Потребно време за читање: 7 минути

Иако не е логично (како за што кога се доделува за мир?), прашањево е сосема на место. Го поставуваат многумина експерти, угледни светски аналитичари, а помеѓу нив и по некој домашен (не мислам само на мојата дребност).

Можеби е попрецизно (не поточно) тоа да се праша Нобеливот комитет што годинава му ја доделија на американскиот претседател Барак Обама: за што, односно за какво или какви дела (победа/победи) кои би можеле (требало) да ги именува?И самиот Обама бил разбуден во петокот изутрината со веста дека ја добил годинашнава Нобелова награда за мир, но немаат(т) коментар ниту тој, ниту неговиот кабинет. За многумина во Вашингтон и ширум светот ваквата одлука претставува вистински шок. Обама награден? А за што во врска со светскиот мир?

Некои потенцираат: тој води две војни во муслиманскиот свет- во Ирак и во Авганистан, а освен тоа не успеа да го протурка предлог- законот за климатските промени низ сопствениот Конгрес.

Треба да се има предвид дека Нобеловата награда за мир има долга историја на доделување, и тоа повеќе во согласност со аспирациите на Комитетот што ја доделува, отколку со вистинските достигнувања на други, како што е, на пример, за блискоисточниот мир или за подобра Јужна Африка. Наградата е доделувана често во критични моменти за да ги охрабри добитниците да издржат до крај.

Во случајот на Обама се проценува дека Нобеловиот комитет се чини имал храброст да се надева дека тој на крајот од „напорите на почетокот“ ќе има рекорд вреден за неговата награда. Образложението на Комитетот е дека тој ја добива наградата „за извонредни напори во јакнењето на меѓународната дипломатија и соработката помеѓу луѓето“.

Во соопштението уште се вели:

„Ретки се лицата кои успеале во иста мера како и Обама да го освојат вниманието на светот и да им дадат на луѓето надеж за подобра иднина. Суштината на неговата дипломатија е во концептот дека оние што го водат светот мораат да го прават тоа врз основа на вредностите и ставовите што ги дели мнозинството од светската популација. Обама како претседател создаде нова клима во меѓународната политика. Мултилатералната дипломатија повторно доби централно место, со акцент на улогата што можат да ја имаат Обединетите нации и други меѓународни институции“.

Тјорбјорн Јагланд, претседател на Комитетот за доделување на наградата и поранешен премиер на Норвешка, изјави дека Обама веќе придонел доволно за светската дипломатија и за разбирањето и оти ја заслужува наградата. На прашањето дали наградата ја добива прерано, тој одговара:

„Ние не доделуваме награда за она што може да се случи во иднина, туку за она што е направено во претходната година“.

Некои аналитичари посочија токму на направеното и ненаправеното „во претходната година“ (важно е дека номинациите се заклучени само десетина дена откако тој беше избран за местото претседател на САД), а за да го оспорат доделувањето на годинашнава Нобеловата награда за мир:

Обама ја забрани тортурата и други екстремни испитувачки техники за терористи, но и вети дека ќе го затвори злогласниот Гвантанамо до јануари 2010- та година (причина која поради светот главно не ги сака САД), а како што се чини сега нема да го исполни тоа ветување. Изјави дека ќе ја заврши војната во Ирак, но е бавен во враќањето на војниците дома. Вистинското окончување на американското воено присуство во таа земја нема да биде пред 2012., и тоа само доколку и САД и Ирак се придржуваат на своите спогодби за повлекување на американските војници. Се ангажира на новите обиди за постигнување на мир помеѓу Израел и Палестина, но за возврат му е возвратено малку соработка од обете страни. Рече дека сака свет без нуклеарно оружје, но една работа е да се пренесе желба, во говор во Прага во април оваа година, а сосема друга да се обединат законодавците на САД и други земји околу сетот повелби и спогодби неопходни за тоа да се предочи во реалноста.

Прочитај и за ... >>  Авганистан долгорочно воено жариште

Агенцијата „Асошиетед прес“, поточно нејзиниот исвестувач од Белата куќа наведува и други направени и ненаправени „нешта“:

Обама рече дека борбата против климатските промени е приоритет, но се чини дека САД веројатно одат на круцијални меѓународни преговори во Копенхаген, во декември оваа година, со документи кои се се уште „заглавени“ во Конгресот; можеби за Нобеловиот комитет и изменетиот тон на Вашингтон спрема остатокот на светот е доволен и ги наведува како примери мошне забележаниот говор на Обама во Каиро, со кој му ја подаде американската рака на светот на муслиманите, и неговите оценки на Генералното собрание на ОН минатиот месец, кои поставија нови маркери во однос на САД спрема остатокот на светот.

Забележан е коментарот на Гидион Рахман, колумнист на „Фајненшл тајмс“:

„Голем сум почитувач на Обама и неговата работа, драго ми е оти Буш повеќе не е тука, но мислам дека не сум единствениот кој се прашува дали е ова преурането. Тешко е да се впери прстот кон местото каде што неговото дејствување досега довело до вистински мир“.

Лауреатот на Нобеловата награда за мир во 1983. година, поранешниот полски претседател Лех Валенса се чуди оти истото признание го добил за годинава Барак Обама. „Кој? Што? Така брзо?“, со искрена запрепастеност реагираше Валенса на барање на новинари да даде свој коментар.

„Каков придонес? Се уште нема никаков придонес. Обама засега предлага, но допрва мора нешто и да направи. Се чини дека сакаат да го поттикнат да оди и натаму во тој правец“.

Тој смета дека времето ќе покаже дали Обама ќе продолжи да го прави тоа што го предлага.

Минатогодишниот добитник на наградата Марти Ахтисари изјави дека е „очигледно оти Комитетот сакал да го охрабри и да му даде поттик на Обама и на она што тој го работи“.

Изјава на поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан:

„Ова е неочекувана одлука, но одлука која инспирира. Во светот во кој живееме, свет полн со предизвици и тешки горливи прашања, Обама им донесе чувство на надеж и отпимизам на милиони ширум светот. Тој покажа дека единствениот пат кој води напред води низ искрена соработка со другите народи“

„Доделувањето на Нобеловата награда за мир на американскиот претседател претставува охрабрување за сите кои сакаат побезбеден свет“, изјави претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. „Доделувањето на наградата на Обама, лидерот на најважната воена сила на светот, на почетокот од неговиот мандат, е одраз на надежта која тој ја забрза во светот со својата визија за свет без нуклеарно оружје“, наведе тој во соопштението.

Прочитај и за ... >>  Амбасадор „ѕвездочитач“

Ангела Меркел, германска канцеларка: „Доделувањето на Нобеловата награда на Обама претставува поттик за Обама, но и за сите нас да сториме повеќе за мирот. Обама успеа во мошне краток период да внесе нов тон и да овозможи отворање на дијалог“.

Францускиот претседател Никола Саркози во петокот му честита на Обама, „кој е посветен да ја врати Америка во срцето на сите луѓе на светот“. Во личната порака Саркози наведе дека е ова „праведна награда на Вашата визија во корист на толеранцијата и дијалогот помеѓу државите, културите и цивилизациите“.

Италијанската влада „со задоволство и аплаузи“ ја прими веста за наградата на Обама“, им изјави на новинарите премиерот Силвио Берлускони.

Претседателот на Авганистан Хамид Карзај рече дека Обама е „добар избор“. Спротивно, портпаролот на талибанците Забихулах Миџахид во телефонска изјава за Франс прес рече: „Ние не гледаме никакви промени во стратегијата за мир. Обама не направи ништо за мирот во Авганистан и ние го осудуваме доделувањето на наградата на Обама“.

Советникот на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во првите реакции од Иран наведува дека доделувањето на Нобеловата награда за мир на Обама треба да го поттикне отворањето на патот кон укинување на неправдата во светот.

Како што пренесе главниот мировен преговарач на Палестина Саеб Ерекат, претседалот на палестинската влада Махмуд Абас очекува дека за времето на Обама во Белата куќа мирот ќе преовладее во Палестина и регионот. Од друга страна, движењето Хамас смета дека Обама има „уште многу да направи пред да ја заслужи“ Нобеловата награда за мир. Портпаролот на движењето изјави дека Обама освен ветувања и добри намери повеќе не покажал, „а истовремено и дава апсолутна поддршка на израелската окупација“.

Израелскиот претседател Шимон Перес, сам добитник на Нобеловата награда за мир во 1994., во пораката упатена на Обама наведе дека американскиот претседател „му носи нова надеж на човештвото“ и оти во текот на неговото претседателствување „мирот стана вистински приоритет“. „Мошне малку лидери успеале да ја променат состојбата на светскиот дух за толку малку време и со толку многу влијание“, наведе тој.

Поранешниот добитник на оваа награда, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеј, во соопштението по повод наградата наведе дека Обама „ја носи во себе надежта на светот во мирот“. Според неговите зборови, иако е на власт помалку од една година, Обама „го промени начинот на кој гледаме на самите себе си и на светот во кој живееме“.

Фондацијата на Нелсон Мандела се огласи со соопштение во име на својот основач Мандела кој Нобеловата награда за мир ја доби во 1993., во кое наведува дека наградата на Барак Обама ќе го охрабри продолжението на неговата борба за мир и окончување на сиромаштијата, и ќе му овозможи да го обнови својот ангажман како лидер на најмоќната нација на светот во натамошната промоција на мирот.

Прочитај и за ... >>  Неуспешна прва година на Обама. Има време да се „поправи“.

Поранешниот борец против апартхејдот Дезмонд Туту, исто така добитник на Нобеловата награда за мир во 1984., ја оцени одлуката наградата да му се додели на Обама како „изненадувачка“ но и „извонредна“, и го спореди американскиот претседател со „младиот Мандела“ кој му донесе надеж на светот.

„Мошне сум изненаден и длабоко почестен. Не гледам на оваа награда како на признание за своите достигнувања и сработеното досега. Да бидам искрен, не чувствувам дека сум заслужил да се најдам во друштво на луѓе кои го менувале светот и кои поради тоа ја добивале порано. Оваа награда ја прифаќам како повик на акција, повик на сите нации да се спротивстават на предизвиците. Тоа не може да го направи еден лидер или една нација, тоа е работа за сите нас“, рече Обама пред Белата куќа.

Нобеловата награда за мир на Барак Обама ќе му биде врачена на 10, декември во Осло. Обама е четврти американски претседател кому му е доделана- пред него ја добија Џими Картер, Вудроу Вилсон и Теодор Рузвелт.

Да потсетам, Нобеловите награди (во 5 области: физика, хемија, медицина или физиологија, книжевност и мир) се доделуваат секоја година, почнувајќи од 1901. (со исклучок на воените години 1940-1942), на денот на Нобеловата смрт (10. декември). Наградата за мир ја доделува комисија од 5-мина членови на кои мандатот им трае 6 години, а ги избира норвешкиот Стортинг (парламент).

Девиза на наградата за мир е: Pro pace et fraternitate gentium- За мир и братство на народите.

Годинава за Нобеловата награда за мир беше номиниран и македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски- Цветин, а како резултат на неговото делување како уметник кој под мотото „Цвеќе на мирот“ создава и подарува слики со цветни мотиви веќе 30 години. Досега тој има подарено околу 30.000 слики на институции и индивидуи, вклучувајќи и претседатели на држави, парламенти и на домашни и светски уметници. Има одржано голем број изложби, а за него се снимени и повеќе документарни филмови.

Номинирани за Нобелова награда за мир од Македонија досега биле поранешниот претседател Киро Глигоров, естрадната уметничка Есма Реџепова и писателот Славко Јаневски.

Со сета почит кон Обама и цитираните ставови и мислења на бројни политички лидери и борци за мир, ставот на Комитетот, а имајќи ја предвид и неговата изненаденост односно искрено искажана скромност, останува отворено прашањето: за што се доделува Нобеловата награда за мир? Но и ова: ако со неа Обама се охрабрува и поттикнува да продолжи да го работи она што го започнал, дали тоа значи дека по (евентуално) сработеното, на пример по претседателскиот мандат, ќе ја добие уште еднаш?

Израелскиот претседател Шимон Перес, сам добитник на Нобеловата награда за мир во 1994., во пораката упатена на Обама наведе дека американскиот претседател „му носи нова надеж на човештвото“ и оти во текот на неговото претседателствување „мирот стана вистински приоритет“. „Мошне малку лидери успеале да ја променат состојбата на светскиот дух за толку малку време и со толку многу влијание“, наведе тој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here