Потребно време за читање: 3 минути

Како што можеше лесно да се предвиди, изненадувачката успешна акција на Американците за ликвидирање на светскиот терорист број 1 остава многу отворени прашања и дилеми и повеќе од сигурно е дека уште долго ќе се „потхранува“ со нови детали и непознати нешта. Најновата, која дојде од Иран, е дека водачот на Ал Каеда умрел од болест многу одамна пред тој да биде убиен!

Веста е најнова, денешна:

Иранските власти тврдат дека Техеран има цврсти докази- прецизни информации оти починал од болест. Иранскиот министер за разузнавање Хеидар Молеши прашува: доколку ЦИА и американската војска го убиле, тогаш зошто не ги покажат фотографиите и зошто го фрлиле телото в море?

Да потсетам, телото на Бин Ладен беше погребано в море неполни 24 часа по неговата егзекуција, а ДНК тестот потврдил дека станува збор за него, а американскиот претседател Барак Обама не дозволи да се објават фотографиите од убиениот затоа што било можно тоа да покрене насилство врз американските граѓани.

Претходно Пакистан најави дека ќе започне истрага за убиството на Осама Бин Ладен. На тоа најмногу придонеле жестоките критики дека Исламабад дозволил американските специјалци да го нарушат суверенитетот на Пакистан со еднострано преземената акција. Ќе ја води армијата, а пакистанската власт е во мошне непријатна ситуација бидејќи нарушувањето на територијалниот суверенитет на земјата е неспорно. Згора на тоа, дојдоа и сомнежите на Вашингтон дека Пакистан соработувал со Ал Каеда во засолнувањето на Бин Ладен во куќата во Аботабад, каде што беше ликвидиран, а што премиерот Јусуф Џилали одлучно ги отфрли.

Прочитај и за ... >>  „Меѓународната“ знае дека Атина не е подготвена на разумен компромис!

Очекувано, кризата помеѓу Пакистан и САД од ден на ден се повеќе се продлабочува. Во овој момент Пакистан одбива да ја објави адресата каде го засолнила семејството на Ладен уапсено веднаш по неговата ликвидација.

Имено, пакистанското Министерство за надворешни работи потврди дека нема намера да им ја открије локацијата на трите жени и осумте деца дури ни на агентите на ЦИА. Се очекува дека нивното сослушување би помогнало за расветлување на мистеријата за движењето на лидерот на Ал Каеда од 2001 -та година, но и детали за операцијата на американската морнарица.

Изнесен е податок дека 10- годишната потрага по Бин Ладен според некои процени ги чинела Американците најмалку три милијарди долари- пари потрошени за зголемување на безбедноста во земјата, за војните во Авганистан и Ирак и оние директно вложени за негово пронаоѓање.

Денеска се јавија неколкумина од синовите на Осама Бин Ладен, кои како Ал Каеда не го доведуваат под сомнеж неговото убиство, што ќе рече дека кај нив не „игра“ тврдењето на Иран, ги критикуваа американските власти за сурово убиство на нивниот татко, нарекувајќи ја целата операција понижувачка. Тврдат дека тој бил убиен невооружен и фрлен в море.

Прочитај и за ... >>  Надеж на светот: економски раст на САД во 2010-та

Во изјава за најтиражниот американски весник „Њујорк Тајмс“ тие прашуваат зошто невооружен маж бил убиен наместо да биде уапсен и суден.

Во друга изјава, која исто така му се припишува на семејството на Бин Ладен, а објавена на џихадистичка веб страница, неговото погребување в море се нарекува „понижувачко“ за семејството, но исто така и се доведува во прашање дали навистина бил тоа Бин Ладен, поради тоа што не биле презентирани видео докази за тоа.

Дали се доволна потврда објавените 5 видео снимки (од кои, интересно, е отстранет аудио записот) запленети во куќата на Бин Ладен од страна на САД дека е тој навистина мртов? Пентагон потврди дека Осама останал клучен човек на организацијата се до неговата елиминација и активно ја предводел, а операциите ги надгледувал од Аботабад.

Една снимка била направена во октомври или ноември 2010. година, а на неа Осама е прикажан како подготвува порака која и е упатена на САД. Три снимки прикажуваат проба за снимање на видео порака. На петтата е прикажан како гледа телевизиска емисија за него на арапски јазик. На неа нема ништо што би укажало дека се наоѓа во куќата во која е убиен.

Би Би Си оцени дека е ова обид на администрацијата на Обама да ги убеди сите скептици дека Бин Ладен е убиен.

Од друга страна, САД објави дека во акцијата е запленета до сега најголема колекција материјал поврзан со тероризам. Во тек е проверка на компјутерите, опремата и документите запленети во куќата во Аботабод, каде што Пентагон тврди дека Осама се криел 6 години.

Прочитај и за ... >>  Русија пред решителна (и решавачка?) борба против тероризмот

А колку заканите за одмазда го загрижува светот? Секако многу, иако сите се трудат, а пред се САД, да не го искажат, уште помалку да и го наметнат на јавноста.

Одмаздата беше објавена во вид на соопштение на милитантни сајтови на Интернет. Нивната автентичност не е потврдена, но се работи за сајтови на кои Ал Каеда и досега објавувала свои пораки.

„Набрзо, ако даде Бог, нивната среќа ќе се претвори во тага. Крвта ќе им се меша со солзите…Ќе останеме, ако е таква божјата волја, проклетство кое ги прогонува Американците и нивните агенти“- стои во соопштението потпишано со „Генерално раководство“.

А друга милитантна група, што се поврзува со Ал Каеда, наречена Ирачка исламска држава, која исто така се закани со акции на одмазда, се обврза на верност на вториот човек во хиерархијата на терористичката организација, Ајман ал Завахири. Познато е, тој е египетски доктор кој долго време се сметаше за втор човек во Ал Каеда.

Што ќе се случува во наредниот период, не се осмелуваат да прогнозираат ниту најголемите светски експерти и аналитичари. Едно е сигурно: со смртта на Осама Бин Ладен на тероризмот не му е зададен смртоносен удар. Напротив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here