Потребно време за читање: 2 минути

Лично не верувам дека од „откритието“ на „Нетпрес“ ќе се изроди нов „случај Црвенковски“, особено откако е објавен датумот на предвремените избори и со тоа почна или, поточно, продолжи незаконски предвремената предизборна кампања. Едноставно, тоа од СДСМ односно опозицијата и нејзините медиумски мегафони, предводени од А1 ТВ, веќе се „дефинира“ како уште една измислица на власта, а предизвикана од „ноќната мора“ Црвенковски.

А што е „откритието“? Кабинетот на екс претседателот Црвенковски платил 530.000 евра за дводневен самит во Охрид. Како да не?!

Најнапред сосема кусо за „Нетпрес“: таа не е некој „нов измислен Интернет портал“ на власта, како што имавме можност да чуеме од „засегнатиот“, туку новинска Интернет агенција која е активна веќе неколку години.

„Нетпрес“ тврди дека екс претседател Црвенковски платил над 530.000 евра на фирмата „Пристоп МК“. Објави и документи од Бирото за јавни набавки дека парите биле потрошени за организација на охридскиот Самит на претседатели во мај 2008., кој траеше еден и пол ден.

Прочитај и за ... >>  Во СДСМ не само лидерска криза

Според „Нетпрес“, еден од основачите на „Пристоп МК“ е режисерот Игор Иванов, син на тогашниот советник на Црвенковски Зоран Иванов, а кој фигурира и како основач при првичното основање на фирмата „Пристоп МК“. Интересно е што втор основач и сопственик на половина од „Пристоп МК“ е друштвото за комуникациски менаџмент „Пристоп Скупина ДОО“ од Словенија, чиј основач е Словенецот Дејан Верчиќ. Токму ова лице е „врската“ со аферата „Надеж“, чија завршница тешко дека ќе ја дочекаме. Имено, Верчиќ беше еден од тројцата автори на стратегијата „Надеж“, која требаше на Црвенковски да му помогне да ја урне власта, а за која неговиот кабинет платил 340.000 евра.

Реакцијата на „Пристоп МК“ и СДСМ е очекувана: наводите на „Нетпрес“ се паушални и тенденциозни. За нарачаните и и реализираните активности до кабинетот на Црвенковски е доставен извештај со целосна документација за потрошените речиси 33 милиони денари. За СДСМ не постои никаква врска помеѓу стратегијата „Надеж“ и самитот, а се закани и дека кога ќе формира влада ќе го проверува начинот на организација на безбедносниот форум НАТО организаиран од владата.
Во објавените документи може да се прочитаат мошне „интересни“ нешта:
Сопругот на генералниот секретар на кабинетот на екс претседателот Црвенковски дал препорака неговата сопруга да ја ангажира фирмата „Пристоп МК“ ( директорот на фестивалот „Браќа Манаки“ Томи Салковски до својата сопруга Наташа Савова Салковска). Договорот за најмување на „Пристоп МК“ од страна на Кабинетот на Црвенковски во агенцијата го завеле 10 дена пред Самитот на претседатели, додека во кабинетот на Црвенковски бил заведен дури една година подоцна, на 21. април 2009., само една недела пред Црвенковски да му го препушти Кабинетот на Иванов.
Од вкупно 530.000 евра само за логото на самитот во форма на лебед е платено повеќе од 12.000 евра. За изработка на предлог- проект од десетина страни е наплатено над 30.000 евра, а за непредвидени трошоци 17.000 евра.
Најголема ставка од околу 100.000 евра е потрошена за пенкала, тефтери, УСБ-стикови, карти за концерт и други материјали за учесниците и новинарите.
Ќе има „продолжение“? Да, ама веројатно не судско. Секако предизборно. Како „натпревар“ помеѓу „Скопје 2014“ и „Надеж“, со уште неколку други (поради различната „тежина“ во потрошени пари). Ќе трае се додека крај не „свирне“ народот- на денот на предвремените избори.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here