијата воопшто, а особено нејзиното практикување, сакам да укажам на некои пред сѐ намерни недоследности поради кои ги имаме овие и вакви состојби и последици на индивидуален и колективен.

Сепак, мислам дека е нужно, поради меѓусебно разбирање, да потсетам на нив-општопознатите, меѓу другото и како можност и основа за евентуална натамошна стручна-експертска односно компетентна елаборација.

Значи, суштината на демократијата (од грчките демос-народ и кратео-владеам) е владеење на народот. Нагласувам на, а не со или во име, а најмалку за (на) сметка на народот.

Веднаш се поставува прашањето дали е тоа можно, а потоа и како. Притоа, треба да се има предвид историската „периодичност“ на демократијата. На пример, и грчката демократија била владеење на народот, но од неа биле исклучени сите робови. За подоцнежните да не зборуваме, сите „некого“ исклучиле-исклучуваат. Класичната буржоаска-капиталистичка ( и сегашната-„современата“, „модерната“) се темели на власта на народот, но  без работничката класа (да го оставиме настрана марксизмот). Во парламентарниот систем тоа не е директно владеење, туку изјаснување за одделни странки односно партии на кои тој-народот „им дава” да владеат за (не со) него.

Основното, суштинското (на што особено (ќе) инсистирам во овој прилог) е: дека демократијата е власт односно политичка институција на владеење на одредена групација, партија, класа.

Нагласувам уште еднаш, и теоретски и практично суштината на демократијата е власт-владеење. Меѓутоа, токму како дел од таа суштина кај нас се одбегнува или намерно се подзаборава на еден мошне важен, би рекол најважен „елемент“: одговорно владеење-одговорност во, поточно при владеењето. Затоа што одговорноста (свеста, особено самосвеста е дел од нејзината „содржина“) произлегува од владението односно владеењето (па и со сопствениот збор и молк).

Најчесто и оние што владеат и оние со кои се владее демократијата ја мерат и, како резултат, ја изедначуваат со слободата, слободоумноста, еднаквоста, рамноправноста, правдата, правичноста, приватноста, изборот (во сѐ , воопшто во просторно-временскиот квалитет на живеење), и со сѐ друго од корпусот на фундаменталните човекови права. Се разбира, тие на еден или на друг, непосреден или посреден начин се инкорпорирани во неа, се подразбираат, но не се тоа (подвлекувам бидејќи недоразбирањето, поточно незнаењето произлегува токму поради спротивното-дека се).

Лично мислам дека токму во таквиот начин на третирање на демократијата, на таквото „равенство“, најмногу грешиме (и свесно и несвесно). А од тоа, пак,  произлегуваат низа последици кои ја деструираат  нашата стварност, ја проблематизираат сушноста на нашата егзистенција.

Од сите типови на демократија ја акцептирам нашава, која можеме да ја дефинираме како „парламентарна демократија од модерен тип“ (за разлика од „класичната“). Звучи малку иронично таквото дефинирање, но по нејзиниот разглед во „кроки потези“ сигурен сум дека нема само што ќе ни „звучи“, туку многу повеќе ќе ни „излезе пред очи“ токму таква: карикирана-карикатурална, извртена. Можеби најпрецизно ќе биде да ја наречеме недемократска демократија.

Но, уште еднаш, сега многу конкретно, за суштината на нашата демократија (има и „ненаша“  која допрва, којзнае кога, треба да ја „понашиме“):

Демократијата како владеење на народот е пред сѐ еднаквост во правата и обврските-одговорностите, еднаквост пред законот-пред законите, еднаквост во државата (како сервис на народот).

Претходново не е дефиниција, моја или на некој стручњак, теоретичар или „практичар“ на демократијата, иако немам ништо против ако се прифати и како таква. Во контекстов таа е една позиција (може и појдовна) за да укажам на нешто што е апсолутно неприфатливо, а поради што многумина тврдат дека во нашава држава ниту имало, ниту има демократија.

Станува збор за  владеење со народот (со државата). Значи „некој“ (претпоставувате кој) не го брани, не го заштитува народот, не владее заедно со него, туку го владее. И тоа баш како потврда на освоени, изборени слобода, слободоумност, еднаквост, рамноправност, правда, правичност, приватност, избор (во сѐ воопшто во просторно-временскиот квалитет на живеење), и во името на сѐ друго од корпусот на фундаменталните човекови права. А всушност е показ и доказ на примитивизмот, на ниското ниво на култура и очовеченост, на заробениот ум, на изгубен (заборавен) идентитет, на политичка малограѓанштина и медиокритетство.

Во прилог на искажаниот став, од многуте, недоброј прашања без одговор (бидејќи не сакаат или се плашат да го дадат одговорните, како да се претвориле во ноеви со главите длабоко во „живиот песок“) на крајот поставувам само едно:

Ако Република Македонија е демократска држава (правна во потесна смисла), ако сите граѓани во неа се еднакви во правата и обврските-одговорностите, еднакви пред законот-пред законите, зошто не е спорна оценката на „меѓународниот фактор“ дека не функционира правната држава на целата територија на Македонија? Зошто се инсистира на независно судство, негова департизација (и на другите сегменти од животот), односно зошто правиме реформи? Нели во името на демократијата? Оти ја немаме? Или ја имаме, ама  не е „баш тоа“?

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *