Творештво и политика

Не е случајно што во насловот на овој прилог „предност“ му е дадена на творештвото, а не на политиката (кога би било обратно, насловот би гласел „Политика и творештво“). Едноставно затоа што секое модерно општество, секоја современа држава (намерно не го акцептирам системот-уредувањето) творештвото го става на пиедесталот,на врвот од егзистенцијалното скалило, на вредностите на идентитетот. Следствено, со сите сили, можности, капацитети го поддржува, го поттикнува, го стимулира, му овозможува непречено и интензивно да се развив. А резултатите-делата ги помага во нивната сопствена и заедничка валоризација (како цивилизациски дострели) и афирмација.

Во оние држави-општества во кои предимство има политиката (таа е „над“ творештвото во секој поглед), постои латентна кризна состојба, од криза на вредностите и непостоење на развиен вредносен систем, до индивидуална деперсонализација и негација-загроза на колективниот идентитет.

Творештвото како смисла и цел на егзистенцијата (и личната и колективната) опстојувало и опстојува, постојано се развивало и се развива, се гради и надградува, без оглед на деструктивниот однос спрема него, на негаторските тенденции-тоа да се оебзвредни, обезличи, маргинализира, па и ништожи-на оние што творечкиот активитет го замениле со нетворечки процеси и дејанија, со рутинерство, полтронство, кариеризам, безидејност и бесцелност.

Се разбира, тој деструктивен однос го „негуваат“ пред сѐ политичарите, и тоа од нашата „провениенција“, имајќи ги предвид симплифицираното и карикирано сфаќање и „водење“ на политиката. Дури и на културната.

Да, сметам дека е крајно време, прва „домашна задача“, и политичарите и сите други да почнат да ја учат и практикуваат „вистинската“ политика. Со други зоборови, примерената политика на нашево време. Притоа, не мислам на оние што ги „бидува“ за политика, оти во современиот-модерниот свет такви нема, ниту може „да ги роди мајка“, туку на оние што се способни, знаат и умеат да водат политика (во која било област). Крајно време е таа да се заборави како вештина на управување со државата, како мудрост и вештина на однесување со луѓето, досетливост-итроштина, снаоѓање, препреденост, а да се учи и научи, потоа и да се практикува како промислено и авторитетно остварување на волјата и интересите на граѓаните, на нивните стремежи и цели, на нивната иднина.

Политиката како наука? Да.

Уште Аристотел во своето дело „Политика“ неа ја анализира како наука и како практика. Во него тој ја истражува политиката како реалитет на различни емпириски форми на власт во државната заедница и како наука за природата, функцијата и целите на таквата заедница.

Политичката наука или политологијата ја препознаваме како збир на теории и сознанија за претежно емпирискиот супстрат на политичките форми на општеството и историскиот развој на тие форми, а филозофијата на политиката како наука која ги разгледува човековите вредносни остварувања во рамките на животот на политичката заедница.

Каква е нашава сегашна политика и какви политичари ја водат, полесно ќе заклучите сами ако потсетиме на основното значење на поимите политикантство и политикант-политикастер:

Политикантство: колоквијален израз за дејствување спротивно на општата и јавна политичка дејност, дејствување поради лична материјална корист, сигурност, кариеризам; потоа задкулисно дејствување, интригантство, озборување-кодошење, непринципиелно здружување поради моментна корист, како и градење на политичка позиција со неполитички средства: со лични врски, роднински односи (непотизам), поранешни заслуги, бирократски ујдурми, уцени, полтронство, подметнувања и слично; за разлика од демагогијата како борнирана политика, политиканството е под нивото на политичкото дејствување.

Политикант-политикастер: надриполитичар, човек кој се занимава со политика, а не ѝ дораснал.

Коментирај со својот Facebook профил

Оставете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *