Дефинитивно ништо од членство во НАТО?

И покрај тоа што Нимиц официјално изјави дека нема нов предлог, се дознава дека медијаторот денеска, на разговорите со Василакис и Димитров во Виена, излегол со 3 „старогрчки“ предлози (како свои), а кои досега на неколку наврати беа отфрлувани од македонската страна:

Македонија да прифати да се нарекува „Горна“, „Нова“ или „Република Македонија – Скопје“.

Значи, клучното е географската одредница што тие ја содржат (која некои наши „старо-нови“ политичари, за разлика од порано, се подготвени да ја прифатат; ним од наведените им одговара „Горна“) . Се шпелкулира дека е оставена „можноста“ Македонија „само внатре“ да се нарекува со своето уставно име. Наводно, грчката страна била против дури и за ваквиот предлог, барајќи и за „внатрешна употреба“ Македонија да го промени името.

Медијаторот Нимиц ваквиот пресврт, негативен за Македонија, го објаснува со опасноста за земјата во контекст на регионалните тензии и прашањето со Косово.

Според дипломатски извори, планот на Нимиц и на Американците е во наредните 15 дена, до самитот на НАТО, да се игра на картата која е можно и реално „да се случи“ во Букурешт. Имено, проценките на Стејт департментот се дека планот на САД за влез на целата Јадранска група е можен единствено доколку Македонија попушти, поради НАТО да го промени името. Анализите на Вашингтон велат дека Атина не би прифатила ниту еден друг предлог, освен трите „денешни“.

„Двете страни разгледаа неколку прашања. Не изнесов нови предлози. Сумирав до кај сме и какви можности имаме доколку сакаме да го решиме прашањето со името во разумно кратко време. Двете страни ќе ги известат своите Влади и ќе зборуваат за овие идеи. Потоа ги поканувам двете страни да дојдат во Њујорк идната недела, ако мислиме дека можеме да напреднеме. Тоа е интензивен процес, тоа е голем чекор. Двете Влади треба да ги анализираат своите ставови и да се согледа дали може да се сработи тоа. На 19-ти февруари јас ги дадов предлозите, ниедна страна вистински не ги прифати, но се зборуваше за елементи од предлогот“, изјави Нимиц.

Но, за да се направи баланс, покрај очигледно прогрчките предлози, Нимиц предлага во графите со кои во ОН се опишува националноста и јазикот да има прецизна формулација со користење на зборот македонски.

И покрај тоа што процесот кој се води во ОН нема формална врска со НАТО, Нимиц очекува двете земји под итно да одговорат на денеска поставените предлози, затоа што, според него, не останува многу време за решавање на спорот. Смета дека нерешавање на спорот носи многу ризици за двете земји.

Се остварува она што го претпоставував- прогнозирав во некои мои прилози деновиве: „големата“ Грција има „приоритет“ пред „малата и ништожна“ Македонија.

Нашиот државен врв има (тешка?) задача да му докаже на „меѓународниот фактор“ (не да го потсети оти никогаш не научил, ниту сакал да научи) дека Република Македонија отсекогаш била, е и ќе биде (пре)голема во неговите „мали очи“ (кои не гледаат од носот подалеку).

Со тоа што ќе ги прекине преговорите- разговорите! Образложение: тие станаа бескорисни, бесмислени, апсурдни.

Доколку нема „храброст“ за таков чекор, тогаш на разговорите- преговорите да им стави крај со самопреименување. Можеби ќе му олеснам со реактуелизирање на мојот предлог:

Република Протомакедонија.

Кој, сигурен сум, Грција нема да го „голтне“, но можеби ќе му помогне на „меѓународниот фактор“ да си ги „подотвори“ очите и да ја „догледа“ нејзината ступидност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *