Потребно време за читање: 9 минути

Европа и САД конечно „ја открија Америка“: Данајската република (Грција) нема проблем со името на државата Република Македонија, туку со идентитетот на македонскиот народ! Поради ова најново „откритие“ Атина е дефинитивно срамно „разголена“, па единствен спас гледа во евентуалното убедување на своите сојузници и пријатели по изборите во јуни; дека токму тој- идентитетот е опасен за целата западна цивилизација, а не само за неа.

Не сум убеден дека во тоа нема да успее, а што, пак, од друга страна, ќе значи или „поголема флексибилност“ на Македонија, која подразбира „компромис“ околу „македонски“ (јазик, култура, корени, блиско и далечно минато- историја, традиција…-идентитетот во сета негова комплексност) или спорењето на нејзиното име (не уставно) да продолжи се до идното прекројување на регионот- негово „стопување“ во „преоден“ европски дел.

Патем, нужно е, и за нас и за меѓународниот фактор, да се „расчисти“ следнава „валканица“ на Атина: таа нема „спор“ за името на својот северен сосед, туку „го спори“ неговото постоење со уставното име (не со FYROM– БЈРМ или некое „заеднички прифатливо“). Да имаш спор и да спориш е сосема различно. Кој не знае или не разбира нека стори напор да научи, а може и да најде некој да му објасни (не мора да биде многу учен).

Она што се случуваше деновиве може да се назначи како жесток дипломатски притисок врз Македонија, а по повод почетокот на претседателствувањето на Ѓорге Иванов. Најнапред да се добие „јасна претстава“ за неговата позиција во однос на спорењето на Данајската република (Грција) на името на државата, ако може и да се „смота нешто“ како конкретно решение, а потоа и да се откријат „слабите точки“ по кои во непосредна иднина ќе може да се „удри“. Весникот „Катимерини“ тоа го оцени како „сериозно раздвижување на процесот за решавање на спорот за името“, во што, по изборите во Грција идниот месец, значајна улога ќе има и Вашингтон:

САД нема да останат неутрален набљудувач, имајќи ги предвид зачестените изјави на високи американски претставници во последно време дека Македонија треба што побрзо да стане членка на НАТО. Атина засега чека да види каква ќе биде позицијата на новата американска администрација и колку активно ќе се се вклучи во решавањето на спорот за името.

„Навтемборики“, пак, наведе дека Вашингтон го засилува притисокот врз Данајската република (Грција) и Македонија за брзо решавање на прашањето за името. Во тој контекст е и посетата на американскиот заменик државен секретар Џејмс Штајнберг на Атина и на Скопје. Штајнберг јасно посочи дека САД сакаат брзо решение за името и приклучување на Македонија во Северноатлантската алијанса.

Пораката на САД, заедно со јасниот став дека се работи за „спор за името“ и за ништо друго, е поттикнувачка за македонскиот државен врв и влева оптимизам. Не за негово брзо решавање, туку за дефинитивно надминување на тој апсурден „спор“ со алтернативно име на државата (ништо ново, постојат многу такви примери во светот- Грција, Хрватска, Црна Гора, Германија, Финска…) или, доколку не се престане со спорењето на идентитетот на македонскиот народ, преговорите да се прекинат и Република Македонија да нема пречки за влез во НАТО и ЕУ. И досега Америка ги поддржуваше напорите во рамките на Обединетите нации што поскоро да се најде прифатливо решение во спорот за името, па е многу позначајно тоа што таа останува стратешки партнер на Македонија. Со други зборови, новиот претседател Барак Обама и неговата администрација остануваат доследни на континуитетот во надворешната политика, на интересот за регионот и Македонија во него. Тоа едновремено значи дека и ЕУ ќе мора да „корегира“ нешто во своето досегашно однесување како сојузник, партнер и пријател на Атина. Во тој контекст треба да се третира и „раздвиженоста“ на „клучните“ европски држави и Брисел.

Прочитај и за ... >>  Според Буш, Македонија во НАТО

Во разговорите во Скопје македонскиот претседател Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски го информирале Штајнберг дека државниот врв има единствен став околу преговорите, постои целосна согласност за стратегијата, а по изборите во Данајската република (Грција) Македонија суштински (?!) ќе се вклучи во преговорите.

„САД навистина ги поддржуваат напорите на господинот Метју Нимиц со цел да им помогне на Република Македонија и Грција да дојдат до заедничко прифатливо решение и нашата главна улога тука е да го поддржуваме тој процес и да ги охрабруваме двете страни да дојдат до заедничко разрешување на овој проблем“, изјави Штајнберг.

Смирување на „топката“ од страна на Груевски:

„Во целиот изминат период правиме напори прво за претставување на нашата позиција, нашиот проблем којшто ни е наметнат од страна на Грција, лобирање во тој правец, и ние тука немаме изостанато. Така што оваа збиена агенда што ја видовте деновиве е една случајност. Така излегоа работите. Инаку, ние и претходно, во изминативе две-три години, постојано, секогаш кога имавме можност, се обидувавме да имаме активности коишто ќе и помогнат на Република Македонија“.

Штајнберг во Скопје допатува од Данајската република (Грција), каде што имаше средби со данајскиот (грчкиот ) државен врв- премиерот Караманлис и шефицата на дипломатијата Бакојани. Портпаролот на МНР Кумуцакос пред неговата посета изјави дека Атина не очекува нова американска иницијатива и нема показатели кои би укажувале на тоа.

Во врска со „повторното откривање на Америка“ (поволно за Македонија, но и за ЕУ!) најдециден беше американскиот амбасадор во земјава, Филип Рикер, појаснувајќи ја изјавата на заменикот- помошник државен секретар за Европа и Азија, Стјуарт Џонс- дека преговорите се водат само за името:

„Прашањето е за името и затоа се вика спор за името. Македонија и Грција треба да работат за да го разрешат тоа. САД ќе направат се што можат за да помогнат, преку процесот што се одвива во Обединетите нации под водство на амбасадорот Нимиц кој е многу активен. Чувме и од новиот претседател Иванов во неговиот инаугуративен говор дека има намера да работи во таа насок. Тоа е билатерален спор помеѓу Грција и Македонија и ние ги охрабруваме двете страни да работат напорно за да најдат решение. Решение со кое Македонија ќе ја исполни својата желба за влез во НАТО и ќе и помогне во аспирацијата за влез во ЕУ. САД и понатаму ќе останат во блиска соработка со Македонија која и натаму ќе ја има целосната американска поддршка. И донацијата од половина милион долари во опрема за поголема безбедноста на македонските граници е во таа насока“.

Потсетувањето на единственото „нешто“ што го спори Данајската република (Грција), „повторното откривање на Америка“, некои македонски аналитичари го оценуваат како „враќање во игра“ на Времената спогодба од 1995- та година. Што може да се протолкува како аналитичко „промашување“, па дури и како политички инфантилизам. Имено, таа ниту била, ниту е отфрлена односно напуштена за сега да се „враќа“, туку била и е прекршена од страна на Атина, а Македонија поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (конкретниот повод е блокадата на македонското членство во НАТО). Значи, доколку досегашните државни и политички македонски „врвови“ беа достојни и доследни, конзистентни и принципиелни, не ќе чекаа некој друг (САД) да потсети кое е „суштинското“ спорење, па преговорите ќе беа прекинати во оној момент кога „едната страна“ (како што е наречена Данајската република (Грција) во Времената спогодба) ја почна амбицијата да негира постоење на еден народ, на неговиот идентитет, а што претставува еклатантен пример на „реинкарниран“ наци- фашизам! Меѓутоа, бидејќи во случајов не е доцна за да биде предоцна, барем додека трае, неуспешниот американско- европски притисоко нуди извонреден отворен простор за последен чекор: или компромис- „флексибилност“ со понуда на алтернативно име на Македонија (може и избрано од неколку предлози со претходно изјаснување на референдум- но не мора), запишано во Уставот заедно со „Република Македонија“, или едностран прекин на преговорите (од македонска страна)!

Прочитај и за ... >>  Убиството на Бин Ладен и натаму светска топ тема

Интересно, дури и Љубомир Фрчковски, кој во својата предизборна кампања како претседателски кандидат ветуваше (тврдеше) дека, ако биде избран, лесно ќе го реши „спорот“, сега „ретерира“ и укажува на „суштинското“ спорење на Атина:

„Во секој случај треба да добиеме гаранции, од Американците веројатно, или во резолуцијата која ќе ја замени резолуцијата со која сме примени во ОН. Во неа една реченица мора да стои, она што Нимиц и нивниот шеф на дескот за Балканот Фрид го повторија- дека за нив е неспорно постоење на македонски народ и нација – тоа да стои таму. Со таква гаранција, паралелна, ние го имаме задоволено нашиот витален интерес и можеме да одиме во договор за меѓународното име, онака како што без тоа би било ризично, морам да кажам. Ние ќе бидеме изложени на изведување на националноста од новото име (подвл.мое)“.

(За гарантирањето на идентитетот види го мојот текст објавен на овој блог под наслов „Иденитетот не се гарантира, туку се богати и брани!“.)

Во рамките на европскиот „дел“ од офанзивата Брисел и Париз уште еднаш се обидоа да „притиснат“: најнапред Македонија да не го „провоцира“ јужниот сосед со споменик на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ (смешно е, дури ступидно „тежината“ на спорот да се сведе на еден споменик, како што беше исто, но требаше време да се разбере како такво и „тивко“ да се заборави именувањето на аеродромот во Скопје со „Аеродром Александар Велики“; а посебно ако се има предвид дека Бакојани веќе договори подигање на споменик на Александар во Ирак!); потоа „стариот бисер“ дека Македонија треба да го реши спорењето на Атина(?!), за на крајот да „поентира“ францускиот претседател со ставот дека е неопходно да се најде решение, а тоа не може да биде Република Македонија.

По средбата во Париз Груевки дипломатски го „спушти“ Саркози:

„Претседателот на Франција покажа волја да помогне процесот да се придвижи и да се реши за да може Македонија да оди напред. Тој сака да ја види Македонија да оди напред. Јас сум задоволен од неговите позиции, од неговите кажувања и искажувањето подготвеност да вложи повеќе напори во разрешувањето на тој спор и за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО“.

Франција целосно ги поддржува европските амбиции на Македонија, што не е ништо ново. Впрочем, таа поддршка не недостасува ниту од Данајската република (Грција), но „само“ со променет идентитет на македонскиот народ. Француската поддршка беше потврдена и по средбата на премиерот Груевски со министерот за имиграција Ерик Бесон, кој јасно стави на знаење дека Париз ќе го поддржи укинувањето на визите за македонските граѓани што е можно поскоро.

Сепак, „светла точка“ во притисокот (се разбира не единствен) е јасниот став на Норвешка за евро- атлантската инеграција на Македонија без потенцирање на спорењето на името од страна на Атина. По средбите со претставници на македонското Собрание, претседателот на Парламентот на Кралството Норвешка, Торбјорн Јагланд, оцени дека интеграцијата „ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во регионот“. Норвешка ја цени помошта што Македонија ја дава во мисијата на НАТО во Авганистан преку медицинскиот тим кој дејствува во областа во која се распоредени норвешките војници.

Во рамките на официјалната посета на Скопје тој ја промовираше кандидатурата за Генерален секретар на Советот на Европа (СЕ), истакнувајќи дека очекува поддршка од Македонија. СЕ е неопходен како организација затоа што ги поставува и ги вреднува заедничките вредности, без кои не ќе беа возможни ниту економската интеграција, ниту проширувањето на ЕУ по падот на Берлинскиот ѕид.

Во меѓувреме не мируваа и домашните медиумски „заговарачи“. Тенденциозно „громоглано“ најавија дека според изјавата на претседателот Иванов двојната формула веќе не е во „игра“! Иако и „најповршните“ проследувачи на спорот знаат дека таа е отфрлена многу одамна од страна на Атина. Нејзината реактуелизација од страна на Груевски односно Владата беше само една од варијантите која не „стаса“ ниту до преговарачот Нимиц. Во оваа смисла и во Брисел сосема јасен беше Ѓорге Иванов:

Прочитај и за ... >>  Има ли македонската опозиција „црвена линија“ при решавање на „спорот“ со Грција?

„Како што знам, предлогот за двојна формула беше во 2004- та или 2005- та година во преговарачкиот процес и тој беше отфрлен од грчка страна“.

Македонските медиумски „заговарачи“ не можат без шпекулации, па по првата средба на Иванов и Груевски посветена на името лиферуваа „заклучок“ дека токму „напуштањето“ на двојната формула како можен компромис е нова државна платформа. Малку ги „буни“ цврстиот став на советниците на Иванов, од кои посебно е потенциран на Ристо Никовски:

„Предлогот за името, Република Северна Македонија, апсолутно го игнорира и директно и индиректно го загрозува постоењето на македонскиот народ. Изворот на името на нашата држава произлегува од името на народот, а не од името на регионот“, изјави тој во емисијата „Резе“ на македонската телевизија Скајнет.

Никовски потенцира дека Македонија во решавањето на разликите околу името со Грција треба да се води од Времената спогодба и оти не смее да ја девалвира својата преговарачка позиција:

„Ние во Њујорк треба да разговараме точно по документот на Обединетите нации (ОН), каде прифативме да разговараме за разликата која постои, а тоа не имплицира никакво менување на нашето уставно име, додека тоа не се докаже дека е потребно. Никој тоа не го докажал. Досега во процесот на медијацијата на Метју Нимиц беше дозволено да се стават на маса работи кои немаат никаква врска со проблемот што го иницираше Грција, а се решава под покровителство на ОН. Компромисот на кој инсистираат САД и Европската унија и на кој можеме и ние да се согласиме мора да биде достоинствен“.

А како потврда на новинарската глупост, па и ограниченост односно неспособност за сериозно и сестрано промислување- аналитичност, чувме „старо- ново“ од еден „голем борец“ за итна промена на името, инаку искусен но „просечен“ новинар: дека „Северна Макдонија“ е најдоброто решение, и дури дека секој следен „што би бил искамчен од наша страна“ ќе било полошо од него!

Прво, нема ништо добро што не може да биде подобро, дури и моментно најдоброто (тоа е секогаш токму такво- моментно). Но најнапред треба секое нешто добро да се открие, оцени, процени како такво, да се сознае. Второ, во конкретниов „случај“ проблемот е во „искамчувањето“. Тоа едноставно не постои, а најверојатно така го „толкува“ досегашното пасивно однесување на Македонија, а кое треба да се напушти веќе на првиот преговарачки чекор. До кога таа ќе чека „едната страна“ или Нимиц да дадат предлог, односно друг да ја прекрсти? Зарем нема мислечки, идеен, интелектуален капацитет за сопствено не најдобро, туку најприфатливо преименување?

Инаку, за предлогот „Северна Македонија“ веќе пишував и го оценив како проблематичен. Најнапред затоа што имплицира постоење на уште 3 страни и нужност од нивно „навремено“ назначување- дефинирање (кои се Источна, Западна и Јужна?), а тоа значи и моментна поделеност на еден народ (во перспектива негово обединување). Не велам дека е тоа позитивно за Република Македонија, туку напротив. Кусогледоста односно глупоста, па и ограниченоста или непособноста за сериозно и сестрано новинарско промислување- аналитичност, е во тоа што во „Северна Македонија“, при недефинирање на другите три „страни“ на „цела“, денес не можат да живеат други освен „Северномакедонци“, кои говорат „северномакедонски јазик“, вредностите што ги создаваат се „северномакедонски“ итн. Нема други „страни“ затоа што до вчера (друго е прашањето кога почнува „вчера“- веројатно од осамостојувањето односно независноста на Република Македонија) биле „некои“ што не можат да се наречат поинаку освен „југословенски“ (затоа и постојната само привидно апсурдна референца FYROM- БЈРМ)!

Колку за информација и предупреда: Западна, Источна (со Тракија) и Централна Македонија се наоѓаат во Данајската република (Грција). Тоа се 3 од нејзините 13 периферии односно покраини што го сочинуваат најголемиот регион- Егејска или Приморска Македонија, кој Данајците (Грците) го нарекуваат Македонија. Таа е најголемиот дел од етничка Македонија- 51% од нејзината географско- историска целост која со Букурешкиот договор од авуст 1913- та година е поделена: на Грција и е подарена Јужна (Егејска Македонија), Бугарија ја добила Источна, а Србија Северна и Средна (Вардарска Македонија). Подарокот го направиле големите сили (познато е кој), а по завршувањето на Втората балканска војна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here