Потребно време за читање: 10 минути

Следејќи внимателно и објективно (крајно непристрасно односно неутрално) што се случува по одлуката на Уставниот суд на Македонија да го укинe членот 26 од Законот за основно образование, со кој беше овозможено да се организира верско образование за основците, се наметнуваат низа прашања и дилеми од кои, особено по некои коментари на домашни експерти и сугестии- оценки на странски дипломати, две се чинат најважни: дали се работи за точно и прецизно толкување на македонскиот Устав (гарантираната секуларност) и можно ли е тоа да претставува еден од главните проблеми што ги загрозуваат демократските придобивки, граѓанските слободи и права, меѓунационалните- меѓуконфесионалните односи итн.

Меѓутоа, има нешто што се наметнува како основен принцип и е контрадикторно на една од главните обврски што Република Македонија треба да ги исполни за да направи чекор напред кон зачленувањето во ЕУ (добивање на датум за почеток на преговори): реформи на судскиот систем. Притоа секогаш се потенцира, пред се друго, нужноста од независно судство (што ќе рече дека било и е зависно). Ефикасноста, рационалноста, модернизацијата итн. доаѓаат потоа. И никогаш досега во тој „нужен пакет“ не бил изземен некој судски „степен“, некоја судска инстанца, па таа дури да се посочи и како пример „за углед и примерно поведение“ (конкретно „освен Уставниот суд“). Важно е да се наспомне дека тоа не е задача само на оваа власт (посебно на Владата), туку и на претходната и на претходните пред неа (што ќе рече дека тие не ја исполниле). (Патем, истото се однесува и на јавната администрација, но тоа е друга тема за која сум пишувал и, се разбира, и натаму ќе ми „доаѓа“ на „дневен ред)“. Значи, „нужниот пакет“ од реформи на судскиот систем го опфаќа, меѓу другите, и Уставниот суд на РМ! Тоа може да се „поткрепи“ и со контрадикторното тврдење на опозицијата дека ВМРО-ДПМНЕ (а не коалицијата „За подобра Македонија“ и коалициониот партнер ДУИ!) сега ја има апсолутната власт, а „остана“ уште судството (значи не е апсолутна!) по кое почна да „удира“ (кому му „остана“?; чие е?; ако не е независно, што не е спорно, тогаш не може да биде на друг, освен на опозицијата!; да не е на „меѓународниот фактор“?).

Натаму, во врска со одлуката за укинување на спомнатиот член од Законот за основно образование, односно на веронауката во основното образование и жестоките реакции (меѓупартиски, јавни протести на вероучители и родители, на МПЦ и ИВЗ итн.), особено „меѓународниот фактор“ инсистира на почитување на одлуката што сосема погрешно се толкува токму со основниот принцип кога се работи за Уставниот суд на РМ: дека неговите одлуки не се коментираат и се конечни- спроведливи („факторот“ засега не се јавува да „појасни“).

Имено, почитувањето никогаш и никаде не значело и не значи некоментирање, а особено нема врска со конечноста и спроведливоста. Да почитуваш нешто или некого не значи да го прифаќаш „здраво за готово“, беспоговорно. Тоа значело и значи единствено во тоталитарни општества и држави, во „средини“ во кои нема ниту „д“ од демократија! Во конкретниов случај е јасно на која адреса се упатува „равенството“, но таа е погрешна! Досега Владата и оваа, како и сите претходни одлуки, не ги коментира(ла), ги прифаќала како конечни и ги спроведувала.

Следствено, излишна е секоја и секаква расправа дали одлуките на Уставниот суд треба или не да се коментиораат, анализираат, оценуваат поради нивната конечност. Освен ако „меѓународнот фактор“ и „останатите“, кои со право инсистираат на нивно почитување, мислат дека тој е веќе реформиран, независен. Особено дека е „труст на мозоци“ на кој се му е „во малиот прст“, а не е само „највисок“ и „последен“ толкувач на уставноста на донесени закони или делови- членови односно одредби (посредно и бранител; се знае чија е првенствена задача одбраната на уставниот поредок на земјата).

За конкретната одлука:

Уставните судии гласале за укинување на вероучењето затоа што Уставот на РМ на граѓаните им го гарантира правото на вероисповест, но никој не треба да влијае врз нив дали ќе веруваат или нема и како ќе го манифестираат своето верување („прецизното“ образложение подолу). Дали се работи за „влијание“ врз верувањето?

Укинатиот Член 26 гласи:

Во основното училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет (подвл. мое).

