Во Македонија злоупотреба на мерката притвор

Во февруарскиот извештај на македонскиот Хелсиншки комитет акцентот, меѓу другото, е ставен на маратонските притвори, непочитувањето на пресумпцијата на невиност и апсењата „во живо“.

Судовите се обвинуваат за злоупотреба на мерката притвор, а Министерството за внатрешни работи за селективна транспарентност при апсењата.

Хелсиншки предупредува дека притвор се определува многу лесно и без аргументи и се повеќе се третира како казна за обвинетите. Најчесто се одредува максималниот рок од 30 дена и се продолжува се до завршувањето на судскиот процес. Се изнесува состојбата во скопскиот затвор во Шуто Оризари, во кој во февруари и март се притворени 336-мина луѓе, а капацитетот е 140-мина. Тоа, меѓу другото, говори дека поради лесната примена на притворот затворот е пренатрупан, а условите лоши.

Хелсиншки посебно го потенцира неоснованиот притвор на обвинетиот Ордан Милановски во случајот „Бачило“. Милановски, кој веќе 4 месеци е во истражниот затвор, е инвалид, но судот не дозволи тој да се брани од слобода.

Хелсиншкиот комитет го обвини МВР за селективна транспарентност при апсењата. Не смее полицијата да дистрибуира снимки до медиумите или, пак, да се најавуваат приведувања, како што беше случајот со апсењата на цариниците и полицајцитe.

Во извештајот се потенцира и одговорноста на медиумите во непочитување на човековите права, заборавајќи на пресумпцијата на невиност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *