Потребно време за читање: 4 минути

На големо се шпекулира дали наскоро ќе има или не вонредни парламентарни избори во Македонија (редовните се догодина). И медиуми и политички аналитичари, но и „засегнати“ политичари различно оценуваат дали се можни или не, дали се нужни со оглед на парламентарната криза- напуштањето на Парламентот од страна на најголемиот дел од опозицијат.

Некои велат дека е неспорно оти станува збор за политичка криза во Македонија, а не само парламентарна, притоа заборавајќи на нејзината суштина: таа е состојба во која темелните институционализирани вредности на политичкиот систем се практично доведени во прашање и во која рутинските одговори на системот се покажуваат како неделотворни и неадекватни (Леонард Биндер); односно тоа е криза на ефикасноста, на политичкиот легитимитет и на политичкиот идентитет.

Можно ли е во Република Македонија на пролет да се одржат предвремени парламентарни избори? Зошто не? Без оглед на случувањата во регионот, особено кај јужниот сосед (евентуални парламентарни избори во Грција)?

Да, зашто оваа состојба тешко дека ќе може да се надмине. Парламентот да функционира нормално (без наводници) и со опозиција- ЛДП (значи не „практично“ без опозиција, а и тоа би било можно- легитимно; во минатото, во многу важен период (донесување на клучни закони) токму СДСМ на власт работеше со Парламент без опозиција), но да нема не политички дијалог, туку парламентарно политичко заемно дејствување, сопоставување, па и соработка помеѓу позицијата и опозицијата (конструктивност).

Некои медиуми објавија дека власта е подготвена за предвремени избори. Наводно, раководството на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ја разгледувало варијантата Собранието да се распушти и во март тие да се одржат. Премиерот Никола Груевски навести дека владејачката партија е многу блиску до ваква одлука. Некои, пак, сметаат дека е можно тие да се одржат во мај, по завршувањето на пописот. Мало значење му се придава на противењето на коалициониот партнер во власта ДУИ, иако е јасно дека без негова согласност тоа не е можно.

Прочитај и за ... >>  Кампања за предвиден пораз и сигурна победа

Првичните (инфантилни) оценки од денешната лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов се дека станува збор за неуспешно „глумење на демократија и дебата“(?). Зошто „глумење“, кога се разговараше повеќе од четири часа, на Груевски му се испорачаа веќе познатите барања- услови на опозицијата за нејзино враќање во Парламентот? Да, таа е неуспешна затоа што дел од нив се нелегитимни (тоа го призна и лидерот на опозицијата Црвенковски), а дел и неостварливи во краток рок. Ако било „глумење“, тоа значи дека на политичката сцена во Македонија постојат 17-мина лидери на политички партии (присутни на средбата) извонредни глумци (веројатно се мисли пред се на глумење сериозност), потоа претседателот на Собранието (исто така присутен) и домаќинот- претседателот на државата (според „логиката“, тие би требало да бидат најголеми глумци).

Најважното од таа средба е дека предвремени парламентарни избори во Македонија мора да се одржат час поскоро (можеби да бидат закажани веднаш по посетата на Груевски на Вашингтон). Власта, односно премиерот Груевски не треба да се занимава со тоа дали опозицијата сака или не сака избори, дали блефира, дали е „провидно“ или не сценариото што го „игра“. Факт е дека избори бара, „направи“ парламентарна криза, веројатно е подготвена да ја претвори и во политичка, некои „нетактични“ опозиционери најавуваат и улична демократија, дури и пролевање на крв.

Констатацијата на Груевски по лидерската средба нема никакво значење, а уште помалку оценката на потезите на опозицијата:
„Од ова можам да констатирам дека чекорите што се направени не се направени со цел да се предизвикаат предвремени избори, туку се направени со цел да не дојде случајно до предвремени избори, бидејќи опозиција која што поставува вакви барања, кои што се нелегитимни и за кои што одлучува судот, не одлучува Парламентот или не одлучува Владата – тоа е опозиција која не сака да има предвремени избори. Кога би сакала, или не би поставувала барања или би предложила неколку барања кои што се брзо и лесно остварливи“.

Прочитај и за ... >>  Нова еколошка катастрофа

Признанието на Црвенковски, но и тврдење кое одговорен политичар би требало да го поткрепи со факти и аргументи:

„Првиот беше оној кој што го очекувавме, а тоа е дека заради Уставот, уставните решенија, извршната власт не може и не сака да се меша во работата на независното судство и веднаш да кажам да, така е, тоа е и наш став. Владата, премиерот не треба да се мешаат во работата на независното судство, меѓутоа за жал тие се замешаа.

Целиот процес на судството или откривање на криминалот, ако го има во фирмите од „Перо Наков“, тргна со политичка одлука на премиерот. Токму затоа што тој ја донесе политичката одлука и се замеша во независноста на судството, сега е одговорен да се надмине целата ситуација“.

А кои се барањата, дел нелегитимни, а дел неостварливи на краток рок:

Од СДСМ: Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веднаш да обезбедат и да гарантираат непречено и без било какви притисоци и закани редовно и нормално функционирање на А1, А2 и весниците Време, Шпиц и Коха е ре, без затскривање зад т.н. независно судство (прашање: сите други медиуми функционираат „нередовно и ненормално“?; измерена ли е „тежината“ на партиско застанување во одбрана на приватни медиуми, сопственост на еден „газда“?); уставни измени со кои министерот за правда би се отстранил од правосудните органи, носење на закон со кој кампањите што се финансираат од државни пари ќе мора да се распределуваат рамномерно на сите медиуми (значи не еднакво; а според кој „клуч на рамномерност“?!), измени на изборниот законик со вклученост и на ОБСЕ и ОДИХР (несфатливо барање; зарем оппозицијата не знае дека Република Македонија не е под ничиј, ниту под меѓународен протекорат?!) и формирање на собраниска комисија за прочистување на избирачкиот список.;

Прочитај и за ... >>  Лесна и недипломатска реторика од позиција на сила

Од НСДП: консензус за ажурирање на избирачкиот список под контрола на парламентарна комисија, измени во изборниот законик кои ги сугерираше ОДИХР, а се однесуваат на отчетност на финансирањето на партиите; уставни измени со кои министерот за правда ќе се оддалечи од работата во Судскиот совет и Советот на обвинители; потоа контрола на Собранието врз трошењето буџетски средства, измени на законот за Македонската радио-телевизија (МРТВ да се профилира во јавен сервис, а не во телевизија на една или две партии кои се на власт);

Нова демократија: измени во Законот за попис и одржување на пописот на лето, за да не бидат 250.000 луѓе изоставени, да се отстрани црквата од Калето (Скопје) „која е макета на ДУИ и објект на Паско Кузман“ и да се воведе Бадинтеровиот принцип во Уставниот суд, Судскиот совет и при носење на буџетот во Собранието, како и утврдување на прецизни рокови и за неисполнетите обврски од Охридскиот договор.

Час поскоро вонредни парламентарни избори. Меѓу другото, за победникот на нив повеќе да не биде „можеби легален, ама не легитимен“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here