Потребно време за читање: 2 минути

Се сеќавате на Мехмед Али Агџа? Да, тоа е човекот кој беше осуден на затворска казна од 30 години поради обид за атентат вез папата Јован Павле Втори на плоштадот Свети Петар во Рим, во 1981-ва година. Тој денеска е ослободен откако одлежа 10 години, а многу прашања остануваат отворени, од кои најважното: кој бил мотивот и дали го извршил сам или, пак, се работи за поширока завера со скриени, само претпоставувани цели?

Дали е „најточно“ објаснението дека Агџа е ментално пореметена личност која има убиствени пориви, со оглед дека претходно убил турски новинар? Ако е, тогаш не е ли опасно неговото ослободување (латентна опасност од нови убиства)?Ако, пак, не е ментално болен, зошто е држан в затвор 10 години, особено кога ќе се земе предвид дека во 2000-та година беше помилуван на барање од папата?

Како и да е, Мехмед Али Агџа ќе остане забележан и запаметен како човек кој најнапред пукал и тешко го ранил римо-католичкиот поглавар Јован Павле Втори (случајно не го уби), а потоа самиот свесно или несвесно, пресметано или непресметливо придонел обидот за атентат да остане нерасветлен до ден-денес. Сосема е разбиливо интересирањето од Холивуд да се сними филм според неговата приказна, а за што е понуден договор во висина од 8 милиони, со сигурен профит од десетици,па и стотици милиони долари.

Прочитај и за ... >>  ИПАРД- фондовитe на ЕУ и во Македонија

Агџа е денеска ослободен од турскиот затвор Синџан. Во изминатите одлежани 10 години повеќе пати беше доведувано, а и сега се доведува во прашање неговото ментално здравје. Тој тврди дека е месија и предвидува оти светот ќе биде уништен во овој век.

Веднаш по апсењето Агџа изјавуваше дека дејствувал сам, а подоцна тврдеше дека организатори на атентатот биле бугарската и руската тајна служба. Потоа ги повлече тие тврдења, а најавуваше дека откако ќе излезе од затвор ќе ја разоткрие мистеријата за мотивите и кој е нарачателот на атентатот.

Во 2000-та година на барање на папата беше помилуван и префрлен во Турција, каде што оттогаш издржуваше затворска казна поради убиство на турски новинар во 1979-та година и за други злосторства.

При излегувањето од затворот Мехмед Агџа изјави дека планира да го посети гробот на Јован Павле Втори во Ватикан, „еден од најпрекрасните и почитувани луѓе на векот“, и да се сретне со папата Бенедикт 16-ти.

Прочитај и за ... >>  Помеѓу „ќе“ и „можам“ (нема и „морам“)

Интересно, иако самиот терорист-убиец-атентатор, тој ги осуди тероризмот, Ал Каеда и нејзиниот водач, а сака лично да оди во Авганистан и да го убие Осама Бин Ладен:

„Тероризмот е ѓаволско зло. Сите религии го забрануваат и осудуваат. Ал Каеда е криминална, психопатска, нацистичка организација“.

Планира да живее во Истанбул, а се уште не решил дали ќе се жени.

Во врска со интересот на Холивуд, адвокатот на Агџа соопшти дека неговиот клиент не потпишал договор со ниту една компанија, но најави оти планира со американскиот писател Ден Браун да напише продолжение на романот „Кодот на Да Винчи“ под наслов „Кодот на Ватикан“, па потоа книгата да биде екранизирана.

Дали со денешното ослободување Мехмед Али Агџа ќе биде заборавен или тој самиот ќе се потруди тоа да не му се „случи“?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here