Потребно време за читање: 3 минути

Во 1925. година во Атина е отпечатен буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција. Го подготвила специјална комисија на грчката влада во состав Папазахариу, Сијакцис и Лазару, и тоа под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женевa.

Абецедарот е напишан на прилепско-битолско-лерински народен говор, со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис.

Целта на неговото издавање била едуцирање на македонското население во Егејска Македонија, дел од Македонија кој потпаднал под грчка власт која на македонското население му ја укинала можноста да се образува на својот мајчин јазик. Тој е прв македонски учебник објавен од една легална влада. А поради силни реакции на Софија и Белград, веднаш е повлечен од употреба во предвидените училишта во егејскиот дел на Македонија.

Во Абецедарот се користи латиницата како азбука, со неколку карактеристични букви што ги нема во стандардниот македонски јазик. Азбуката има 29 букви, при што африкатите ѕ и џ се пишуваат како дифтонзи дз, дж (дзид, джам), а ч, ш, ж се предаваат со хрватско-чешките ч, ш, ж (чаша жена), додека за темниот полугласник (н) пред слоговното р (р) е употребена романската графема о (корпата). Македонските палатали ќ, ѓ, љ, њ се градат со помош на ј или ь (кукја/ кьти, Гјорце, льлјам, сиренје).

Прочитај и за ... >>  Аба

Акцентот е обележан на третиот слог од крајот на зборот или на акцентската целост, а членот е троен (-от, -ов, -он).

Фототипно издание е објавено во Скопје во 1985. година, а во 2006. година е дозволено повторно преиздавање на Абецедарот, под наслов „Abecedar – Bukvar – Anagnwstiko“. Испечатен е во Солун, а благодарение на политичката партија на Македонците во Егејска Македонија „Виножито“.

Во него се вклучени старото издание на Абецедарот, новото издание на Абецедарот со стандардната македонска кирилица и правопис, предговор и придружни текстови на грчки, англиски и македонски јазик.

Целиот материјал обработен во овој Абецедар е поддржан со текстови инспирирани од секојдневниот живот на луѓето за полесно учење и совладување на материјалот.

Судбината на букварот „Абецедар“ беше трагична. Целиот печатен тираж бил запален и уништен во исцениран напад на возот со кој бил пренесуван кон местата во Грција каде што живеат Македонци.

Овој документ има извонредна важност за дефинирањето на посебноста на македонската националност во средината на 20-те години од 20-от век, како и поради фактот што тогашната грчка влада за првпат официјално го признала постоењето на македонска националност во рамките на тогашната грчка држава.

Прочитај и за ... >>  Феничаните

Имено, во 1920. година Грција пред Друштвото на народите Грција го потпишала Севрскиот договор (во францускиот град Севр) со кој се обврзала да им даде малцински права на сите народности во Грција што не се етнички Грци. Четири години подоцна, во 1924., повторно по сугестија на Друштвото на народите помеѓу Грција и Бугарија бил потпишан познатиот Протокол Калфов-Политис со кој врз реципрочна основа Бугарија се обврзува на грчкото малцинство во Бугарија да му обезбеди малцински права (јазик, училиште и друго), додека Грција, Македонците од егејскиот дел на Македонија ги признаваше како ,,бугарско“ малцинство, на кое би му признале, исто така, малцински права. Меѓутоа, во 1925. година грчката влада јасно ѝ ставила на знаење на бугарската страна дека нема никаква основа Бугарија да се интересира за некакво „бугарско малцинство“ во Грција, а „словенското малцинство“ во Егејска Македонија го дефинира како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите.

Интересно е дека во Република Македонија има само еден зачуван примерок од оригиналното издание на „Абецедар“. Тој се чува во посебно депо во Архивот на Македонија и е најверојатно еден од трите зачувани примероци при уништувањето на целиот тираж во 1925. година. Учебникот е зачуван благодарение на грижата на Вангел Ајановски-Оче, познат македонски револуционер од Егејска Македонија, кој му го подарил букварот на Архивот.

Прочитај и за ... >>  Древна (Античка) Македонија

Абецедар-от во Државниот архив е заведен под сигнатура RK II. 127.inv. br 216/76. Се чува во посебен сеф. Букварот со 12 на 18 сантиметри и со вкупно 40 страници е конзервиран веднаш по приемот. Сега се чува на во метална каса на постојана температура од 18 степени Целзиусови и на влажност на воздухот од 60%.

Ајановски ја добил книгата при крајот на Втората светска војна од еден македонски учител од Егејска Македонија, кој успеал да ја спаси од уништување. Кон крајот на 70-тите години на 20-от век тој решил да и ја подари целата своја лична архива на државната институција, откако повеќе од четири децении ја чувал во своето семејство. Ајановски беше создавач на Македонската антифашистичка организација (МАО) и на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) во Воденско во текот и по Втората светска војна.

Другите два примерока на букварот се во Градската библиотека на Виена, Австрија, односно во Националната библиотека во Атина, Грција. Оригиналниот примерок од Атина беше искористен од Македонците од Грција за да се направи копијата на „Абецедар“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here