Потребно време за читање: 9 минути

Македонската опозиција и нејзините медиумски трабанти ја добија можеби најголемата шлаканица во сето досегашно опозиционерско дејствување. И тоа „најголемиот дел“ од неа не од позицијата- партиите на власт (не само ВМРО- ДПМНЕ), туку од „меѓународниот фактор“, поточно од Европската комисија. Иако од петни жили се трудеа, како досега, нејзините членови да ги „онерасположат“, па да напишат „избалансиран извештај за Македонија со многу повеќе забелешки отколку пофалби“ и да не дадат препорака за определување на датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, со „горчина в уста“ мораа да констатираат дека препораката е „сепак добиена“. Ама…

Очекувано, не само што почнаа да ги „акцентираат“ забелешките премолчувајќи ги „успешно завршените работи“ (мислам на одредниците), туку веднаш слушнавме и слушаме такви небулози и нонсенси од кои, сигурен сум, (ќе) се срамат и самите нивни „автори“: дека „таман работа извештајот да не биде позитивен по четврто полагање на испитот“, дека „тоа не е ништо ново“, „се уште е рано да се слави, да почекаме Европскиот совет да определи датум“, препораката е „политичка“ итн. А најчесто ноторната лага дека е таа условена со решавање на „спорот“ за името со Република Грција (имајќи ја предвид заканата на јужниот сосед дека при одлучувањето на Советот на Европа ќе стави вето доколку не се изнајде решение).

Најнапред, успехот на власта (не само на Владата) е несомнен, без оглед на обидите тој да се релативизира. Доволно е да потсетам на „мошне кусиот период од само два- три месеца“ за исполнување на одредниците и „ништо ненаправено во изминатите три години“, па следствено „нема шанса да се избегне негативен извештај“. Она на што подзаборавија и забораваат „најжестоките противници“ на Владата- челниците на СДСМ (во наводници оти тоа всушност не се; сосема се безоопасни, безначајни- доволно е да потсетам на континуирано катастрофалниот рејтинг), е дека се работи за одредници („бенчмаркови“) кои по дефиниција, како исполнети, не се „завршена работа“, туку се рамка или основа за решавање на проблеми. Тоа ќе рече дека проблемите што ги опфаќаат зсмјата допрва ќе мора да ги решава, да ги надминува- во текот на преговорите, а во рамките на исполнувањето на преговарачките поглавја (на Хрватска и се определени 35).

Можете ли да замислите какво славје ќе приредеше СДСМ доколку во нејзиниот владејачки мандат се постигнеше овој успех? Судејќи според дувањето и пуштањето на „евробалоните“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје при предавањето на одговорите на „Европрашалникот“ („огромен успех“ под раководство на „евроинтеграторката“ Радмила Шеќеринска), веројатно ќе се дуваше во…

Но, да одиме по ред (не според редоследот на настаните):

Пред три дена (14.10.) на Република Македонија официјално и е предаден Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во 2009- та и препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Како што истакна премиерот Никола Груевски на церемонијата на предавањето (од страна на еврокомесарот Ерван Фуере), Комисијата го поздравува зајакнувањето, функциоирањето на демократијата и стабилноста на институциите што се однесува на владеењето на правото

„Владата го поздравува мислењето на Комисијата за пресретнувањето на Копенхашките критериуми за партнерство и клучните приорити за пристапување во однос на отпочнувањето на преговори за пристапување.

Извештајот е резултат на „досегашните напори на Владата, на граѓаните, на сите политички чинители, здруженија во Македонија и на нашите ценети пријатели од меѓународната заедница.

Овој Извештај за нас ќе биде патоказ за идните чекори и реформи кои ќе ги преземеме. Исто така, ние ја знаеме и важноста на предизвикот да се промовираат добрососедските односи и регионалната соработка. Во контекст на спорот со името Македонија, активно и конструктивно ќе продолжиме со разговорите под покровителство на Обединетите нации со цел да се најде заеднички прифатливо решение.

Владата ја задржува својата поветеност за продолжување на реформите веднаш по завршувањето на овој чекор. Ќе продолжиме со соработката со сите политички партии за промоција на потребните реформи со процесот на консензус.

