Потребно време за читање: 10 минути

Како што се повеќе, според многумина молневито се шири свинскиот грип низ светот, та најверојатно мошне брзо ќе биде прогласена пандемија, се почесто се поставува прашањето: како е можно досега непознат мутант нa свинскиот грип да „избувне“ наеднаш, кога одамна во светот и на меѓународно, и на регионално и на локално ниво ништо случајно ниту се случува, ниту може да случи?

Ќе се дознае ли некогаш дали свинскиот грип „избега од контрола“ од некоја тајна лабораторија, се разбира на некоја од светските сили, или се работи за уште една (како ХИВ/СИДА) „мутирана“ болест на нашево и блиското и далечното идно време? Тешко. Просто неверојатно.


Одговорот на поставените прашања, кои некои светски медиуми ги „озаглавија“ со „Заговор!“, го даде еден новинар од Мексико Сити: тврди дека водечки научник на ОН пронашол одредени заеднички црти, односно слични начини на пренесување на вирусот на свинскиот грип со вирусот на ебола, како и со вирусот на ХИВ/СИДА, а кои упатуваат дека се генетски модифицирани за да станат воено- биолошко оружје. Тој научник е убеден дека и вирусот на свинскиот грип, A-H1N1, и вирусите на ебола и ХИВ се всушност воено- биолошки оружја.

Како доказ се наведува дека вообичаениот след на настани е вирусот на грип да прејде од свиња на човек, а во овој случај тоа не се случи бидејќи помеѓу свињите не е забележана зараза од вирусот A-H1N1. Натаму, A-H1N1 се состои од дел од ген на американски свињи, дел од типови на човечки и птичји грип, како и од ген на вируси од евроазиски свински грип.

Друг новинар од Џакарта тврди дека челници од Светската трговска организација (СТО) стравуваат дека поради тоа што вирусот A-H1N1 во себе има генетски материјал од вирусот H5N1, односно птичјиот грип, е генетски модифициран за да преминува од еден вид на друг. Наводно, американски научници ископале тело на жена која починала во 1918- та година од шпански грип и го искористиле генетскиот материјал на вирусот на шпанскиот грип како база, темел од кој со генетска манипулација настанал вирусот H5N1. Сето тоа се случувало во лабораториите во воената база Форт Детрик, од која исто така произлегол новиот тип на антракс наречен амес.

Сето наведено нема врска, само обични новинарски шпекулации? Се согласувам, но…

Потврдено е дека вирусот H1N1, или свински грип што е изолиран во САД и Мексико, досега не е детектиран ниту кај свињите, ниту кај луѓето, а научниците имаат малку податоци за него. Настанал со мутација на хуман, птичји и свински вирус, се пренесува капковно од животно на човек, но и со контакт помеѓу луѓе. Инкубацијата трае од 3 до 5 дена, а први симптоми се кашлање, течење од нос и зголемена температура.

Лек или вакцина против оваа болест не постои, но вирусот е чувствителен на лекови кои се користат против птичјиот грип. Исто така, лицата кои на почетокот од зимската сезона се вакцинирале против стандарден грип се во подобра позиција, но не се сосема заштитени, велат лекарите.

Професорката од француската Национална ветеринарна школа, Жан Бригер Пику, изјави дека е погрешно да се зборува за свински грип, зашто свињите не се предизвикувачи на смртоносниот грип кој веќе доби епидемиски размери во Мексико:

„Свињата не е предизвикувач, слободно можеме да јадеме свинско месо. Погрешно е да се зборува за свински грип, би требало да се зборува за мексикански грип, зашто класичниот свински грип не е опасен за луѓето. Заразата не настанала во контакт со свињи, туку таа се пренесува од човек на човек“.

СЗО на итен состанок во Женева официјално објави епидемија на нов вид на грип во Мексико и САД. Го подигна степенот на тревога на ниво 4 (засилен ризик од пандемија) од можните 6. Се претпоставува дека оваа фаза ќе трае кратко време (само неколку дена) и брзо ќе се премине во фаза 5, а потоа во фаза 6

„Тоа е настан кој треба да го загрижи целото човештво и ги повикувам сите земји на светот да го засилат надзорот поради утврдување на појава на необични болести- слични на грипот или на силно воспаление на белите дробови“, изјави генералната директорка на СЗО, Маргарет Чен.

Таа рече, исто така, дека не треба да се паничи оти светот денес е подобро подготвен да се избори со можна пандемија на грип, по 5 години работа на спречување на глобална епидемија на птичји грип.

Прочитај и за ... >>  Протестна манипулација

Што значат 6- те фази? Во првата и втората се јавува нов подтип на животински вирус на грип кој не е присутен кај луѓето, но поседува потенцијал да предизвика инфекција. Во третата е утврдена инфекција кај луѓето од него, без пренос од човек на човек или, пак, е присутен мошне редок пренос во блиски контакти. Во фазата 4 се јавуваат мали групи на заболени со ограничен пренос на вирус од човек на човек, но и зголемување на ризикот од пандемија. Во фаза 5 се прогласува епидемија во вид на поголеми групи на заболени, вирусот станува се поприемчив на човекот, но ширењето и натаму е ограничено. Реално е да се очекува пандемија.6- тата значи пандемија, односно епидемија од широки размери на нов тип на вирус во општата популација.

СЗO и нејзините партнери почнаа прелиминарна работа врз подготовка на вакцина против свински грип, доколку за неа биде потребно. Светските фармацевтски компании и водечките производители на вакцини соопштија дека се во состојба на пазарот да испорачаат неколку милиони лекови со цел сузбивање на вирусот на тн. свински грип.

Лековите „Tamiflu“,на швајцарскиот „Roche“, и „Relenza“, на британскиот „GlaxoSmithKlein“, се препорачуваат во борбата против сезонскиот грип и се покажало дека даваат резултати во борбата против нови видови на вирус на грип.

Се претпоставува дека „Tamiflu“ ќе биде најмногу баран доколку свинскиот грип достигне пандемиски размери, бидејќи тој лек се прави во форма на таблети, додека Relenca“ е лек кој се инхибира. „Roche“ соопшти дека на залихи има 3 милиони кутии, од кои едната половина во САД, а другата во Швајцарија, и оти е подготвен на препорака на СЗО да го дистрибуира лекот.

На малкумина им е познато како „тргна“ новиот вирус.

4-годишниот Едгар Хернандез од селото Ла Глорија, на исток на Мексико, би можел да биде клучот во борбата против епидемијата на вирусот на свинскиот грип кој веќе усмрти над 150- лица. Тој го прележал вирусот на почетокот од април годинава и властите веруваат дека епидемијата започнала од него. Имено, детето живее на село недалеку од индустриска фарма на свињи, која е обележана како „нулта точка“. Не е на одмет да се наспомне дека таа фарма е во делумна сопственост на компанијата „Smitgfield“, која е најголем светски производител на свинско месо. Според неофицијални податоци, вирусот почнал да се шири од местото каде што фармата го исфрлува отпадот. Едгар бил позитивен на тестирањето и сега се опоравува в болница. Во неговото село заболеле 450 лица.

Мексиканскиот министер за здравство, Хозе Ангел Кордоба, изјави дека 1.995 лица се хоспитализирани со симптоми на вирусот, но свинскиот грип засега е дијагностициран само кај 172 лица, а 1.070- мина пациенти се отпуштени на домашно лекување. Тој нагласи дека повеќето од заболените се стари помеѓу 20 и 50 години.

Лондонскиот весник „Тајмс“ опширно извести за ситуацијата во Мексико. Животот во главниот град, Мексико Сити, бучен и хаотичен со 22 млиона луѓе, е речиси сосема запрен. Аеродромските згради се празни, училиштата и државните установи затворени, а економската активност е речиси сосема згасната. Весникот наведува пример на еден голем хотел кој сите гости ги префрлил на еден кат.

Обичниот грип секоја година „убива“ помеѓу 250.000 и 500.000 луѓе ширум светот.

Сепак, во секое зло има и добро. Стапката на криминалот во Мексико Сити значително паднала во последниве денови, а и загаденоста на воздухот е помала, зашто се помалку возила се движат низ градот.

Со предупредување се јави и ООН. Генералниот секретар Бан Ки- мун изјави дека светот мора да се погрижи сиромашните земји, веќе тешко погодени со некои други кризи (храна, енергија, глобална економија, климатски промени), „да не го извлечат подебелиот крај“ и во случај на евентуална пандемија на свински грип. Доколку се случи пандемија, глобалната солидарност ќе биде од клучна важност.

Во Кина најверојатно нема ниеден случај на свински грип, изјави претставник на СЗО.

Никој не ни спомнува дека вирусот на свински грип, сега мутиран, би можел мистериозно да исчезне, како што тоа се случи во 1976- та година. Некои претпоставуваат дека тој постепено ќе добива на преносливост и пандемија ќе избувне на есен или во текот на следната година. Во секој случај веќе не може да биде контролиран и сите земји мораат да се насочат на ублажување на последиците.

Водечкиот руски вирусолог Дмитриј Лвов предупреди на ризик од глобална пандемија на свински грип, со оценка дека ситуацијата ќе биде појасна за 7 дена.

Прочитај и за ... >>  Неуспешна прва година на Обама. Има време да се „поправи“.