Во него мошне важно, би рекол најважно прашање е содржината на верското образование (доколку е јасно подвлекувањето на „може“ и „изборен“), а особено што толкувањето и олуката на Уставниот суд најмногу, дури единствено се однесува на неговата функција, значење, влијание. Бројни полемики кај нас и во странство се сведуваат токму на сушноста на веронауката. Притоа, многумина учени посочуваат дека таа не е и не може да бие „терање“ во вера, ниту „терање“ на неверниците да поверуваат во она во што не веруваат. Затоа што верата луѓето ја носат од дома како дел од културата на семејното и на заедничкото живеење со другите. „Главната“ дефиниција е дека веронауката е учење (учение) за верувањето, односно систем на уредени поуки за сопственото верување. Значи, не се работи за наука за верата, туку за учење (учение) на верата (обука во нешто, а не како научно проучување на нешто). Едно од бројните „дообјасненија“ е дека таа се „потпира“ на начелото „Верувам и знам како се прави тоа“ (а не „Врувам и тоа е доволно“).

Прочитај и за ... >>  Грција во колапс

Приведеното упатува на друг член кој единствено би можел да иницира проверка на уставноста, се разбира со претходна експертска анализа. Тоа е членот 25 кој се однесува на наставниот план и наставните програми, а особно точката 5 која се однесува на наставните програми (целите, содржините, основните поими, активностите и методите во наставата, оценувањето на постигањата на учениците, условите за реализирање на наставната програма и нормативот за наставен кадар), поточно неговото доследно спроведување.

(Патемна забелешка: за донесување на секој закон се најважни две фази- неговата подготовка, која подразбира експертност односно квалитет- го пишуваат стручни и компетентни лица со консултација односно соработка на „надворешни“ (најчесто по подготовката- пишувањето, значи станува збор за проверка- оценка), и јавна расправа која има за цел да го провери токму квалитетот (стручноста- експертноста) и евентуално да го надгради. Расправата во Парламентот е нејзина завршна фаза (пред гласање) и е вообичаено повеќе партиска односно позиционерско- опозициона и лаичка, а во мал дел стручна- експертска. Уставниот суд не го (пре)оценува квалитетот на некој закон или на законска одредба, туку исклучиво неговата- нејзината уставност.)

Потсетувам на некои акценти од парламентарната расправа- ставови на опозицијата за Законо:

-воведувањето на верско образование ќе создаде проблеми оти не се понудени наставните содржини за тоа што ќе вклучува предметот веронаука;

-разликата помеѓу одлуката на Уставниот суд за поништување на измените на Законот за основно образование од 2002- ра година е во тоа што наместо како тогаш свештеници да предаваат, сега се предвидува предавањата да ги вршат теолози; наместо во трето сега се предлага предметот да биде во шесто одделение; и наместо да биде факултативен сега тој е задолжителен (по расправата е направена измената како што стои во сега укинатиот член); со вклучувањето на теолози се избегнува замката за оневозможување на верско дејствување во училиштата, но ќе се фаворизираат две религии – православната и исламската; со оглед дека Макдонија е мултинационална и мултиконфесионална држава, се загрозува правото на еднаквост на другите малцински религии, а е можна и злоупотреба на верските обележја; постои опасност од поделба на учениците освен по јазична и по верска основа, особено во мешаните училишта (главен „презентер“ на ставовите Тале Герамитчиоски).

Еве една „синтетизирана препорака“ за учебникот „Православна христијанска веронаука“ за 5 одделение основно образование:

„Православната христијанска веронаука им овозможува на учениците запознавање, чување и развивање на нивниот верски и културен идентитет. Низ веронауката учениците ќе спознаваат и разберат дека Библијата е темелен извор на христијанската вера , и дека во неа се говори за Бога и за луѓето. Веронауката има цел учениците да се поттикнуваат на одговорно однесување во училиштето, во наставата, семејството и во животот и да развиваат дух на толеранција и почитување на различноста помеѓу луѓето, а посебно во верата. Овој предмет со разработка на содржини за другите религии: јудеизам, ислам, католицизам… на учениците им нуди повеќе можности да сознаваат дека верата е таа која не поврзува сите и дека сме упатени едни на други. Православната христијанска веронаука дава основа учениците да сфатат дека Македонија е позната во светот по својата богата христијанска култура, а особено со постоењето на многубројните цркви, манастири, фрески, икони…“.

„Главното“ образложение на Уставниот суд за укинување на наставата по верско образование во основното училиште (не на верското образование!): членот 26 се спротивставува на начелото на секуларна држава и принципите на издвоеност на црквата и државата. Уставниот суд истовремено го потврди правото на верските заедници во државата да организираат верско образование, но во нивни објекти и надвор од системот за задолжително основно образование (ова е сосема непотребно зашто и досега тоа право се спроведуваше и се спроведува; никој ниту го оспорувал, ниту може да го оспори).

Верското образование се изучува (до објавувањето на одлуката во Службен весник) во училиштата преку два изборни предмета – веронаука и историја на религии.

Прочитај и за ... >>  Нова гасна криза во Европа?

Ставот на Министерството за образование и наука (МОН):

Воведувањето на Веронауката и Запознавањето со религиите како изборни предмети во образованието не ја нарушува секуларноста на државата.

Изјава на Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието, орган на МОН:

„Во членот 26 од Законот за основно образование се вели дека во основното училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет. Веронаука и Запознавање со религиите се нудат како изборен предмет и родителите имаат право и обврска по пат на анкетирање да се изјаснат кој наставен предмет нивното дете ќе го изучува. Најодговорно тврдиме дека во развојот на наставните планови и програми се држевме до законот и до уставното начело за секуларност на државата и дека во наставните програми нема елементи на верско дејствување. Предметот Веронаука е образовен и дава информации за правослвната, католичката, исламската, еврејската или евангелско- методистичката религија“.

За изучување на предметот Веронаука досега се изјасниле 13.700 ученици, а за Запознавање со религиите 7.250.

Што е секуларност? „Наједноставно“: издвојување на религијата од владините институции. Во „практична“ смисла значи политичарите да ги носат своите одлуки на секуларна основа, а не на религиска. Големите религиозни заедници во светот се согласни со издвоеноста од државата, но тајно, полутајно, дискретно или сосема отворено прават обиди за поврзување на институциите со религиите. За да се оствари влијание, односно да се наруши воспоставениот однос, а најчесто повикувајќи се токму на разбирањето на секуларноста.

Малку од историјата:

Секуларноста се актуализира во ерата на просветителството во западните општества. Најнапред е воспоставена во САД и Европа, но и во Индија. Првиот амандман на Уставот на САД, напишан од Џејмс Медисон, објавува дека во Конгресот нема да помине легислатива која ќе биде поврзана со религиите, како и оти практицирањето на истата е слободно. Томас Џеферсон во писмо од 1802- ра година потенцира дека е потребно да се изгради „висок ѕид помеѓу државата и црквата“. И двајцата религиозната слобода не ја сметале само како политичка активност, туку како сечие природно право.

Некои акценти од текст објавен во „Утрински весник“ под наслов „За каква секуларност зборуваме?“, на 16.02.2007- ма, од Агатангел Станковски, митрополит повардарски:

„Секуларизацијата која забранува слобода и јавен живот на верските заедници и денеска постои, но единствено во тоталитарните општества како што се Северна Кореја или Куба. Таму, спроведувајќи го целосно секуларниот принцип, религиозноста е затворена во депоата на приватноста. За разлика од овие општества, во демократските европски држави никаде не е нарушена секуларноста со тоа што националниот телевизиски сервис, на пример, ќе прикажува настани од религиозниот живот на верските заедници. Во Европа речиси и да не постои држава каде што веронауката не е влезена во образовниот систем на државата. Директниот пренос на православната литургија на Македонската телевизија не може да ја загрози секуларноста на државата, туку, напротив, може единствено да помогне во изградбата на подобра и поцврста демократија, зашто носител на демократските вредности не е само законот, туку и благородноста и духовноста на секој поединец, кој, се разбира, претставува основна клетка на општеството…Не смееме да заборавиме дека националната култура на македонскиот човек во голема мера е изградена токму од црковните луѓе и ние како македонско општество, колку и да сакаме, не можеме да изградиме „чиста“ секуларна држава, зашто коренот на нашето национално битие се содржи во религиозноста, односно се темели врз база на православното христијанство.

Празнувањето на денот на светите Браќа Кирил и Методиј или на денот на свети Климент, на пример, не можат и не смеат да се прогласат за опасни во однос на политичкиот систем на Македонија кога овие наши луѓе, со својата бесценета работа, ја задолжиле целата европска и светска култура и цивилизација. Зошто да бидат спорни деновите како што се Божик, Велигден, Велипеток, или Водици, кога овие празници понекогаш се единствената прилика за да се видиме со семејството, што, погледнато од социјален аспект, е бескрајно корисно, па дури и пожелно. Зошто да биде спорен празникот Задушница, кога насекаде во цивилизираниот свет постои ден кога целото општество добива можност да појде на гробишта и да им ја оддаде должната почит на неговите починати роднини и пријатели…

Што се однесува до прашањето за веронауката, прво, не можеме да се согласиме со констатацијата дека воведувањето веронаука во училиштата ќе доведе до поделба по верска основа на децата и родителите, зашто поделбите не се принцип на религиозното учење, туку негов основен интерес е токму разбирањето, толеранцијата, љубовта и почитувањето на различниот од себе. Религиозноста во основа го учи човекот да се запознае самиот себеси, па преку тоа, откако добро ќе се проучи и утврди, подобро ќе го разбере и другиот, кој е културолошки поинаков. Зарем не сте забележале дека поделбите кај нас настануваат не од религиозни или културни причини, туку најмногу од завист и себељубие, што ќе рече поради тоа што некој претходно не се изградил на духовен и морален план. Второ, не можеме да се согласиме и со тоа дека проектот „Веронаука“ во 2002- ра година доживеал тотален колапс. Тоа се само пристрасни и априорни тврдења без никаква реална основа. Статистиката покажува дека процентот на посетеност на оваа настава во Брегалничката епархија (кога јас бев брегалнички владика) се движеше од околу 70 отсто во градските средини до околу 95 отсто во селските. Ако овие бројки и показатели некому му се доказ за „тотален колапс“, тогаш тој навистина има проблем со реалноста. Не знам зошто повторно се шири веронаукофобија, кога таа единствено ќе му помогне на човекот да ги облагороди и правилно да ги канализира сопствените дарби и квалитети“.

Прочитај и за ... >>  Сомневање: не свинскиот грип, туку вакцината против него опасна по здравјето!

За реакциите кои не стивнуваат:

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ (а не Владата, како што „оцени“ опозицијата) смета дека Уставниот суд е очигледно политички мотивиран, со јасна политичка обоеност.

За поглаварот на МПЦ, Г.г. Стефан, оваа одлука била очекувана затоа што неколкупати била најавувана:

„Светиот архиерејски Синод заедно со останатите цркви и верски заедници во РМ ќе го искажат својот став, својата огорченост на таквата одлука и веројатно ќе бараат начини и места да ја обжалат и таа одлука, да бараат да прекине прогонот на верата на просторот во РМ“.

За ИВЗ одлуката на Уставниот суд се базира на стереотипи и атеизам. Изјава на Јакуп Селимовски:

„Граѓаните ќе ги остави пак да бидат подучувани за религијата од членовите на нивното семејство. Тие не се доволно едуцирани верски, со стереотипи се, со негативно гледање кон религијата на другиот и мислам дека од генерација на генерација ќе пренесуваме сакато мислење во однос на религиските вредности“.

Мошне важно прашање е времето на носење на ваквите одлуки, особено поради последиците, а што очигледно воопшто не е земено предвид. На тоа укажуваат поранешниот министер за образование Сулејман Рушити и Весна Хорватовиќ. Рушити смета дека ваквите одлуки не треба да се носат среде учебна година, а посочува и на она што го пренесов погоре во текстот како стручно и компетентно мислење:

„Веронауката не беше во смисла на исповед, проповед, туку само да се запознаат децата со нивните религии“.

Хорватовиќ е децидна дека укинувањето на веронауката е во погрешен момент. Ако воопшто требало да се укине овој предмет, тоа требало да биде на крајот од учебната година. На околу 12.000 деца кои избрале веронаука сега треба да им се објасни зошто повеќе нема да го учат овој предмет.

Размислувањата за иницијатива за промена на Уставот засега се во сферата на шпекулациите на опозицијата и нејзините медиумски „сателити“. Што се однесува на нејзината оценка дека реакциите на владејачката партија (не на власта, како што тенденциозно се пласира) се класичен притисок врз независноста на судството и значат уривање на уставниот поредок, веќе ја потенцирав контрадикторноста (тврдење дека „Груевски има апсолутна власт“, ама сега демек врши притисок врз независноста на судството- значи не е тоа „негово“, а се работи за „третата власт;“ ако не е „негово“, тогаш е „нечие“, но никако не може да се третира како независно).

Вероучителите од православна и исламска вероисповед заедно протестираа пред Уставниот суд со барање тој да ја смени одлуката со која ја укина веронауката. Ги обвинија уставните судии дека носеле политички мотивирани одлуки. Иако одлуката е конечна и извршна, вероучителите не се откажуваат, како што велат, од правото да предаваат веронаука во училиштата.

И што по се што се случи, се случува и лесно може да се препостави она што допрва ќе се случи? За или против веронауката односно одлуката на Уставниот суд? Во овој момент тоа воопшто не е тема- проблем за промисла и определба. Проблем, и тоа мошне голем, мошне опасен, е што опозицијата (иницијативата на ЛДП по која Уставниот суд одлучи е само една од многуте) „удри“ по најчувствителните „точки“ на соживотот- меѓуконфесионалните и меѓуетничките односи. Без оглед што Владата и даде и и дава повод и простор за тоа со ненавремена и често не баш темелно подготвена аргументација.

Ако е тоа дел од одамна смислено сценарио за уривање на Груевски и „неговите“, со што се повеќе и почесто се шпекулира (создавање на паламентарно мнозинство и вонредни парламентарни избори во септември), тогаш се работи за навистина пеколна и бесрамна војна за (пре)власт, на огромна штета на граѓаните на Република Македонија и нивната перспектива.