Потребно време за читање: 8 минути

Тие „чекорат” секогаш заедно. Било во минатото, е во нашево време, во сите сфери на животот. Најмногу во работата-бизнисот и политиката. Токму во овие области тие едноставно не е можно да опстојат издвоени. Ако се успее во тоа, се извртуваат во авторитарност и понижување, инфериорност, инфантилност. Крајната консеквенца е пораз на слободата, на демократијата, на личната и колективната независност, на личниот и колективниот индивидуализам.

Поимот авторитет е преземен од латинскиот јазик-auctoritas, кој има повеќе значења, а всушност едно: власт (на себеси или на други-владеење, контрола, насочување, почитување), углед (кој ја донесува, но и ја носи власта), вредност (создавање, творештво). Во потесна смисла под авторитет најчесто подразбираме углед и врз него основана вредност или, преносно, на лице на чиј суд сите се покоруваат од почит. Со други зборови, авторитетот е изградена способност на поединец да ги изнесува своите ставови или мислење на начин на кој беспоговорно ќе му се верува. Тој се создава во односите; некој некому му е авторитет, а некој некого го прифаќа како авторитет.

Она што многумина не го разбираат, особено во политиката, е разликата помеѓу авторитетот и силата, односно моќта. Не разбираат или не прифаќаат оти не им одговора, сеедно, дека силата е однос заснован на стравот. Наспроти неа, авторитетот е делотворен, и тоа е една од најважните, ако не најважна „компонента”. Поединци чувствуваат потреба, поточно императив да се однесуваат во согласност со мислењето на некој имагинарен авторитет и кога се сами. Да, станува збор за совеста, според некои психоаналитичари за супер его кое не познава компромис.

Одамна е осознаено и потврдено дека личниот авторитет се создава врз основа на знаење, вештина и емоцинална зрелост. Институционалниот, пак, го имаат лица вработени во некоја престижна установа или како занимање (лекари, правници, свештеници и сл.).

Нужно е посебно внимание и промисла да се посвети на Бог како врховен авторитет, помалку во верски контекст, а повеќе како врв на авторитетното „хиерархиско скалило”. Имено, тој често се сфаќа неточно или се толкува погрешно. Бог е врховен закон, конечна вистина, тој треба да се сака, а тн. носители на Божјата реч настојуваат да бидат авторитети. Всушност, нивниот вистински авторитет се изградува врз нивната лична светост, а не на самото припаѓање на светиот ред. Во спротивно, зборуваме за лажен авторитет.

Во блиското минато, а особено денес неретко се среќаваме со лица кои својата слабост, незрелост и агресивност ги кријат зад припадноста на одредена група која моментно е недопирлива. Јасно е дека не се работи за авторитет, туку за сила односно моќ.

Авторитет во љубовта? Се разбира, бидејќи таа е прифаќање на нешто или некој друг без критичност и без аргументи. Половата рамноправност нема никакво значење оти, како и секоја друга, е резултат на други, најчесто прагматични цели. Притоа е интересна динамиката на лицата кои го почитуваат авторитетот во неа. Тие следат други проценувајќи се себеси за нецелосни и незрели во одредени околности или воопшто за успешно водење на себе си низ животот. Доколку во таа нецелоснот има уште и чувство на вина, тогаш уште повеќе им се приклонуваат на моќниците. Со падот на водачот настанува стрес, емоционален хаос и депресија.

Најнепосредно поврзано со авторитетот е самопочитувањето. Нема двојба дека треба да се слуша мислењето за нас од околината, од опкружувањето, оценките и проценките кои можат да бидат реални, па според нив и да го корегираме својот животен развој. Меѓутоа, често се тие израз на моментно расположение или резултат на некомпетентност.

Прочитај и за ... >>  Меѓуполова загрозеност

Први авторитети ни биле родителите, потоа воспитувачите, учителите и водачите на разни дружини, здруженија, партии и други животни собирања. Тоа укажува дека авторитетот ни е потребен, но да се прифати нечиј авторитет значи препознавање на вистинска вредност и придржување на заедничката работа.

Авторитет кој се темели на автентичност, конзистентност и уважување на други е најпожелен квалитет на водач. Ако кај некој препознаваме вредности што не восхитуваат и дејствуваат божествено, го нарекуваме харизматик.

Најважна карактеристика на вистински авторитет е подготвеност за решавање на проблеми или конфликти. Нему неизбежно му се поставува задача да исполни очекувања на јавноста или околината, тој да биде способен за брзо и успешно решавање на проблем, конфликт, ситуација; да инспирира и да биде позитивен пример.

Многумина наши политичари треба да научат дека градењето на сопствен авторитет со дискредитација на друг-други е со краток век. Некои стручњаци сметаат дека најважна квалитетна способност е градењето на квалитетни односи на меѓусебно почитување, со можност за позитивно влијание врз други. На тој начин се добива поткрепа на други врз основа на која се стекнува углед на влијателно и одговорно лице на кое околината му верува. Во таа смисла клучни зборови се праведност и почит.

Поимите „авторитет” и „лидерство” имаат многу заедничко: нема лидерство без авторитет, а вистинските авторитети се наедно и лидери. Да се биде авторитет значи да се биде во состојба да се мотивираат луѓето (околу себе) да постигнуваат посакувани резултати давајќи го својот максимум.

Нужно е да се расчисти една предрасуда: каде што умира авторитетот се раѓа слободата. Тоа воопшто не е точно. Напротив, вистината е сосема спротивна: каде што умира авторитетот се појавува анархија.

Во врска со авторитетот е и манипулацијата, една од најпосакуваните вештини во политиката. Оние што умешно користат зборови, многу повеќе „големи” отколку „мали”, можат лесно да создаваат најразлични комбинации и да направат тие да звучат смислено, дури и мудро. Манипулаторите често се повикуваат на позитивните идеали и емоциналните стремежи, на „големите” зборови како што се љубов, вистина, духовност, светлина, Бог…Тоа е често покритие за недостиг на вистински, разумни аргументи.

Кон наведените најопшти назнаки на авторитетот и неговото создавање треба да се придодаде и спротивставувањето на туѓиот авторитет. Советот е: кога некој се расфрлува со „големи” и апстрактни зборови, провери што сака од тебе; не земај ништо здраво за готово; дознај како функционира авторитативното лице и стани ти авторитет.

Најголема штета прават луѓето кои се најсуптилни во манипулирањето. Чести се ситуациите кога зборовите звучат правилно и разумно и е тешко да се пронајде противаргумент, но и натаму се чувствува дека нешто недостасува или не е в ред.

Сомнежот треба да се прифати како корисен. Без него лесно е занесувањето со какви било идеи и е поголема можноста од подлегнување на искористување и манипулација. Тој поттикнува на преиспитување и правење на разлика помеѓу понекогаш мошне слични информации и идеи. Сосема е природно и научниците, кои по дефиниција би морале да имаат цврсти докази за своите теории, често во нив во многу да се разијдуваат и судираат. Старите теории постојано се побиваат и се „докажуваат” нови и обратно, а е мошне лесно да се создаваат теории ако се поткрепуваат само со докази настанати во сопствениот ум.

Постојат два вида на отпор спрема авторитетот: здрав и нездрав. Здрав е оној кај кој со неговото испитување може да се пронајдат причини за отпор и несогласување; нездравиот, пак, по правило е ирационален, често и посилно потиснат, а може да се јави дури и кога постои како свест дека се што читаме или слушаме е позитивно и без манипулација. Разликите можат да бидат мошне суптилни, а понекогаш обата вида да бидат присутни истовремено. Меѓутоа, низ вежба и запознавање на своите емоционални реакции, можно е да се научи да се препознаваат.

Прочитај и за ... >>  Нешто од сешто за прстенот и бурмата

Може ли да се извежба авторитетот: Според некои автори да, и тоа во 12 чекори:

1) Да се провери што нашите соработници, роднини, пријатели и познајници мислат за проблемите пред да се предложи конечно решение;

2) Да се одредат целите пред средба со други;

3) Своите идеи да се изразат самоуверено и со ентузијазам;

4) Своите идеи да се презентираат мирно и фокусирано;

5) Да се освестат своите сили како водач и да се користат во целост;

6) Да се размисли пред нешто да се каже и внимателно да се слушаат соговорниците;

7) На грешките на други да се реагира барајќи ги причините, а не барајќи го виновникот, зашто на тој начин ќе се избегнат истите грешки во иднина;

8) Да се стекне доверба на околината со своето знаење и способностите;

9) Да се биде проактивен и секогаш да се бараат нови можности за решение;

10) Да се следат новите животни трендови, односно да се биде упатен во новините;

11) Своите идеи да се поткрепат со аргументи;

12) Дружење со луѓето и разговор за подобро да се запознаат и изградат со нив добри односи.

Според некои стручни мислења, една од најважните животни лекции е да се научи да се верува во самиот себе и да се слуша својот внатрешен глас многу порадо отколку на кој било однадвор. Потенцираат дека со некритичко прифаќање на ставови и убедувања на други луѓе се одрекнуваме од сопствената одговорност и моќ. Тогаш дури ни нашите успеси не се вистински наши.

Еден мудар и многупати потврден совет:

Ако некој се расфрлува со големи, апстрактни зборови, провери што сака од тебе! Едни сакаат само да им се одушевувате и да ги уважувате, а други да ве искористат на многу конкретни начини. Дури и само недостиг на почит спрема вашиот личен избор и вашите убедувања е доволна причина за внимателност, дури и ако инаку ви се чини дека лицето е во право.

Всушност, во просечната меѓучовечка комуникација мошне ретко с слуша нешто што можеме без резерва да го прифатиме како вистина. Најчести се зборување од сопствени ограничувања и убедувања, создавање на заклучоци врз основа на мал број примероци, прилагодување на идеи или податоци на своите убедувања или потреби на ситуацијата, благо разубавување на приказната во своја корист (или само поради ефект), прифаќање на идеи само затоа што убаво звучат или поради билдање на сопственото его.

Постои нераскинлива врска помеѓу авторитетот и вистинските аргументи (не дедуктивните-хипотетички силогизам, дисјунктивен силогизам, modus popens, modus tollens. Помеѓу најчестите-аргумент кој почива на пример, аргумент на аналогија, аргумент на причини и последици, од посебно значење е аргументот на авторитетот. Тој не значи ништо друго, освен потпирање на други што во аргументацијата најчесто се раѓа со формата „X го тврди Y, значиY е точно”.

Познато е дека аргументот на авторитетот мора да задоволи неколку услови: неговата автентичност мора да биде проверлива, да има проверлив цитат, а изворот мора биде меродавен. Тоа што Ајнштајн бил убеден пацифист не значи дека пацифизмот е правилен. Исто така, изворот на авторитетот мора да биде непристрасен односно независен и информиран. Уверливоста додатно го засилува порастот на бројот на извори, што е посебно битно кај важни прашања. Треба да се има на ум дека нападот врз личноста како таква (а не нејзините квалификации за давање на мислења) не го дисквалификува изворот, туку претставува логичка грешка позната како ad hominem. (Такво нешто имавме неброено пати кај нас во предизборни кампањи.)

Прочитај и за ... >>  Историјата на бакнежот

Поимот достоинство во редовна употреба секогаш има позитивно значење. Збор е за нешто што треба во секој случај да се промислува и да се брани. Етичкиот говор нужно го повлекува со себе достоинството на друго лице. Во поново време тоа е редовно поврзано со проблематиката на човековите права.

Поимот на достоинството е мошне сложен зашто поприма различни значења, што посебно се забележува во неговото дефинирање или во разни расправи.

На пример, може да се забележ дека две страни се разијдуваат во однос на достоинството на личноста користејќи се со ист поим кој поприма различни значења. Мошне илустративен пример е расправата за евтаназијата, во која се зборува за достоинството: противниците на таквата практика го искажуваат својот став во име на човечкото достоинство, кое на секој човек му забранува да може да одлучува за животот на друго лице, а од друга страна приврзаниците ја оправдуваат евтаназијата во име на правото (или дури должноста) да се скрати животот кој изгубил секое достоинство.

Човечкото достоинство е неотуѓиво. Го поседува секој човек и не може ниту да се изгуби, ниту некој да го одземе или на кој било начин да го намали. Меѓутоа, може да се гази одбивајќи да се почитува. Всушност, достоинството е мошне често споено со правата.

Има неколку осознаени и дефинирани релации помеѓу надменоста и достоинството, при што надменоста е најчесто поза која лесно се пшретвора во карикатура:

Колку има повеќе надменост, помалку има достоинство. Надменоста се храни со лага, достоинството почива на вистината. Надменоста секогаш се фали и се прчи, достоинството тоа никогаш не го прави. Надменоста е неумерена, достоинството одмерено.

Надмениот е умислен оти умислил дека е она што не е. Се кити со мноштво непостојни вредности, особини и заслуги. Таквото лице постојано, во секој миг од своето опстојување се глуми самото себе пред себе си и пред други. Неопходна му е публика која со живо одобрување ќе ја потврди измислиената личност што ја претставува.

Достоинствениот го живее својот живот онаков каков што е. Не се конти зашто тоа не му е потребно. Не трча по туѓо одобрување оти знае самиот на што е.

Надмениот е во постојан страв дека ќе биде откриен, разобличен, спуштен на земја.

Достоинствениот нема причини да се плаши оти не лета во облаци и оти не се преправа дека е она што не е.

Надмениот е во себе збунет, несигурен, па затоа е секогаш исплашен и вознемирен, особено кога ќе се соочи со достоинствениот (на пример во политичките директни, тет-а-тет дуели).

Достоинствениот е прибран оти знае кој е, што е, на што е.

Надмениот длабоко се сомнева во себе. Затоа му е неопходно вештачки да се надувува за самиот на себе си да си изгледа позначаен.

Достоинствениот точно знае колку вреди. Ништо не си природава, ниту нешто си одзема.

Надмениот е нападен затоа што е слаб.

Достоинствениот човек е смирен и сталожен затоа што е јак.

Надменоста се заснова на самозалажување и самоотфрлање, а достоинството на самосознание и прифаќање на самиот себе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here