Помеѓу научниците постои мислење дека ширењето на овој вирус би можело сериозно да го разниша светот. Д- р Роберт Вебстер, еден од водечките светски вирусолози, вели дека посебно загрижува тоа што новиот вид на грип напаѓа главно млади луѓе кои се на врвот на силата, а не постари лица и деца како повеќето други вируси. Можните последици ги изедначува со шпанскиот свински грип од 1918- та година, кога починаа околу 50 милиони лица. Германски стручњаци, врз основа на пандемиите на хонгконшки и азиски грип на крајот од 60- тите односно 50- тите години на минатиот век, оценуваат дека во Гермајија околу 30% од населението би можело да заболи од свински грип. Во тој случај, во рок од 8 недели би умреле 103.000 луѓе, 370.000 би морале да бидат упатени во болници, додека лекарска помош би побарале 13 милиони граѓани! Меѓутоа, во овие проценки не е внесено олеснителното дејство на лекови и вакцини, па бројот на жртвите веројатно би бил значително помал.

Во Европа досега се потврдени по 2 случаја на зараза во Велика Британија и Шпанија, додека во Ирска, Данска, Германија, Италија, Шведска, Грција и Чешка се истражуваат сомнителни случаи.

Комесарот на ЕУ за здравство Андрула Василиу предупреди дека во текот на наредните денови ширум Европа би можело да дојде до зголемување на бројот случаи на луѓе заболени од свински грип.

„Од вчера Европската унија одржува секојдневни состаноци со здравствените комитети на ЕУ, а земјите членки веќе презедоа извесни мерки“, изјави таа на конференција за печатот во Брисел.

Министрите за здравство на европските земји ќе одржат итен состанок во Луксембург утре (30.04.), на кој ќе ја разгледаат потребата од натамошно ограничување на патувањата. Многу туристички организации од Европа веќе ги откажаа аранжманите за Мексико.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести потврди 64 случаи на заболени од таа зараза ширум САД. Во Калифорнија е воведена вонредна состојба. Случаи на заразени од свински грип се потврдени и на Нов Зеланд, Канада, Израел, Јужна Кореја, Костарика.

На Швајцарците им се случи несреќа кога во воз експлодира контејнер со примероци на вирус. Повредено е едно лице, а според тврдењата на полицијата несреќата не претставува опасност за луѓето.

Во контејнерот биле примероци на вирус на свински грип, но не и на H1N1 вирус.

Претседателот на САД, Барак Обама, упати барање до Конгресот за додатни 1,5 милијарди долари со цел борба против свинскиот грип. Портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс, објасни дека тие пари би можеле да бидат искористени за развој и производство на вакцина, како и за подобрување на општиот здравствен одговор на САД и помош на межународните организации во спречувањето на ширењето на вирусот.

И покрај препораките на СЗО земјите да не ги затвораат границите да не ги ограничуваат патувањата, Куба објави дека за 48 часа ги запира сите закажани летови во и од Мексико, за да спречи свинскиот грип да се пренесе на карипскиот остров. Владата наведе дека запирањето нема да важи само во „посебни случаи“ и оти е подготвена да ги заостри ограничувањата доколку биде потребно.

За случајот поврзан со Обама:

Неговата здравствена состојба е добра, соопшти Белата куќа по повод загриженоста дека и тој, кога неодамна го посети Мексико, би можел да се најде на „удар“ на свинскиот грип. Имено, пред 10- тина дена претседателот на САД во Археолошкиот музеј на Мексико Сити го пречека Фелипе Солис кој подоцна умре од „симптоми слични на грип“. Тамошните официјални лица, како што пренесе агенцијата „Асошиетед прес“, исјавиле дека смртта на антропологот не била последица на епидемијата на свински грип.

Република Македонија е подготвена за „напад“ на свинскиот грип. Воведен е 24- часовен надзор на аеродромите и граничните премини. Медицински екипи ги прегледуваат патниците кои доаѓаат од ризичните земји. Ги прашуваат каде се престојувале, имале ли контакт со заболени. Санитарни инспектори ги контролираат граничните премини.

Изјава на Јованка Костовска, член на Комисија за заразни болести:

„Доколку е некој заболен, покажува симптоми, а доаѓа од ризично подрачје, веднаш со санитетско возило на итната медицинска помош ќе се транспортира до Клиниката за инфективни болести. Доколку лицето не покажува симптоми, а потекнува од ризично подрачје, ќе биде ставено под 10- дневен здравствен надзор“.

Засега нема забрана за патување во ризичните земји. Доколку е неопходно да се патува препораките се да се седи во објектите каде што престојуваат, да не се посетуваат фарми. Во Мексико има 7- мина македонски државјани, а наши граѓани кои работат на американски бродови се ставени под карантин.

Официјално е забранет увозот на живи свињи од сите земји. Експертите порачуваат дека во Македонија нема опасност од ширење на болеста од свиња на човек бидејќи нема болест кај свињите, а од Управата за ветеринарство велат дека во Македонија и пред појавата на свинскиот грип речиси да немало увоз на живи свињи, што според надлежните е причина повеќе граѓаните да бидат сигурни во безбедноста на свинското месо што се продава во македонските продавници.

Прочитај и за ... >>  Партиски војник и партиски послушник

Свињарските фарми кои работат според највисоки европски стандарди можат комплетно да ги покријат домашните потреби за свежо свинско месо.

Еве неколку совети за превенција:

-често мијте ги рацете со сапун, посебно по употреба на шамивчиња, ствари и предмети кои ги допираат повеќемина луѓе; избегнувајте контакт со лица со заболени респираторни органи; избегнувајте директен контакт со рака или бакнежи в образ при поздравување; проветрувајте ги постојано просториите во кои престојувате; дезинфицирајте ги редовно кваките, играчките и телефоните; употребувајте шамивчиња при кивање и кашлање и веднаш фрлете ги во смет или изгорете ги; обезбедете му на организмот доволно сон и намирници богати со хранливи материи.

И толку, тоа е тоа. Засега.

А што се однесува на сомневањата, па и тврдењата дека се работи за заговор (светски), односно „активирање“ на ново воено- биолошко оружје, важно прашање е зошто е избран Мексико и токму сега. „Најблиско“ толкување би било дека оваа земја е светска туристичка дестинација (една од водечките). Исто така таа е економски се уште стабилна, како земја во развој покажува добри стопански резултати, а бидејќи постои можност да влезе во проблеми поради последиците од светската економска и финансиска криза Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри нејзино вклучување во новата кредитна линија- тн. флексибилен кредит во обем до 47 милијарди долари. (Според многумина експерти и аналитичари, светската криза е свесно предизвикана поради нови геостратешки интереси и економско- политичка доминација во светот. Равенството помеѓу економијата и политиката е одамна мошне „цврсто“.)

Но она што е „најдиректно“ поврзано со евентуално свесно предизвикана епидемија, па и пандемија, е секако зголемувањето на профити на водечките фармацевтските компании (секогаш помеѓу најмоќните во светот). Што веќе и се случува.

Имено, како што забележаа некои светски медиуми и експерти, можноста од нагло ширење на свинскиот грип претставува „ветер во едрата“ на некои фармацевтски компании- најмногу швајцарскиот „Roche“ и британскиот „GlaxoSmithKlein“, чии акции веќе бележат пораст за 3% до 4% на светските берзи. Аналитичарите предупредуваат дека комерцијалното дејство поради можното ширење на свинскиот грип ќе биде намалено со фактот дека владите на многу држави на светот веќе извршија големи порачки на лекови и вакцини.

Во „Roche“ велат дека работат на зголемување на производството на „Tamiflu“, но нагласуваат дека тоа на пазарот би можело да се почувствува дури по 8 месеци, зашто толку трае процесот од синтетизирање до пакување на тој лек.

Иако во СЗО истакнуваат дека „Tamiflu дејствува и против вирусот на свински грип H1N1, некои аналитичари стравуваат дека тој сепак би можел да се покаже помалку ефикасен од „Relenza“, зашто од многу страни во последниве месеци пристигнуваа информации за отпорност на вирусот на сезонскиот грип H1N1 на „Tamiflu“.

Фирмата „Roche“ во текот на 2006- та и 2007- ма година на влади на многу држави им продаде огромни количества „Tamiflu“ во вредност од 4 милијарди швајцарски франци (3,5 милијарди долари)!

Во нашево, а особено во времето што иде светот ќе се соочува со се почести пандемии? Во минатото локални, регионални, па и големи светски кризи се решавале со војна (зголемена побарувачка -продажба на воено оружје и развој на воената индустрија како замаец на нов економски развој, но и нови геополотички прекројувања). Во последниве години и децении светските воени сили посебно внимание посветија на развој на воено- биолошкото оружје. Па…

Во меѓувреме:

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи 5- ти степен, што значи дека треба да се направат последните подготовки за пандемија.

„Сите држави треба итно да ги активираат своите планови за пандемија“, изјави Д- р Маргарет Чан, директор на Светската здравствена организација. „Ги немаме сите одговори во моментов, но ќе се потрудиме да ги добиеме“.

За ваков потег е одлучено по смртта на 23- месечно бебе во Тексас, прв случај на смрт надвор од Мексико.

Колку е сериозна ситуацијата, говори податокот дека Светската здравствена организација во последниве 25 години нема прогласена опасност од четврти степен. Вечерва е прогласено 5- то, а последното 6- то ниво значи целосна пандемија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here