Потребно време за читање: 4 минути

Тој е македонски примерен спортист, со бележити резултати и успеси во светски рамки. На 29 години ја заврши својата кариера со она што веќе се третира повеќе симболички- „круна“ на маратонското пливање. Во историјата ќе биде запишан како трет кој успеа да го преплива Ла Манш, по Нико Нестор во 1959- та и Атина Бојаџи една деценија потоа. Со тоа заслужено се стекна со националното спортско признание, популарно наречено „спортска пензија“, што ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Владата на Република Македонија. Признанието го доби од премиерот Никола Груевски.

Стефановски постигна солидно време при препливувањето на најтесниот дел на каналот кој ја издвојува Велика Британија од северна Франција и го спојува Атлантскиот океан со Северното Море. За 34- те километри потроши 7 часа, 42 минути и 32 секунди. Рекордот е помалку од 7 часа (6 часа, 57 минути и 50 секунди) и го држи Бугаринот Петар Стојчев, со години наназад „претплатен“ на победа на Охридскиот маратон. Инаку, каналот е долг околу 563 км, а широк околу 240 км. Резултатот на Стефановски не треба да се потценува бидејќи е помеѓу 50- те најдобри досега.

Чудно е зошто, кога веќе реши да се „врзе“ за Ла Манш, не размислил да го преплива на друга, подолга „патека“ (макар за километар- два), па на тој начин да се „издвои“ од многутемина-досега над 100- мина пливачи (34- те километри за маратонците не претставуваат никаков проблем- „редовно“ ги препливуваат во базен или во други води). Точно, во Ла Манш (Англичаните го нарекуваат Англиски канал) пливачите се носени од силните струи, водите се студени, па често се принудени да пливаат повеќе (само затоа, како тест на издржливост, го викаат „Монт Еверест на пливањето“), но Томи Стефановски „поминал“ релативно лесно, па ниту тоа не може да „придонесе“ неговото значајно остварување за македонскиот спорт (воопшто) да го претвори во подвиг.

Прочитај и за ... >>  Балкан и Европа- Балкан во Европа

Денеска изутрина (околу 6 часот по британско време) тој тргнал од плажите крај Довер, а пристигнал кај Кап Гри Нез, близу до Кале на француска страна. Како што информираа оние што го следеа неговото пливање, во првите неколку часа Стефановски имал мирна вода и малку ветер, но подоцна, како што се доближувал кон францускиот брег, ветрот се засилил и брановите станале повисоки. Сепак, и тие не му правеле поголеми промени, па препливувањето минало „стабилно и спокојно“.

Негова изјава по пристигнувањето на целта:

„Првите четири часа пливав со темпо кое што не сакав да ме замори премногу. Потоа имаше многу бранови кои постојано се зголемуваа, а на крајот додатна потешкотија создаде струјата која беше спроти мене поради што кога излегов веќе бев многу истоштен. Под 8 часа е реткост да се исплива каналот Ла Манш. Тоа ми беше и животна цел. Доста напорно се подготвував за ова и сега, кога заврши, многу ми олесна и сум многу среќен“.

Прочитај и за ... >>  Денеска уште еден природен феномен

Некои интересни детали од „процесот“ на препливување на Ла Манш:

За да се заштитат од студот, пливачите се премачкуваат со таканаречена „Канал маст“. Порано пиеле шери со матени јајца, но сега земаат течна храна од јаглени хидрати, витамини и таблети против болки. Пливачот не смее во ниту еден момент да го допре бротчето што му го покажува патот, а мора да ги издржи испарувањата од дизел моторите на бројните бродови, потоа морската болест и отеченото грло од голтање на солена вода.

Забележано е дека еден пливач бил каснат од медуза, а неколкумина починале во обидот да стигнат до другиот брег. Помеѓу нив е и Швајцарецот Ули Стауб, кој доживеа срцев удар откако зеде кафеински таблети како стимуланс.

Се смета дека сепак најголема пречка е умствената битка. Имено, обидите за препливување почнуваат уште пред зори, а тогаш водата е осветлена само од придружното бротче. Пливачите добиваат оброк на секој час во првите 6, а потоа на секои половина час. Храната се додава со стап. Веројатно најтежок дел е помеѓу 5- тиот и 7- миот час од обидот, кога телото ги исцрпува резервите на гликоза (вообичаениот извор на енергија) и се префрлува на согорување на телесните масти. Затоа е многу важно пливачите да се здебелат пред обидот и да тренираат во студените води крај Довер. Она што притоа се случува е вистинско чудо на природата. Кога телото е повеќе пати изложено на студена вода, масните наслаги се концентрираат околу појасот, во областите каде што се најпотребни, на пример околу бубрезите. Тие дејствуваат како погон и затоа се најпотребни. Преминот од согорување на гликогенот во масти е процес кој трае половина час и предизвикува истоштеност односно чувство на целосна потиштеност.

Прочитај и за ... >>  Македонската фудбалска мафија и УЕФА

Каналот за првпат е препливан во 1875- та година од англискиот капетан Метју Веб. Нему му биле потребни 22 часа за да стаса од Довер до францускиот брег. Најстар маж кој го препливал е Австралиецот Клифорд Бат- на 67 години. Се претпоставува дека најстара жена е Анличанката Линда Ашмор- го сторила тоа кога имала 60 години.

Она што го издвојува Стефановски не само од другите пливачи, туку и од многумина македонски заслужни спортисти, е неговата прилично необична и тешка кариера. Тој е најуспешен во досегашната историја на македонскиот пливачки маратон, а во 2001- та година на Охридскиот маратон го освои 3- тото место и стана првиот се уште единствен македонски пливач кој во машка конкуренција се искачил на победничкиот пиедестал во една трка од Светскиот куп. На крајот од таа сезона заврши на високото 5- то место во вкупниот поредок (таа година е прогласен за спортист на Македонија). Меѓутоа, по овие успеси заредија повреди, па мораше да издржи дури 6 операции на рамената за да му се врати на маратонското пливање.

Томи Стефановски својата кариера ја зваршува како врвен светски и заслужен македонски спортист.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here