Потребно време за читање: 4 минути

На 26.01.2006- та година го објавив текстот под горниот наслов за една необична, но над се ступидна акција или предизборна политичка кампања на Либерално- демократската партија на Македонија (ЛДП). Тогашен нејзин лидер беше Ристо Пенов. Таа не само што не беше успешна, туку кај јавноста односно народот воопшто (и оној дел од него што „пет пари не дава за политиката“) предизвика дури потсмев, па и мајтапење.

Во текстот, меѓу другото, ја потенцирам маргиналноста, минорноста на оваа партија (сега во опозиција), а која на почетокот- појавата на македонската политичка сцена, привлече голем број на членство и симпатизери, а претставуваше значаен „фактор“ и за позицијата и за опозицијата. Интересно е што таквата позиција ја има и денес, со новиот лидер Јован Манасиевски, а нема ниту збор, камо ли најава за нејзино „проветрување“, како што тоа, се чини мошне успешно, го направи во изминатите недели и месеци „најголемиот опозиционер“ СДСМ. Очигледно, минорноста и маргиналноста и годи, и прилега на сегашната раководна гарнитура на ЛДП.

Се разбира, кампањата за која станува збор ја третирам и од поширок, „поуниверзален“ агол, што ќе рече претставува повеќе повод за да кажам (напишам) збор- два за „слушањето на народот“ од страна на партиите- застапувањето, реализацијата и одбраната на неговите интереси.

Обраќањево е кон партиите воопшто, и од позицијата и од опозицијата, а е „инспирирано“ од мошне „инспиративната“ предизборна кампања на партијата на Ристо Пенов -ЛДП. Некои коментатори со право ја нарекоа популистичка и непримерена на една „елитистичка“ партија, каква што таа е или би требало да биде (познати се и програмските заложби и конкретните активности на либерал- демократите во светот). Лично мислам дека е многу повеќе небулозна, па дури и ступидaна. Тоа ќе рече дека однапред е јасно (тоа им е јасно и на Пенов и сопартијците уште при првите „прашувања“) дека таа може да предизвика непријатни реакции, а најмногу мајтапења од мудриот народ (без никакви наводници). Еве зошто:

Прочитај и за ... >>  Помеѓу „ќе“ и „можам“ (нема и „морам“)

Најнапред, како што сугерирам во насловот на овој прилог, во најопшта смисла искусниот, способниот, докажаниот политичар (каков што го сметаат и се смета Пенов) не треба да го прашува народот за да го слушне, најмалку да го прашува „Како сте?“ (вмножина, значи третиран како „единка“). Од проста причина што тој- народот секојдневно кажува, покажува и докажува (не одговара) како (му) е, и тоа без да чека некој да го праша. Обратно, многу е поважно (би требало да биде) за еден политичар да наслушне да не народот го прашува него не „Како сте“, туку, на пример, „Како мислиш натаму со тебе?“.

Натаму, еден искусен, способен, докажан и пред се и над се доблесен политичар не треба да го прашува народот како (му) е за да (до)знае, особено ако учествува во се она што му било, му е и не се надева дека ќе му биде поинаку. Конкретно, ако како коалиционен партнер учествува во владеењето односно во власта- Владата. Како владее ако не знае како му е поради се она што го правел и го прави, а особено има намера да (му) го прави во иднина?

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Трето, еднакво валидно, е проблемот на слушање (или барем на наслушнување) на гласот на народот секогаш, во секој момент, во секое време и невреме. Најмалку во предизборен период или во рамки на предизборна кампања. Затоа што тој отсекогаш најмногу зборувал и секогаш зборува баш кога никој не го прашува (што би требало за еден политичар од кој било и каков било калибар да биде најважно, ако не и најопасно). Обично кога почнува да го прашува некој (на пример, власта или некој во неа), тогаш тој не одговара оти е предоцна, туку се случува негово „случување“.

Четврто, колку и да звучи иронично (се разбира дека, меѓу другото, и иронизирам), „проста“ вистина е дека на народот му е одбивно обраќањето како на „едно“. Со таквото обраќање однапред му кажувате не дека го почитувате, туку уште повеќе дека не сте дел од него. Затоа што го сметате за толпа, „безлична маса“. А токму еден либерал- демократ би требало да го знае барем тоа- дека мудриот дел од народот“ е искусниот, способниот, творечкиот, креативниот, итриот, па и снаодливот .

И последното, можеби најважното: опасно е народот да се прашува како е. Затоа што тој нема да го даде вистинскиот одговор, а згора и многу се лути кога така се прашува. Од проста причина што знае да одговори само кратко: „Никако!“, „Секако!“ или, најчесто, „Има и бетер“. Ако таков одговор очекуваат Пенов и неговите сопартијци, нема потреба да се шетаат низ Македонијава и да прашуваат како што прашуваат.

Прочитај и за ... >>  Економија: помеѓу оптимизмот и песимизмот

Патем, еден многу поискусен новинар (и со сета моја почит кон него), кој деновиве ја коментираше токму тековната предизборна кампања на Пенов односно на ЛДП и притоа изнесе многу факти и аргументи зошто токму оваа партија нема доверба кај народот ниту 1% (ниту може да ја зголеми), кој исто така смета дека „(пре)слушањето“ на гласот на народот е популистичко и воопшто не и прилега на партија со таква политичка провениенција, го избира народниот одговор „Никако!“. Мислам дека греши. Мислам дека оние што ги прашува Пенов како „народски елементи“ најчесто му одговараат „За никаде!“. Ако не е така, тој не би ги коментирал нивните одговори со оптимистичкото: „Сепак, не е се така црно“. А притоа неубедливо (иако се обидува да ги убеди) „докажува“ дека има и нешто „бело“, а особено „розово“.

Се д0одека на Пенов и ЛДП некој не им каже да прекинат (дури имаат уште какво-такво, некакво или никакво „позитивно време“) со тековната пред се и над се ступидна кампања, им сугерирам на сите „народни елементи“ на прашањето „Како сте?“ да одговорат со реторичкото: „А зошто прашувате?“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here