Владата го поздравува мислењето на ЕК за прогресот во врска со оданочувањето, царината, правдата, слободата, безбедноста и транспортот со преоѓањето во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и за исполнувањето на критериумите за визна либерализација, каде Македонија доби највисоки оценки од ЕК и од експертите од регионот.

Прочитај и за ... >>  Втор круг на претседателски избори: интеграцијата во ЕУ и НАТО не е „добитна комбинација“, туку авторитетот и моралниот кредибилитет на личноста

Извештајот на Европската комисија признава дека македонската Влада презема активни чекори да се справи со економската криза и одржува стабилен развој на банкарскиот сектор, стабилна фискална политика и да се справи со структураната невработеност.

Во претстојниот период Владата на Република Македонија ќе продолжи да одржува чекор во усогласувањето на националното со законодставстовото на ЕК, зајакнувањето на институционалните структури во координација и управување на процесот на пристапување и натамошното зајакнување на административните капацитети за имплементација и зајакнување на законодавството, особено во областите на јавната администрација, животната средина, социјалната политика и сите оние каде што е тоа потребно“.

Од изјавата на Фуере:

„Оваа препорака дадена од страна на ЕК претставува силно признание за политичката волја и за капацитетот кои што ги има оваа Влада да постигне успех. Како што кажа и комесарот Оли Рен, ова претставува и силен поттик за Владата и за сите институции да продолжат со реформските процеси и да се фокусираат на оние области каде што беа детектирани одредени слабости.

Заслугата ја делат сите граѓани, политички фактори и граѓанското општество. Се покажа дека со заедничка работа може да се постигне успех.

Исто така, заслугата за овој успех оди и до претставниците на граѓанското општество коишто успеаја да допрат до самите граѓани и да покажаат кои се оние областите на коишто Владата треба да се фокусира и да работи, но и да ја оправдаат во нејзините активности. Оттука веруваме и во соработката со граѓанското општество. И конечно, заслугата оди кај народот, тој заслужува признание за заложбата да чекори кон својата цел“.

При посетата на Турција, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов изјави дека очекува Европскиот совет да донесе соодветна одлука по препораката што ја даде ЕК, која реално го бележи напредокот на Македонија, а е убеден дека Македонија има политички, административен и институционален капацитет да ги почне разговорите со Брисел

„Нас не поврзува и заедничката визија за иднината, иднината на едно големо европско и евроатлантско семејство. Република Македонија искрено ги поддржува заложбите и напорите на Република Турција за интеграција во ЕУ и е целосно подготвена за тесна соработка на овој план“, изјави тој по разговорите со неговиот домаќин, претседателот на Турција Абдула Ѓул

„Македонија ја имаше и ќе ја има и понатаму целосната поддршка на Република Турција за прием во НАТО и ЕУ. Имаме заедничко минато преку Османлискиот период, но имаме и заедничка визија за иднината – членството во ЕУ. Со тоа ќе се обезбеди стабилност и мир на Балканот“, рече турскиот претседател.

Заедничка оценка на двајцата претседатели е дека одличните политички односи треба да бидат средени со исто ниво на соработка на сите останати полиња. Потенцирана е културната соработка која ќе добие на квалитет со отворање на културните центри на двете земји, во Скопје и во Истанбул.

За показ и доказ на коректноста, чесноста, искреноста, конструктивноста, мошне важно е точното наведување на нечии зборови (не толкување или „конткестуално“ или извлекување од контекстот за да се сугерира или измислува- конструира нешто што не е ниту п(р)омислено). Веројатно сметајќи на „истренираност на краткото паметење“, опозицијата и нејзините медиумски трабанти (некои новинарски персони кои се уште не научиле да разликуваат патриотизам од национализам) се обидоа да извртат нешто од мошне прецизното излагање на Оли Рен во Брисел. Особено ова:

„Би сакал да подвлечам дека препорачавме отворање на преговорите за пристап во членството на ЕУ за Р. Македонија. Државата постигна убедлив напредок и главно почна да ги спроведува најважните реформи, поточно добро познатите 8 плус еден бенчмаркови.

Комисијата смета дека државата доволно ги исполнува моменталните критериуми и овие елементи и овозможија да даде препорака за отворање на пристапот за преговори. Верувам дека Владата во Скопје ќе го сфати ова како многу силен поттик и охрабрување за конечно да го реши проблемот со името кој постои веќе 18 години.

Во нашите заклучоци подвлекуваме дека одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи преговарање и заемно прифатливо решение во врска со спорот за името според ООН, останува најважно. Сега навистина тоа е попотребно и понеопходно од кога и да било за доброто на сите земји, за иднината на ЕУ“.

Прочитај и за ... >>  Час поскоро вонредни парламентарни избори во Македонија!

Од друга страна, и Рен (и други) веќе ги научија македонските новинарски персони, па не се „даваат“ така лесно. На пример, интервјуто на Тања Милевска за А1 ТВ со него ќе биде забележано според следново (другото е „стандардно“):

„Дали добивте конкретни гаранции од Владата дека ова прашање ќе биде решено пред да се даде препораката (се мисли на „спорот“ за името-заб.м.)?

-Ова е нешто што треба да го средат две влади. Ова е билатерално прашање, а ние не сме преговарачка страна. Имам добра комуникација со Метју Нимиц, мојот претходник, кој е скапоцен работник. Се занимавал со овој проблем 15 години. Мислам дека е време да се награди трудот на Нимиц и сериозно да се поработи на предлозите дадени од негова страна, и да се реши и да се затвори ова поглавје од историјата на државата.

Вашата комуникација со Владата последниве месеци се подобри. Не беше баш најдобра во последниве години, сите сме свесни за тоа. Според Вас, кој е заслужен за ова подобрување? Вашиот специјален пратеник, Владата, или Вие лично? Кога се случи оваа промена?

-Не сум забележал разлика. Отсекогаш сум имал добра комуникација со Владата на… на вашата земја, и искрено, не ја сфаќам поентата на прашањето“.

Што се однесува на забелешките односно критиките на ЕК, тие се повеќе насочени кон инцидентите со сериозни, но краткотрајни последици (кои не треба да се игнорираат), како што се, на пример, односот кон хомосексуалците и ромското малцинство, инцидентите во Струга и генерално етничките смени во училиштата. „Трабантите“ особено ја потенцираа забелешката за (не)слобода на медиумите (се однесува на инцидентни слуачи, а не генерално како што се обидоа да презентираат), а се „негираа“ себе си со нејзината „конкретизација“: дека постои тесна поврзаност на медиумските сопственици со политичките структури, што доведува до новинарска автоцензура и ограничување на слободата на изразување. (Прашање е како власта- Владата може да го надмине овој проблем, освен со целосен и доследен ангажман и на самите новинари и нивната новинарска асоцијација- која, патем, е во длабок зимски сон.)

Главната и мошне сериозна критика, што треба да ги загрижи и ангажира сите- и позицијата и опозицијата и граѓанскиот односно невладиниот сектор и индивидуално секој граѓанин, е секако имплементацијата на законите (не само оној за јавната администрација). Тоа е првото „скалило“ кон европеизација на животот, а без што, како што се покажа кај некои „тазе“ евро- членки (на пример Бугарија), нема да вреди ниту процесот на преговарање- исполнувањето на преговарачките поглавја, ниту самото членство во ЕУ.

И конечно, круцијалното прашање за кое се фатија како „пијани за стап“, а не е дирекнто посочено во Извештајот на ЕК (бидејќи не е, ниту може да биде еден од критериумите за добивање на датум за преговори). Дури некои дилетантски оценија дека препораката до Советот на Европа со тоа била „врзана“, „условена“, „политичка“ (се разбира дека е и тоа, но се вика „малку поинаку“: геостратешки интерес): проблемот на Грција со името на нашава земја.

Ништо ново на тој план. Разбирливо и очекувано, но и обид за „извртување“ на она што постојано се потенцира од „европските“: дека се дава силен поттик на двете „страни“- Македонија и Грција во најкус можен рок да се реши „спорот“ за името (поголем на Македонија, бидејќи тој се одразува пред се на нејзиниот статус и непосредна перспектива). Впрочем и најавувано (и од премиерот Никола Груевски) дека во наредниот период може да се очекува зголемен меѓународен притисок за изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Важно е да се има предвид дека решавањето на „спорот“ за името не е услов за членство во ЕУ, а не би ни можело да биде. Во декември би требало да се затвори македонско- грчкиот „спор“ за да се спречи најавеното вето од страна на Грција на определувањето на датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ (што, се разбира не би било „добро“ и за Грција).

