За достоинството и авторитетот

Во бурни и пресвртни времиња човековата адаптибилност е пресудна за да се продоллжи опстојувањето, дури и голата егзистенција на личниот идентитет. Притоа, човекот презема се што се чини нужно во дадениот момент, без оглед што потоа може да се покаже и залудно. Тоа најнапред предизвикува компромисерски однос и спрема средината во која се брани сопствената позиција.

Всушност, адаптибилноста во себе го содржи компромисот, но едновремено знае да предизвика нешто што го разнишува како личниот интегритет, така, а можеби многу повеќе, и личниот ангажман: отстапката.

Имено, во името на поставените цели, во името на амбицијата да се оствари дури и она што се чини неостварливо се прават отстапки, се корегираат мисли и ставови. Се отстапува пред аргументите за подоцна, кога ќе мине кризното време, повторно да се настапи со сопствените догми. Она што е значајно во таквите наастојувања, во личните борби и пресметки е губењето на сопственото достоинство и авторитет, што се случува особено во современи дехуманизирани, етатизирани услови кои не овозможуваат праведна распределба на ангажманот и неговиот резултат.

Достоинството или дигнитетот, кој ги „содржи“ вредноста на личноста, нејзината важност, стекнатиот углед, е особено тешко да се одбрани кога се настапува од лични кариеристички позиции и амбиции. Способностите не се премеруваат реално, аргументите не се промислуваат докрај, па се посега дури и по туѓиот интегритет и туѓото достоинство, уште повеќе разорувајќи го сопственото. Зашто туѓото веќе има иградено одбранбен систем.

Во секојдневното опкружување среќаваме недоброј такви лица-за кои до вчера сме мислеле дека личниот ангажман нема заднина, дека ентузијазмот значел способност, знаење, умеење. Отрезнувањето може да биде дури болно. Да се одбрани сопственото достоинство или образот, како што вели нашиот народ, значи најнапред да се има, да се поседува чист образ, а потоа да се брани со силата на аргументот

Авторитетот е во најтесна корелативна врска со човековото достоинство. Лажниот авторитет го создава и санкционира лажното достоинство, и обратно. Напротив, вистинскиот авторитет ја содржи способноста, креативноста, личната стабилност и ангажман. Вистинскиот авторитет се гради, се создава низ времето и се афирмира во него.

Авторитетната личност предизвикува почит и вредносен критериум за создаденото и можното. Таа настапува сериозно, промислено, делотворно и искрено. Нејзиниот одбранбен механизам е непробоен и несовладлив.

Колективниот авторитет не само што е речиси невозможен, туку и кога би се прифатил како постигнат резултат, успех, отстапува пред личниот. Впрочем, историјата на Човекот секогаш го придвижувала и го придвижува личниот авториет, и во позитивна и во негативна смисла.

Во бурни и пресвртни времиња на народот кој се наоѓа на крстопат, чија иднина отвора многу нови прашања без одговор, неопходни му се личности со авторитет и достоинство. Стекнати со способност, знаење, умеење, Дело и Збор.

Коментирај со својот Facebook профил

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *