Потребно време за читање: 3 минути

Во Украина е одбележана 25- годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил. Украинскиот претседател Виктор Јанукович и рускиот патријарх Кирил беа помеѓу високите лица кои им оддадоа почит на жртвите од нуклеарната несреќа со богослужба и полагање на венци.

На церемонијата присуствуваше и рускиот претседател Дмитриј Медведев, кој учествува на тристраниот состанок со претседателите на Украина и Белорусија

На 26. април 1986. година во 1 часот и 23 минути по локално време четвртиот реактор на нуклеарната централа во Чернобил експлодира при проверка на безбедноста и испушти во атмосферата радијација еднаква на најмалку 200 атомски бомби како онаа фрлена над Хирошима, на крајот од Втората светска војна. Радијацијата зафати голем дел од Европа. Стотици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во најзагрозените области во Украина, Белорусија и западна Русија.

Не постојат сигурни податоци за бројот на жртвите од најголемата катастрофа во историјата на нуклеарната енергија. Во 2005. година неколку агенции на Обединетите нации проценија дека од радијација загинале околу 4.000 лица, а според организацијата „Гринпис“ до тој момент загинале најмалку 100.000 луѓе во Украина, Белорусија и Русија од рак, оштетување на имунолошкиот систем, срцеви болести и други штетни влијанија од радијација.

Прочитај и за ... >>  Сепак, само вербален напад

Научниот комитет на ОН за влијанието на радијацијата УНСЦЕАР сепак призна само 31 смртен случај на вработени во централата и пожарникарите, кој се должи на директната радиолошка контаминација од Чернобил. Во извештајот од февруари 2011. година, Комитетот наведува уште 6.000 случаи на рак на тироидната жлезда, од кои 15 завршиле со смрт на деца кои консумирале радиоактивно млеко. За справување со радијацијата по експлозијата и расчистувањето на зоната околу реакторот Советскиот сојуз за четири години испратил 600.000 „ликвидатори“ кои биле изложени на високо ниво на радијација со минимална заштита. Нуклеарната централа „Чернобил“ беше конечно затворена во декември 2000. година по неколку инциденти.

На меѓународната донаторска конференција во Киев, на 19. април, беа собрани 550 милиони од вкупно 740 милиони евра потребни за изградба на нов саркофаг на остатоците од оштетениот реактор во Чернобил. Тој треба да биде готов до 2015. година. Инаку, во Украина во функција се наоѓаат четири нуклерани централи со вкупно 15 реактори.

Прочитај и за ... >>  Приоритет на ЕУ и ОН: Кипар

Како да се зголеми безбедноста во нуклеарните електрани?

На 37-от самит на 8-те најразвиени земји на светот (Г8), што ќе се одржи кон крајот на мај во Довил,на северозапад на Франција, на 26. и 27. мај, Русија ќе предложи план за подобрување на безбедноста, изјави рускиот претседател Дмитриј Медведев:

„Во мај годинава Русија на самитот на Г8 ќе претстави конкретна иницијатива за зголемување на безбедноста на нуклеарните електрани. Таа ќе се однесува на зголемување на одговорноста на земјите кои користат нуклеарна енергија“. Медведев истакнал дека тие земји, меѓу другото, би требало да имаат обврска на нуклеарните хаварии да реагираат благовремено и ефикасно, а Русија смета дека се потребни дополнителни мерки на безбедност во изградбата и одржувањето на нуклеарките.

Правилата би требало да се дефинираат во меѓународни законски документи и да бидат обврзувачки за сите земји. Медведев потенцирал дека за нивното спроведување би требало да бидат задолжени меѓународни организации, вклучувајќи ја Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Прочитај и за ... >>  Политичка ступидарија: решение за името со кое ќе нема поразен и победник!

Нуклеарната криза во Јапонија предизвика загриженост во целиот свет кога станува збор за одржливоста на нуклеарната енергија, а одделни земји спроведоа контрола на своите атомски постројки.

Пред една недела, на меѓународната донаторска конференција во Киев под назив „25 години чернобилска катастрофа. Безбедност на иднината“, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека атомската енергија е чиста, но се појавува прашањето дали се правиме правилно. Безбедноста во атомската енергетика е најголем приоритет „за во иднина да не се допуштат радиоактивни облаци над планетата“.

Бан смета дека трагедиите на чернобилската централа и јапонската „Фукушима“ треба да го свртат вниманието на општеството кон неопходноста од ревизија на стадардите на нуклеарната безбедност и јакнење на заштитата на нуклеарните објекти и сите нови технологии во таа област.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here