Потребно време за читање: 3 минути

Метју Нимиц си противречи на себе си со изнасилениот оптимизам од една и безизлезот, односно последниот обид со нов пакет- идеи конечно да и стави крај на валканата, неразумна, апсурдна, ступидна дипломатска игра на Данајската република (Грција) со името на Република Македонија (не уставното). Дека била таква од почетокот на спорењето (не спор, а најмалку билатерален) е и ќе биде уште не долго време, му е јасно не само на Нимиц, туку им е веќе „преку глава“ и на сојузниците на Атина во ЕУ и НАТО.

Ако се изгуби (залудно) време досега, не е (пре)доцна сега- Република Македонија веднаш „да даде на знаење“ дека, доколку и најавениот нов предлог (како досегашните) ја минува „црвената линија“ (за да се задоволи јужниот сосед), тоа ќе значи крај на разговорите- преговорите. Одамна укажувам дека е тоа неминовно. Решение на спорењето едноставно не е можно, па единствено логично е да се констатира жалење оти Република Македонија и покрај добрата волја не може да и помогне на Атина.

Има еден ново- стар „момент“ во позицијата на посредникот на Обединетите нации: тој по пропаѓањето на предлогот (кој, види чудо, беше добро решение не само за Данајците, туку „најдобро и единствено“ за некои домашни политички и новинарски медиокритети) се најде помеѓу две „црвени линии“. Македонската е одамна позната- решение кое треба да ги зачува идентитетот, дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани, а така ја именува и својата Атина (исто така позната)- името „Северна Македонија“ да се употребува во односите со сите држави и меѓународни организации (што значи менување на македонскиот Устав, а тоа не е ништо друго освен мешање во внатрешните работи на друга држава!). Во таква „позиција“ решение едноставно не е можно. Исто така е очигледно дека „посредно“ и двете преговарачки страни го објавија она што е исто така одамна познато: дека Атина преку спорењето на името „Македонија“ всушност го негира- се бори против идентитетот на македонскиот народ во сета негова комплексност (јазик, култура, традиција, историја, милениумски континуитет на живеење на овие простори…).

Прочитај и за ... >>  Уште една еколошка катастрофа

Значи, ништо ново и во, односно по јунскиот предлог- пакет на Метју Нимиц. И досега (за претходните пакети) постоеше начелно позитивно изјаснување, но со сериозни забелешки и на Македонија и на Данајската република (Грција).

Иако македонскиот преговарач начелно позитивно се изјаснил, сепак на Нимиц му биле пренесени и сериозни забелешки за предложениот сет идеи. Како што изјави на брифинг за новинарите Дарко Ангелов, од кабинетот на шефот на државата, главните забелешки на Македонија се нотирани околу опсегот на употреба на името, а е повторено оти е важно да биде заштитен јазикот и националниот идентитет. Ново е нагласувањето (не е нов став)- „цврстата“ порака дека нема да се дозволи да се менува Уставот, ниту, пак, откажување од признавањето на постојното уставно име од страна на 125 земји.

Амбасадорот Јолевски на разговорите со Нимиц му ја пренел подготвеноста на Македонија и натаму активно да партиципира во преговарачкиот процес, а се со цел да се дојде до компромисно решение.

Прочитај и за ... >>  Северна Македонија не е разумен компромис

Негова изјава по вчерашната средба во Њујорк:

„Ние на оваа средба ја искористивме можноста да ги презентираме нашите ставови на начин што ќе овозможи овој континуиран дијалог да продолжи. Македонија е посветена активно да учествува во разговорите за името и очекуваме заемно прифатливо решение, кое треба да го зачува идентитетот, дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани, и да се базира врз евроатлантските вредности и принципи на демократијата. Македонија ги исполни сите критериуми за да стане членка на НАТО и затоа нејзините граѓани со право очекуваат нејзино брзо интегрирање, бидејќи тоа го имаат заслужено и ги споделуваат вредностите на евро- атлантските институции“.

По средбата со данајскиот (грчкиот) преговарач Василакис (на 18- ти овој месец), Нимиц изјави дека Атина има сериозни забелешки, но не го отфрла во целост предлогот „Република Северна Македонија“ како компромисно решение за името. За неа е неприфатлива понуда која не предвидува име за севкупна употреба.

Нимиц за одделни грчки медиуми рекол дека неговиот последен сет идеи бил досега најизбалансирана и фер понуда што им ја презентирал на Скопје и Атина. Тој не се откажува од намерата решението да се бара околу предлогот „Република Северна Македонија“.

Прочитај и за ... >>  Сомневање: не свинскиот грип, туку вакцината против него опасна по здравјето!

Меѓутоа, дипломатски извори во Скопје за весникот „Катимерини“ изјавиле дека кај македонските власти нема волја за тој предлог, но би можело сериозно да бидат разгледани предлозите како „Северна Република Македонија“ или „Република (Северна) Македонија“.

Грчки аналитичари оценуваат дека некаков прогрес не треба да се очекува, бидејќи Данајската република (Грција) влегува во предизборна атмосфера. Владата е сериозно разнишана, нестабилна, па може да има избори есенва или најдоцна во март.

Токму затоа мојот став (не само мој) за прекин на разговорите- преговорите добива на „тежина“: да не им се даде „в раце“ на Кареаманлис и Бакојани уште една „победа на цврстата дипломатија“, поткрепена со заканата (доколку Македонија продолжи да се „инаети“) оти, како што „успеа“ со членството на земјата во НАТО, ќе го спречи и добивањето на датум за почеток на преговори со ЕУ.

Аргумент повеќе:

Што има поголема вредност: признание на уставното име „Република Македонија“ од 125 земји во светот или блокирање на членство во НАТО и датум за преговори за членство во ЕУ и покрај исполнети услови?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here