Прочитај и за ... >>  Ирак се покрвав

Став на Ларс Петер Фреден, амбасадор на Шведска во Македонија:

„Единствените разговори кои што сега остануваат се оние во однос на прашањето за името, а не она во однос на одредниците. Мојата порака до вас е- искористете ја оваа шанса и, второ, продолжете понатаму со сите овие одредници“.

Меѓутоа, неточна односно неприфатлива е проценката на некои од македонската опозиција дека проблемот сега е поставен на „највисоко ниво“ (има ли повисоко од ООН?).

Иго Ивановски, СДСМ:

„Како никогаш досега овој проблем е поставен на највисоко можно ниво, и во таа смисла вчерашното и денешно празнично однесување треба да биде вовед во многу концентрирано рационално и реално пристапување кон разрешување на овој проблем“.

Го „корегира“ Васко Наумовски, потпретседател на Владата

„Република Македонија останува посветена на процесот на преговарање во рамките на ОН и останува доследна да ги реши сите отворени прашања кои што претстојат“.

Инаку, воопшто не изненадува соопштението на новата грчка влада дека решавањето на проблемот со името на Македонија е предуслов за процесот на преговори за нејзино интегрирање во Европската унија.

Весникот „Навтемборики“ смета дека препораката не е условена со наоѓање решение за името (што е точно), а Комисијата и натаму го гледа „спорот“ како билатерално прашање што треба да биде решено со посредство на ОН. „Катимерини“, пак, дека ЕК со препораката за старт на преговорите укажува на „итна потреба“ за затворање на „спорот“.

Забележливо е дека и „острите закани“ на Атина се „поблаги“ во однос на оние што доаѓаа порано, од времето на Владата на Караманлис. Напротив, може да се рече дека воздржаноста и „отворениот простор“ за компромисно решение се поголеми. Меѓутоа, останува една „заробеност“ од која и Владата на Папандреу засега не може да се ослободи: компромисната „позиција“ подразбира и почитување односно еднаков третман на „црвената линија“ на „другата страна“. За жал, портпаролот Јоргос Петалотис, во изјава за весникот „Катимерини“, рекол дека Грција има „национална црвена линија, која е позната и јасна и од која нема отстапки“, но не дорекол (не му било издиктирано) дека решението за „спорот“ треба да се бара помеѓу неа и „националната црвена линија на Македонија“ од која исто така нема отстапки, а кое би се „нашло“ во заедничката „жолта на сина основа“ (боите на ЕУ). Само така може да се реши проблемот.

Не треба да се заборави и на најавата наскоро грчкиот премиер Папандреу да излезе со нова иницијатива и конкретни активности за решавање на „спорот“. И тоа веројатно во рамките на предложената „нова мапа“ на патот за членство на државите од западен Балкан во Европската унија и јасно искажаната заложба на Грција отворените прашања да ги решава со консензус.

Изјава на заменик- министерот за надворешни работи Димитрис Друцас:

„Временската рамка во која овој процес би требало да биде завршен е 2014. година, бидејќи тогаш се одбележува 100 години од почетокот на Првата светска војна“.

Можно ли е скорешно, брзо решение на проблемот што го има Грција со името на нашава држава (до декември годинава- и со референдумско изјаснување)? Можно е, а имајќи ја предвид спомнатата „жолта линија на сина основа“.

Уште еднаш ќе го повторам мојот предлог искажан во неколку претходни прилози на овој блог:

Не „двојна формула“ (нонсенс; кое било име на држава- старо, постојно, ново, не може да се „формулизира“!), туку алтернативни уставни имиња (две, а може и повеќе).

Тоа конкретно значи:

Промена на Уставот на Република Македонија во делот на именувањето и назначувањето на уставното устројство: името на државата е „Македонија“, а уставни алтернативни имиња (најмалку две) се „Република Македонија“ (постојното), „Република Северна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“ или…

Ваквото решение значи дека нема простор за никакви разговори- преговори за идентитетот на македонскиот народ, но и меѓународна употреба на (уставно) име на Македонија (на што инсистира Грција).

Ова не би било ништо ново. Постои за- кај многу држави: уставното име на Грција- Elláda е Hellenic Republic, Финска на фински јазик е Suomi (на шведски Finland), а уставното име Suomen tasavalta (на шведски Republiken Finland)- Република Финска…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here