Потребно време за читање: 5 минути

Алармантно:

Научниците сметаат дека настапува период кога се намалуваат разликите помеѓу половите: мажите стануваат поженствени, а жените помажествени!

Луѓето во иднина ќе бидат бисексуални, оцени онкологот Умберто Веронези, поранешен италијански министер за здравје. Тој смета дека човечкиот вид тргнува кон „единствен модел“ оти разликите помеѓу мажите и жените се намалуваат. Мажите повеќе не мораат „да се борат за опстанок“ како некогаш, па произведуваат помалку андрогени хормони, а жените, соочени со нови улоги во општеството, произведуваат помалку естрогени хормони, поради што органите за репродукција атрофираат.

Веронези предупредува дека со вештачкото оплодување и клонирањето сексот повеќе не е единствен пат кој води кон раѓање и сосема ќе му ја одземе на сексуалниот чин репродуктивната цел. Сексот и натаму ќе постои, но само како емотивен чин. Затоа повеќе нема да биде толку значајно ако избереме за сексуален партнер лице од ист пол, а тоа е „цената на природната еволуција на видот“. Таа цена е позитивна оти настанува од желбата за еднаквост на половите.

Во последните 20 години жените преземаат сѐ поактивна улога во општеството, а тоа со себе носи намалување на разликите помеѓу половите. Според Веронези, тој процес е веќе во тек од крајот на Втората светска војна до денес. Последица е што плодноста на сперматозоидите во просек опаднала за 50%.

Поголемата еднаквост помеѓу половите не значи и целосно исчезнување на разликите, прецизира сексологот Кјара Симонели:

„Ќе уследи поголема слобода, пред сѐ ослободување од стереотипите и предрасудите. Тој феномен допрва почнува да се развива, а ќе се утврди низ две или три генерации. Револуцијата ќе биде и биолошка и културна. Промените во менталитетот и генетската еволуција се поврзани феномени, кои меѓусебно влијаат еден на друг. Сепак, се работи за мошне бавни процеси. Бисексуалното општество е сѐ уште мошне далеку“.

Антропологот Фјоренцо Факини предупредува дека раздвојувањето на репродукцијата од сексуалноста и семејството не може да се смета за напредок на човечкиот вид:

Прочитај и за ... >>  Љубовта и вљубувањето

„Репродукцијата за човекот не е само средба на партнерите за оплодување, туку подразбира и односи помеѓу две лица. Човековата природа тоа го бара. Сексуалната ориентација на видот е дефинирана биолошки и не може да се исклучи“.

Иако бисексуалноста постоела и во античка Грција, каде што мажите не ја криеле својата страст спрема момчињата, во старо време таа била многу поинаква од она што под тој поим го сметаме денес.

Ева Кантарела, професорка на Универзитетот во Рим, укажува дека не постоела можност за избор со кој и како да се има сексуална врска, туку тој феномен имал строги правила и бил привилегија дозволена само на мажите:

„Возрасниот маж можел да има однос со момче, но било задолжително да има активна улога. Кога би достигнале одредена возраст, адолесцентите би ја губеле пасивната улога“.

За алармантноста на состојбата:

Научниците стравуваат дека машкиот род стана загрозен вид поради сѐ поголемиот број на вродени дефекти и неплодноста!

Имено, сѐ повеќе момчиња се раѓаат со дефектни гениталии и патат од потешкотии во учењето, од аутизам и Туретеов синдром до многу други пореметувања, а приказната за тоа ја објави документарниот филм на CBC „Мажите во исчезнување“.

Нивото на машката неплодност е во голем пораст, а квалитетот на спермата на просечен маж е во опаѓање, покажале некои студии.

Сепак, податокот кој најмногу загрижува е растечката нееднаквост помеѓу половите, најмногу во индустриските земји, каде што веќе со години опаѓа бројот на родени момчиња.

Иако врската помеѓу загадената околина и човечката репродукција не е официјално потврдена, постојат докази кои говорат дека соодност помеѓу половите е условен од изложувањето на одредени хемикалии, како што се диоксини и пестициди.

Во еден свој напис објавен на Интернет, Милан Радовановиќ потеклото на промената или пореметувањето на односите помеѓу мажот и жената го бара во она што го нарекува „Адамов комплекс и Евин синдром“. Мора да се забележи неговото залагање за прифаќање на авторитетот на Бога и покајанието, односно свртувањето на човекот назад кон Него, па во тој контекст е и неговата „приказна“ за Адам и Ева:

Прочитај и за ... >>  Колку трае љубовта?

„Додека живеел во рајот, Адам не ја исполнил својата машка улога, зашто со Ева не засновал семејство, иако Бог веднаш по создавањето на човекот тоа го заповедал. Покрај инфериорниот Адам, Ева не можела да се оствари ниту како негова жена, а ниту како мајка. Адам едноставно не се покажал како добар маж.

Последица на тоа е што Ева скита сама низ рајот, не знаејќи што да прави со себеси. Адам ниту знае кај му е жената, ниту се интересира за неа. Во таква ситуација, Ева ја сретнува змијата која лесно успева да и го привлече вниманието и да ја набеди да го собере плодот од дрвото на познанието на доброто и злото. Прифаќајќи го набедувањето на змијата, Ева му станува неверна на Адам. Нејзиното неверство не е толку последица на несовршеноста на нејзината женска природа, како што тоа некои со векови го толкувале, колку на недостаток на Адамовиот авторитет. Ева во змијата нашла духовно водство кое Адам не и го дал.

Бог на жената и наменил маж како авторитет. Кога мажот не е доволно зрел за таа улога, жената авторитетот го бара во некој друг.

Адам требал да биде покрај својата жена и во секој момент да знае што се случува со неа. Да бил со Ева во моментот кога се појавила змијата, тој лесно би можел на змијата да ѝ ја сплеска главата и да го уништи поттикнувачот на гревот. Потоа, ако Ева веќе го набрала плодот и го пробала, Адам можел да влијае врз неа веднаш да го остави плодот таму кај што го нашла и да го плукне залакот кој ѝ бил во устата.

Наместо сето тоа, слабуњавиот и несигурен Адам и самиот го зема плодот в раце за да му го проба вкусот. Од тој момент вкусот на гревот ќе го мачи човечкиот род се до крајот на светот и векот.

Прочитај и за ... >>  Машка криза на средните години

Иако линијата на гревот тргнала од змијата преку Ева до Адам, Бог за прв и најодговорен за него го прозива Адам! На Адам не му помогнало никакво правдање и фрлање на вината врз жената. Адам е одговорен за гревот зашто како маж бил одговорен за однесувањето и постапките на својата жена“.

Радовановиќ тврди дека во веков во кој живееме доминира култот на жената во сите области-политиката, науката, спортот, уметноста, црквата, па дури и типично машките занимања, како што се воената и свештеничката служба, не се поштедени од ова „неочекувано присуство на жените“. Дојде до општа феминизација на човештвото која ги потисна мажите во втор и трет план. Оваа појава некои ја толкуваат како борба на жените за нивните човечки права што, според него, е обична фарса зашто жените само добиле нови обврски-освен подигнувањето на семејството, од нив сега се очекува и да заработуваат и да градат своја кариера рамо до рамо со мажите.

Се разбира, со ваквите ставови многумина нема да се согласат (ги пренесуваме за предизвик), уште помалку со неговиот завршен заклучок:

„Кога во западната христијанска традиција акцентот од Божјиот авторитет и духовниот живот е поместен на стремежот за ефикасно служење на светот, се јави култот на Богородица, кој и ја симболизира грижата за светот. Спекулацијата прво го изопачи култот на Богородица во култ на средновековна дама, кој во 20. век прерасна во култ на современа, деловна и еманципирана жена. Во моментот кога местото кое му припаѓаше на Бог го зазеде светот, творбата Божја, симптоматски жената го зазеде местото кое му припаѓаше на мажот.

Се што се случува на невидливиот духовен план, секогаш ќе се одрази во видливот свет. Тоа важи и за односот на мажот и жената кој секогаш ќе го одразува односот на Бог и светот“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here