Потребно време за читање: 3 минути

Станува збор за општествени науки кои ги проучуваат односите помеѓу луѓето во процесот на производството, размената и потрошувачката на материјални добра. Тие ја проучуваат општествената страна на производството и распределбата на добра (за разлика од агрономијата, металургијата и др. кои се занимаваат со техничката страна на процесот на производството), т.е. системот (структурата) на сите производствени односи кои произлегуваат од историски одредената положба на луѓето спрема средствата за производство, и вкупно сите оние мерки кои тие групи ги подразбираат поради остварување на своите посебни економски интереси.

Економските науки се историски. Сите производствени односи, стопански мерки и акции ги анализираат и прикажуваат во процесот на нивното закономерно настанување, развој и пропаѓање. Притоа се служат со логички и историски метод. Тие по правило не можат, за разлика од природните науки, да се користат со методот на експериментот; го заменува апстракцијата, т.е постапката на издвојување и согледување на сите битни својства, односи и врски во мноштвото на помалку или повеќе сродни економски појави. На тој начин се доаѓа до одредени економски категории, теоретски изрази на одредени производствени односи и до познавање на постојните економски закони кои ги изразуваат единството, зависноста и заемната условеност и поврзаност на сите стопански појави и економски односи помеѓу луѓето.

Во рамките на сите општествени науки, економските се фундаментални затоа што ги проучуваат материјалните општествени односи, кои во крајна линија ги одредуваат сите останати односи во човечкото општество.

Прочитај и за ... >>  Стока

Политичка економија

Во потесна смисла, ги проучува законите на настанокот, развојот и пропаѓањето на одредени општествено-економски формации; во поширока, пак, таа ги истражува најнапред посебните закони на секој одделен степен во развојот на производството и распределбата на добра, а потоа ги утврдува оние општи закони кои редовно се појавуваат на сите степени на општествената историја, во сите општествено- економски формации.

Според тоа, во кругот на економските науки, политичката економија го употребува највисокиот можен степен на апстракција и така се обидува да допре до сознанието за најосновните и најопштите закони на развојот на секоја економска формација.

Поради тоа во системот на економските науки политичката економија е всушност нивниот основен и најопшт дел.

Економика

Тој е израз што во англосаксонските земји, особено од крајот на 19. век, главно се однесува на економската теорија. Меѓутоа, некои од авторите го употребуваат единствено во смисла на ознака на стопанска состојба, економска дејност или севкупност на сите стопански односи во рамките на некоја земја, производствена гранка или претпријатие. Во таа смисла се зборува за економика на Македонија, економика на индустријата, економика на конкретно стопанско претпријатие итн. Конечно, изразот се употребува често и во смисла на наука за тие односи.

Прочитај и за ... >>  Безработица/Невработеност

Станува збор за дисциплина која ги проучува дејствувањето и пројавувањето на економските закони во специфични ситуации на некоја одредена земја, нејзина одделна стопанска област или претпријатие во рамките на таа област.

Економска политика

Таа е наука за системот на економски мерки и конкретни стопански акции на владејачката класа, кои таа ги презема за да ги осигура своите животни цели и да го насочи економскиот развој на земјата во правец кој им погодува на нејзините специфични интереси.

Изразот уште се употребува и во таа смисла за со него да се означи севкупноста на сите оние мерки, акции и стопански институции кои ги имаат тие цели; така, се зборува за економска политика на капитализмот, економска политика на социјализмот, или за економска политика на Германија, економска политика на Македонија итн.

Финансии

Наука која ги проучува методите и процесите на прибирање, чување и трошење на парични средства потребни за покритие на државните односно општествените потреби. Финансиите во рамките на тие функции ги пронаоѓаат најдобрите патишта преку кои ќе се спроведува општествената контрола над работата на одделни стопански организации и патиштата преку кои ќе се спроведува замислената економска политика.

Економска историја

Наука која го проучува развојот на производствените сили и продукционите односи низ историјата, во одделни конкретни општества. Веќе сознаените економски категории и законот на развојот на производствените сили и продукционите односи економската историја ги следи и ги прикажува хронолошки, во сите нивни специфични облици на пројавување, откривајќи ги притоа стварните причини и ефекти, економските случувања во минатото.

Прочитај и за ... >>  Пазар на пари

Од друга страна, економската историја прибира конкретни податоци од економското минато на човечкото општество, со кои се користат сите останати економски науки.

Историја на економската мисла

Таа е наука која го проучува историскиот развој на економските доктрини, нивната условеност и тесната поврзаност со степенот на развој на производствените сили и продукционите односи, класната заднина на тие доктрини и непосредното влијание на одделни економски доктрини врз конкретни економски акции и зафати на одделни класи или општеството како целина.

Економска географија

Наука за географската локација на производствените сили и одделни стопански објекти, кога таа локација е одредена со законите на општествениот развој, а не со законите на природата.

Економската географија ги проучува условите за просторен развој и распределба на продукционите постројки, што делумно зависи од човечката волја, а делумно од положбата и распространетоста на природните богатства на секоја одделна земја.

Економска статистика

Наука за методите и начините на бројчено прикажување на масовни економски појави и случувања во човечкото општество. Нејзина задача е законитостите на тие случувања да ги зафати квантитативно, да ги анализира и научно да ги докаже.

Економската статистика е основа на секоја квантитативна економска анализа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here