Потребно време за читање: 3 минути

Очекувана вест: Парламентарното собрание на Советот на Европа ги усвои извештајот на Дик Марти и резолуцијата за трговија со човечки органи на Косово, со кои се повикува на меѓународна истрага на овие обвиненија. За резолуцијата гласаа 169-мина пратеници, 8-мина беа против, а 14-мина воздржани.

Од 19-те амандмани што ги поднесоа Албанците прифатен е само еден, па називот на резолуцијата е променет во „Истрага на обвиненијата за нехуман третман на луѓе и нелегална трговија со човечки органи на Косово“.

Швајцарскиот парламентарец Марти потенцира дека неговиот извештај не е политички за Косово и неговиот статус, не е против Косово и неговите народи или извештај во прилог на Србија:

„Многумина зборуваа за мојата храброст…Мајки во Белград и Приштина ме молеа, ме преколнуваа да ги пронајдам нивните синови. Поради нив го направив ова“.

Во текот на двеиполгодишната истрага разговарал со веродостојни сведоци „кои ја сакаат својата земја и многу се плашат“.

Заложувајќи се за започнување на истрага, тој рече:
„Ние знаеме дека откривањето на вистината и осудата на неправдата често болат, вознемируваат и тоа им пречи на стратезите и на политичарите. Во ова Собрание секогаш мислиме дека човековите права не треба никогаш да бидат жртвувани, за нив не се преговарало и не се преговара. Демократската иднина на Европа ќе биде компромитирана ако се толерираат слични односи помеѓу политиката и организираниот криминал. Нема вистинска правда без вистина“.

Прочитај и за ... >>  Грција во колапс

Марти потсети дека извештајот е подготвен по откритијата на поранешната обвинителка на Меѓународниот суд за поранешна Југославија Карла Дел Понте. Таа зборувала исто така за клима на застрашувања, дека материјалните докази собрани во Жолтата куќа во Албанија биле уништени.

Имињата кои се наведени во извештајот биле наведувани со години од полицијата, од тајни служби, од новинари, од судии.

„Познато е дека стотици и стотици лица, косовари со српско и албанско потекло исчезнаа во периодот 1999-2000 и дека нивната трага целосно е изгубена. Тоа не може сериозно да се оспорува, исто како и постоењето на тајни затвори на ОВК во северна Албанија. Жртвите беа Срби и косовски Албанци, за нас тие се човечки суштества“.

На оние кои денес бараат докази Марти им порача:

„Зошто извештајот на Марти денес предизвикува скандал, а истовремено го примивме со општа рамнодушност убиството на сведок, кој сведочеше против политичар обвинет за тешки злосторства? И зошто не се побара одговорност и објаснување од сопствените национални власти, кои имаа голема одговорност во регионот?“

Прочитај и за ... >>  Во прилог на исполнување на Македонија на уште еден критериум на ЕУ: развој на добрососедските односи

Пратениците на ПС на Советот на Европа оценија дека извештајот документира еден од најмрачните периоди на скорешната историја и оти мора да се спроведе меѓународна истрага. Притоа, меѓународната заедница треба да преземе одговорност за истрагата и заштита на сведоците.

Некои од нив истакнаа дека е шокантно тоа што многумина знаеле за злосторствата на Косово, но молчеле.

Во интервјуа за „Сонтагс цајтунг“ и „Ле матен диманш“, објавени вчера, Дик Марти рече дека не нуди докази за обвинувањата, бидејќи тој „не е истражен судија“, туку само истражувач, а неговиот извештај содржи многу точни детали. Зачудува вознемиреноста што ја предизвика, бидејќи речиси сите елементи веќе биле познати, па нагласи оти „вистински скандал е што се затворани очи пред криминалните дејствувања на одделни кругови, кои се доведени на власт во Приштина“.

Тој потсети на известувањето на „Њујорк тајмс“ и на британскиот „Гардијан“ на оваа тема, со повикување на извештајот на ФБИ од 1999. година.

Прочитај и за ... >>  Расизмот и европеизмот

„Шест години подоцна, германскиот неделник „Шпигл“ исто така извести за трговијата со човечки органи“.

Според многу парламентарци од 47 земји членки на СЕ, мисијата Еулекс е најсоодветна да ја води истрагата.

Клучното во сето ова е токму поразителното сознание дека се затворани очите пред злосторствата врз невини луѓе, дека многумина знаеле за трговијата со човечки органи, но молчеле. А штом знаеле и молчеле, или ги поддржувале, можеби и поттикнувале, или биле испланирани како „колатерална штета“.

Доколку наскоро се реализира заложбата на сите совесни и хумани луѓе, не само на пратениците на ПС на Советот на Европа- да се спроведе меѓународна истрага, тоа навистина ќе значи кочено започнување на расветлувањето на најмрачните периоди на скорешната историја на Европа и и светот. Кои не се ниту малку на број, ниту со кусо времетраење.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here