Потребно време за читање: 2 минути

„Сега ни се потребни мудри луѓе што ќе ги преземат работите во свои раце“, слушаме сѐ почесто и се согласуваме. Макар што ваквиот став или заклучок отвора многу прашања и нуди многу одговори.

На пример, ако сега ни се потребни мудри луѓе, дали тоа значи дека досега не ни требале, сме можеле без нив, без нив сме ја терале работата? Каде биле досега? Или: од кого мудрите луѓе треба да ги преземат работите во свои раце, кого да заменат, кого да сменат? И можеби најважното од сѐ: дали мудрите луѓе се подготвени да ги преземат работите во свои раце?

Има ли мудри луѓе околу вас, помеѓу вас, со вас? Дали ги препознавате, дали ги прифаќате, дали ги слушате и дослушувате? Конечно: дали ги почитувате?

Сe разбира дека имало, има и ќе има мудри луѓе околу нас, помеѓу нас, заедно со нас. Проблемот е што досега, поради нашата инфериорност пред нив, сме ги тргале настрана, сме ги ставале на маргините на збиднувањата за да не влијаат, да не ни пречат. Сигурни во себе, со самодоверба и моќ, градењето на личната кариера, по цена на откажување од сопствената личност односно по цена на обезличување, ни била, за многумина сѐ уште е алфа и омега на работењето, дејуствувањето и живуркањето.

Прочитај и за ... >>  Решено ли е или се уште не

Мудрите луѓе не се занимаваат со глупости и баналности, уште помалку со ефемерности. Ја бараат смислата, суштината и содржината на нештата, динамиката на промените во нив, нивниот каузалитет, егзистенцијата во простор и време. Знаат да ги постават на вистинските места, и нештата и луѓето, за да не се замешуваат во сѐ и сешто, да не го прават она за што не се стручни, компетентни, она за што не ги бидува. Својата инвентивност не ја кријат пред други, ја откриваат во секоја и сечија иницијатива, во секој и сечиј конкретен ангажман. Умеат да ја откријат кај други, да ја поттикнат и истакнат. Умеат да слушаат и дослушаат, но исто така сакаат да бидат слушани. Само мудрите луѓе кажуваат и кога молчат.

Ретки се помеѓу нас, околу нас и со нас. Затоа што ретко кој прифаќа дека само тие ја разбираат суштината на нашево време како минливост и ја домислуваат перспективата на нашево живеење како залог.

Прочитај и за ... >>  Нови антикризни мерки на Владата на Македонија

Дали ќе ги преземат нештата во свои раце? Можеби, под услов да почнеме да ја почитуваме и високо да ја вреднуваме нивната мудрост која се темели единствено на знаење, способност и искуство. (Исто како мудроста на народот.) Ако ја совладаме нашата инфериорност пред нив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here