Потребно време за читање: 4 минути

Тој нема некое поголемо, особено не пресудно значење за перспективата на односите помеѓу ЕУ и Македонија, туку е само едно барање или, можеби поточно, уште еден притисок за решавање на „спорот“ за името на Република Македонија. Во него се прави еден вид на баланс на тој план, а особено се поприсутната и јасно посочена согледба дека нерешавањето може да има сериозни последици врз меѓуетничките односи во земјава. Тоа секако ќе има одраз и во опкружувањето, но и врз односите во самата Европска унија.

Од друга страна, предупредувањето дека нерешавањето на „спорот“ со Грција може да предизвика тензии во земјава, како што предупреди македонскиот премиер Никола Груевски, е навистина контрапродуктивно. Тензичноста е присутна уште од проблематизирањето на името од страна на Грција, а не може да биде поинаква, освен најмалку регионална.

Многу позначајно, но не и заушено, е уште едно од многуте предупредувања досега- овојпат на Милан Кучан: дека барањето на Грција Македонците да се откажат од националниот идентитет е несфатливо, а молкот на ЕУ е недемократски.

Во усвоениот извештајот за Македонија во Европскиот Парламент, со огромно мнозинство, чиј автор е Зоран Талер, се бара итно решавање на „спорот“ за името и преговори со ЕУ во март. Талер ја повика Грција да одигра лидерска улога во регионот и предупреди дека нерешавањето може да доведе до меѓуетнички тензии во Македонија:

„ Секогаш кога одам во Скопје јасно порачувам: вие сте одговорни да изнајдете решение со Грција. Мора да сториме се што можеме за да помогнеме во изнаоѓање на решение“.

Прочитај и за ... >>  Кому му пречи отчетот?

Од расправата при усвојувањето се издвојува ставот на пратеникот Ианис Касулидис од Кипар, дека е нужен „посериозен пристап“ од Европа:

„Ако дозволиме ПЈРМ да го отвори прашањето за името нарекувајќи го смешно, ќе и бидеме лоши советници и нема да и служиме на нејзината кауза“.

Воопшто не изненадува „превртливиот“ или „превртениот“ став на бугарските пратеници, а кој допрва ќе се „радикализира“: Македонија треба(ла) да демонстрира добрососедски дух. Засега само еден, а допрва повеќемина, веројатно и сите нема да се придржуваат на она што нивната држава го има решено- прифатено: Евгениј Кирилов државата ја нарекуваше ФИРОМ, а македонската нација вештачка.

Во Скопје допатува шефот на дипломатијата и вицепремиер во Владата на големото војводство Луксембург, Жан Аселборн. Изјави дека неговата земја е на страната на Македонија кога е збор за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, но мора да се направи заеднички напор (Македонија и Грција) да се изнајде решение за спорот за името:

„Значи, потребно е да се има дух кој што е решително свртен кон иднината за да може и двете земји да направат напори и да дојдат до решение“.

Изјава на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски:

„Цениме дека треба де се покаже конструктивност и од грчката страна за да можеме да стигнеме до одредени решенија кои што ќе можат, како што имам кажано, и на македонски и на грчки да бидат напишани и преведени како компромис“.

Аселборн се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски и претседателот Ѓорге Иванов, а тема беа надминувањето на грчко-македонскиот „спор“ и како Македонија да добие датум за започнување на преговори со ЕУ за време на шпанското претседателство. Тој побарал поддршка од Македонија при изборот на неговата земја за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Прочитај и за ... >>  Има ли спас за Грција

Изјавата на поранешниот претседател на Словенија Милан Кучан може да се смета за досега најостра забелешка за однесувањето на членките на ЕУ. Во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на словенечката култура завчеравечер во Нова Горица тој, говорејќи за улогата на јазикот и културата во историјата на Словенија и Словенците како клучни фактори за зачувување на името и територијата пред посегањата на соседните држави, потенцира:

„Македонците денес се принудени цврсто да инсистираат на културата, јазикот и името, кои што им ги оспоруваат Грците со несфатливото барање да се откажат од националниот идентитет, ако сакаат да минат преку прагот на европската интеграција. Пред ова несфатливо барање молчи целокупната европска демократска елита концентрирана во Европската унија“.

„Молчеше и Словенија“, самокритично потенцира Кучан, без оглед на историското искуство кога „кон нашето име, јазик, култура и територија, посегнуваа соседите“.

Молкот пред несфатливото барање само ја потврди шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Еерван Фуере, со изјава за виенски „Стандард“, а која предизвика реакција на премиерот на Македонија, Никола Груевски:

„Доколку решението и натаму временски се забавува, тогаш тоа сигурно може да има потенцијал кој води кон меѓуетнички тензии. Колку повеќе минува времето, тоа ќе биде потешко да се одржи духот на реформите во Македонија“.

Прочитај и за ... >>  ЕУ и (не)слободното медиумско слепило

Тој смета дека до решение за името може да се дојде само доколку состаноците на водечките политичари од Македонија и Грција се оддржуваат во „интензивен ритам“.

Во тој „контекст“ весникот оценува дека Македонија нема проблем со идентитетот само поради Грција, наведува дека Бугарија на голем број Македонци им дала работни дозволи и пасоши, а голем дел од македонските Албанци го претпочитаат албанското пред македонското знаме.

Фуере потврди дека стои зад изјавата, дадена во Европскиот парламент, а требало да се сфати „како охрабрување за двете страни понатаму да не го одложуваат изнаоѓањето на решението“.

Груевски престојува во Чешка, а порача дека таа изјава нема логика и оти ако станува збор за притисок, тој може да биде контрапродуктивен:

„Нема логика во такво нешто, доколку на таков начин се сака да се постигне било каков прогрес. На таков начин би се постигнало нешто што е спротивно на прогрес“.

Според Фуере, не станува збор за притисок, туку за охрабрување за двете страни, охрабрување какво што на премиерот Груевски му било дадено од комесарот Оли Рен.

Потврдено е дека медијаторо на ОН Метју Нимиц ќе дојде во посета на Скопје најверојатно на 23-ти овој месец. Во македонското Министерство са надворешни работи, на чија иницијатива е договорениот датум, се надеваат дека и грчката страна ќе усогласи термин за посета на Атина. Портпаролката на ОН Ванеса Маестрачи, пак, соопшти дека амбасадорот Нимиц работи на усогласување на заеднички прифатлив датум за посета на регионот на покана на владите на двете земји.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here