Употреба и злоупотреба

Денес многу повеќе се злоупотребува отколку што се употребува. Најнапред секој и секого, а потоа сѐ и сешто. При што се поголеми последиците односно штетите, е мошне тешко да се одговори. Зависи од случај до случај, од ситуација до ситуација.

Во актуелниов миг помеѓу злоупотребата на секого и на сешто можеме да ставиме знак на равенство, што ќе рече дека е подеднаква и според „содржината“ и според „тежината“. Притоа, од „секого“ можеме да ги издвоиме новинарите, медиумите и социјално загрозените поединци и групи, а од „сешто“ особено добиената-стекнатата позиција во општеството (влијание) и функција во власта.

За употребата нема што многу д се зборува. Нејзината суштина е во „нормалното“, општоприфатеното (без последици за други) постигнување на целта, а „најбезболна“ е употребата на средствата за производство. Сепак, од сите употреби најголема е онаа на зборовите (празните, но и истрошените, изабените од преголемо користење-повторување). Кога се тие во прашање, многу е тешко да се согледа-догледа, навреме да се дознае кога се преминало во злоупотреба. Најчесто нивната употреба е всушност злоупотреба.

При употребата и злоупотребата најважни се употребувачите и злоупотребувачите. Кои се тие? Умееме ли да ги препознаваме навреме, пред и нас да не земат во свои раце?

Постојат повеќе групи или категории на употребувачи и злоупотребувачи. Помеѓу употребувачите на прво место се бизнисмените, а помеѓу злоупотребувачите политичарите.

Бизнисмените употребуваат сешто и секого за да им „цути“ бизнисот, за да не се доведат во „неблагопријатна“ ситуација, а политичарите ги злоупотребуваат довербата и трпението на народот за остварување на своите егоистички, кариеристички амбиции. Досега кај нас (во светот е друго) поинакви сѐ уште „не родила мајка“. На пример, чесни, искрени, доблесни, достоинствени.

А што е тоа злоупотреба?

Злоупотреба е кога некому му правиш или му нанесуваш зло поради употреба. Не е точно? А да не е точно кога некого го употребуваш за да му нанесеш зло на друг (во множина на други, може и на сите)? Може да е точно, а може и да не е? Е, па, тогаш, сигурно станува збор за причинско-последична поврзаност помеѓу злото и употребата.

Ми се чини дека најилустративен пример на злоупотреба е нашата полит-бизнис олигархија. Токму поради неа-злоупотребата нејзе никој ништо не ѝ може, особено не некој нејзин член да биде фатен во „неправо“ дејание и да го „изеде темница“.

Да, полит-бизнис олигархијата владееше досега, а и натаму ќе владее со државата, со нас, особено со „ситната боранија“ која како за сламка на спасот се фаќа за лагите и глупостите што ѝ се нудат. На пример за глас „плус“ на парламентарни избори. Порано тој се „купуваше“ и со килограм брашно или шеќер, а сега со проценти кои и онака ќе ги добијат во наредниот период: ќе ги дадат Европа и другата „меѓународна“ во рамките на инвестирањето во глобализмот за и кај нас ни случајно да не крене глава локализмот.

А кој злото го употребува кога нешто или некого употребува? Не брзајте со одговорот. Поарно прашајте го…ако сакате да станете…милионер? Не, туку еден од „нашите“ или ваш „коалиционен“ партнер.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *