Потребно време за читање: 3 минути

Германските избирачи го потврдија (поздравија) досегашното успешно раководење на Ангела Меркел со модерната и моќна Германија и и доверија уште еден мандат. На изборите во неделата (27.09.) тие и дадоа можност да формира нова влада на десниот центар.Според прелиминарните резултати (неформално дефинитивни) на парламентарните избори со 33,6% освоени гласови победи конзервативниот блок ЦДУ-ЦСУ на канцеларката Меркел. Тоа и овозможува да ја раскине „големата коалиција“ со Социјалдемократската партија на актуелниот шеф на дипломатијата Франц Валтер Штајнмаер и да формира коалиција со Слободните демократи, кои на изборите забележаа одличен резултат.

Ангела Меркел најави дека мошне брзо ќе оствари разговори за формирање на коалиција со лидерот на Слободните демократи Гвидо Вестервеле кој, најверојано, ќе биде нов министер за надворешни работи. Во текот на кампањата таа тврдеше дека промената на коалиционата власт е неопходна за да се обезбеди побрз економоски раст. По победата изјави дека приоритет на нејзиниот втор мандат ќе биде во најголемото европско стопанство да го врати просперитетот, а во тие рамки заштитата на постојните и отворањето на нови работни места ќе биде нејзина главна задача. Се надева дека во сојуз со Слободните демократи ќе може да ги намали даноците и да го запре спроведувањето на планот за затворање на нуклеарните електрани во Германија до 2021. година.

Шефицата на конзервативната Христијанско- демократска унија истакна дека нејзината партија ја постигнала поставената цел и е убедена оти новата конзервативно- либерална влада токму во време на кризата ќе стори се на земјата да и биде подобро.

Прочитај и за ... >>  Одложен датумот за преговори за членство во ЕУ

Што се однесува на освоените гласови, забележано е дека 33,6% гласови на конзервативните партии- ЦДУ и баварската сестринска Христијанско- демократска унија ЦСУ се 2% помалку во однос на претходните избори, пред 4 години, што претставува втор најлош резултат во последните 6 децении.

Досегашниот коалиционен партнер на конзервативците во сојузната влада, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), на чие чело е германскиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмаер, доживеа драматичен пораз освојувајќи само 22,5% гласови- најлош резултат во повоената историја на државата.

„Ова е горчлив ден за социјалдемократите“, оцени тој.

Либералите, посакуваниот коалиционен партнер на конзервативците, добија 15% гласови што претставува најдобар резултат на оваа партија на сојузуни парламентарни избори досега. Со тоа е овозможено ЦДУ/ЦСУ и Либералите да ја состават саканата владејачка коалиција зашто, судејќи според се, ќе имаат мнозинство од 324 мандати во Бундестагот со 614 места.

Рекорд постигнаа и сега опозиционите Зелени и Левицата. Обете партии освоија најмногу гласови во однос на сите досегашни сојузни избори- Зелените 10,5%, а Левицата 12,5%.

На изборите излегле 72,5% избирачи, 5% помалку во однос на 2005. година, а што претставува и најмала излезност на сојузни избори од крајот на Втората светска војна. Во Германија живеат околу 82 милиона жители. Право на глас имале околу 62,2 милиона, од кои 32,2 милиона жени и 5,9 милиони луѓе со странско потекло. Од 3.556-темина кандидати на 29 партии тие требаа да изберат 598- мина пратеници на долниот дом на парламентот, Бундестагот.

Прочитај и за ... >>  На македонскиот политички „фронт“ ништо ново

Во федерална Германија горниот дом на парламентот, Бундесратот, го сочинуваат делегации на сојузните покраини чиј состав соодветствува на мнозинските односи во покраинските парламенти.

Инаку, во централата на ЦДУ победата е прославена со неизбежната компир- салата, шницли, переци, прочуениот колач од јаболка и други мирудии.

Некои аналитичари веќе излегоа со проценки дека најсилната жена во политиката ја губи моќта и оти последниот мандат нема да го истурка до крај- ќе ја води државата уште две до три години, а потоа ќе му го отстапи местото на друг. Акцентот го ставаат на убедливиот резултат на Либералите, што секако ќе се одрази на функционирањето на новата коалициона влада. Имено, во предизборната кампања тие постојано нагласуваа дека имаат амбиција и се подготвени да ја преземат улогата на креатори на внатрешната и надворешната политика. Инсистираа(т) на поголемо влијание на Германија во ЕУ и НАТО, како и на што поскорешна реализација (без отстапка или одолговлекување) на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, откако тие ќе ги исполнат условите.

Прочитај и за ... >>  Споменици и скулптури во центарот на Скопје: тежината на опозиционерското „против“

Што се однесува на рефлексијата на резултатите од изборите во Германија односно обезбедувањето на водечката позиција на ЦДУ и новиот канцеларски мандат на Ангела Меркел врз Република Македонија, треба да се подвлече цврстата соработка на ВМРО- ДПМНЕ, која несомнено ќе се продлабочува, особено во однос на поддршката на надворешната политика на Владата на Никола Груевски, пред се евро- атлантската интеграција на земјава (на што „погодува“ и заложбата на либералите за проширување на ЕУ). Од друга страна, пак, катастрофалниот пораз на социјалдемократите на Штајнмаер би требало да го загрижи СДСМ на Бранко Црвенковски, зашторасположението на европското гласачко тело (наклонетост кон конзервативците односно десниот центар) секако има значајно влијание врз расположението на македонското.

Куризоитет или „нешто повеќе“:

Германската „Пиратска партија“- „Piratenpartei Deutschland“ (формирана е и во други земји-Швајцарија, Австрија, Чешка, Србија, Хрватска; наскоро и во Македонија?), чиј старосен просек на членството изнесува 31 година, постигна голем успех освојувајќи дури 2% од гласовите на избирачите, а во универзитетскиот град Тибинген, како што се проценува, уште повеќе- 3,5%. За влез во долниот дом на парламентот партиите мораат да го минат цензусот од 5%. „Пиратите“, кои себе си се викаат Партија на модерното информатичко општество, се пред се Интернет активисти и оние што се залагаат за повеќе граѓански права и слободи, слободен пристап до знаењето и културата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here