Богојавление - Водици
Потребно време за читање: 2 минути

Водокрст

Исус Христос бил крстен во реката Јордан од Свети Јован Крстител кога имал 30 години. Најнапред православните Христијани го слават празникот Водокрст, ден пред Водици, на 18-ти јаунари. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Празникот е востановен во спомен на некогашните обичаи кои се изведувале на тој ден, кога биле крштевани луѓето кои го примиле христијанството.

Богојавление – Водици

Во спомен на крштевањето на Исус Христос и објавувањето на Светата Троица, на 19-ти јанауари се прославува големиот празник Богојавление (кога Бог се јави), а поради тоа што со влегувањето во реката Јордан Исус ја осветил водата, празникот е познат и со името Водици.

На овој празник се врши голем Богојавленски водосвет, и тоа надвор од храмот, во неговиот двор, на море, езеро, река, чешма, извор и сл.

Прочитај и за ... >>  Вишну

Свечено, со литија, се тргнува кон местото на водосветот. Се упатуваат молитви кон Бога, да се осветат водите, со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух, и сите да се посветат со светлината на познанието.

Се пее црковната песна:

“Гласот Господов-над водите извикува:

Дојдете, примете го сите духот на премудрост, духот на разум, духот на страв Божји, од Христа Кој се јавил…

Господи, си дошол кон гласот од оној кој вика во пустината – пригответе го патот Господов – откако прими лик на слуга, барајќи крштение – Ти што не знаеше за грев. Те видоа водите и се исплашија.

Претечата затрепери и извика:

Како да го осветли Светилникот на светлината, како слугата да ја положи раката на Господарот?

Освети ме мене и водите, Спасителу, Ти, Кој го земаш гревот на светот”.

На 20-ти јануари се прославува соборно со песни празникот Собор на Свети Јован Претеча и Господов Крстител.

На овој ден се одбележува споменот на десната рака на Свети Јован Крстител, светата рака со која ја допрел главата на Христос при крштевањето, која Светиот евангелист Лука ја пренел од Севастија во Антиохија. Подоцна таа била пренесена во Цариград.

Прочитај и за ... >>  Прочка

За величината на Свети Јован Крстител зборува самиот Исус Христос:

“Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител”.

Јован Крстител јавно го критикувал неморалот на цар Ирод, кој живеел со жената на својот брат Филип. Затоа тој наредил да му ја отсечат главата.

Храмови посветени на Св. Јован се подигнати на местото на крштевањето на Господ, во Севастија – каде што бил посечен, во Антиохија – каде што Лука ја однел неговата десна рака, и во Цариград – каде што таа била пренесена од Антиохија, како и во целиот свет.

На местото каде што реката Јордан истекува во Галилејското море се наоѓа местото на крштевањето – Јорденит. Аџии, поклоници и туристи од целиот свет се собираат на ова место и облечени во бели долги кошули влегуваат во Јордан и се крштеваат.

Додека во источната црква се празнува сеќавањето на крштевањето на Исус Христос, на Запад под тој назив се врши помен на поклонението на тројцата мудреци. Ерменската црква на тој ден го слави и раѓањето и крштевањето на Исус.

Прочитај и за ... >>  Богот Перун

Други настани од Христовиот живот кои некогаш се врзуваат за овој празник се свадбата во Кана Галилејска и преображението.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here