Потребно време за читање: 4 минути

Евроамбасадорот во Македонија изрази загриженост оти Владата и понатаму била глува на апелите за департизација и професионализација на јавната администрација. Се разбира, тој е европски дипломат, има обврска внимателно да ги следи случувањата и процесите во Македонија, па добро знае „што е што“. Очигледно, ова е уште едно негово „истрчување“ за дневно- политички опозициони цели.

Фуере изјави дека без департизирана јавна администрација нема изгледи Македонија да успее на евроинтегративниот пат, па партиските вработувања по министерствата мора да престанат. Потсети и на барањето Владата да спроведе рационализација на бројот на државната управа и администрацијата поради буџетските заштеди.

„Жалиме што и по извештајот за напредок имаше повеќе случаи кои ги споменав, на луѓе кои биле тргнати настрана од причини кои немаат врска со напредокот во кариерата во постоечките министерства. Навистина, уште еднаш ја повикуваме Владата да стори се што може за да престане оваа практика, да обезбеди целосно почитување на сите закони, за да можеме да постигнеме професионална јавна администрација во земјата“, изјави тој.

На евроамбасадорот му е добро познато дека одделните случаи не треба да се генерализираат, особено кога станува збор за еден од круцијалните проблеми кои час поскоро мора да се решат. Не поради „немањето изгледи“ Македонија да успее во евроинтегративниот пат, туку оти тоа е еден од најважните предуслови за модерна и функционална правна држава.

А на Фуере му е сигурно добро познато дека неодамна беше формиран Комитет кој ја оценува ефикасноста, бројноста и потребата од деполитизација на администрација и јавниот сектор, а тоа значи дека реформите се започнати. Основната цел е јавна администрација за потребите на граѓаните и бизнис заедницата. Во согласност со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за информатичко општество од 1. јануари годинава ги презеде надлежностите за јавната администрација.

Прочитај и за ... >>  Уште една независна „контра“ на македонската опозиција

Потсетувам на изјавата на министерот Иво Ивановски на неодамнешната прес конференција: Министерството веќе презело дел од вработените од Агенцијата за државни службеници, но и од Министерството за правда, Секретаријатот за европски прашања и Генералниот секретаријат кои веќе работеа на реформа и модернизација на јавната администрација. Бројот на вработените во јавната администрација се очекува да се знае на крајот од јули годинава, откако ќе бидат направени анализи во сите институции кои се под јавна и државна администрација, а регистерот за јавна администрација законски треба да биде комплетиран до крајот на јули.

„Досега во Македонија нема анализа кои установи се дел од јавната или државната администрација. Кога ќе се направи таа анализа, ќе може да се почне со остручување на администрацијата, а со цел таа да може да биде поефикасна“, изјави Ивановски.

Потребна е исто така анализа на Законот за општа управна постапка врз основа на забелешките на ЕК за таканаречениот „систем на молчење на јавната администрација“, односно одобрување. Потоа ќе следи воведување на информатички технолоигии- практики со цел да се растоварат граѓаните на Република Македонија и да можат дел од услугите да ги добијат електронски.

Прочитај и за ... >>  Балканска партиска политика

Ивановски:

„Главна цел на реформата на администрацијата е деполитизација, стручна и одговорна администрација. Со новиот Закон за државни службеници се поставуваат многу потешки критериуми за влегување во државната администрација. Државните службеници ќе можат да напредуваат многу побрзо, се воведува систем на едногодишна пробна работа“.

Дека оценката на Фуере не е ништо ново, па немаше потреба од повоторно „актуализирање“, говорат и бројните досега објавени анализи и коментари на аналитичари експерти за оваа проблематика: македонската јавна администрација е партизирана и гломазна, големиот државен апарат го оптоварува Буџетот со тековни расходи и не придонесува за економски развој на државата.

На пример, оценката на професорот Мерсел Биљали:

„За жал, кај нас администрацијата е тотално партизирана, така што и квантитативно и квалитативно не одговара на своите функции за вршење ефикасни дејности во однос на државата.“

Или на шефот на мисијата на УСАИД во Македонија, Мајкл Фриц:

„Некои министерства треба да имаат капацитети за истражувања и аналитика, но немаат ниту еден вработен во тие оддели. Платите се ниски, па понекогаш е тешко да се задржат вработените. Во минатото, кога имало смени на влади и министри, имало големи кадровски смени и во министерствата, што ја пореметува способноста на министерството да си ја врши работата“.

Или на професорот Борче Давитковски (во неодамнешна колумна во „Утрински весник“:

„Основни мотиви/причини за спроведување на реформата на јавната администрација во Република Македонија треба да бидат развојот на демократското општество и пазарната економија, односно стабилноста и континуитетот на државата кои можат да се обезбедат само со создавање и развој на демократска администрација.
Основните карактеристики кои и’ недостасуваат на македонската јавна администрација, а кои треба да се обезбедат со најавените реформи, се следниве: мала јавна администрација со истакнати регулативни функции и функции на следење, наспроти класичниот државен интервенционизам; едноставна структура со цел да се зајакне одговорноста на функционерот; демократско работење на администрацијата особено во остварувањето на нејзините јавни овластувања; департизирана и деполитизирана јавна администрација раководена од начелото на транспарентно работење; респонзивна, граѓански ориентирана јавна администрација како ефикасен сервис за граѓаните во остварувањето на нивните права; деконцентриран модел на јавна администрација.

Прочитај и за ... >>  Спасување на Грција

Целта на реформата во јавниот сектор се гледа во неопходноста од растоварување на буџетот и овозможување тој да финансира мала, стручна и неполитизирана демократска јавна администрација. Со ова ќе се надмине постојната состојба повеќе од 50 отсто од буџетот да се одлева на плати на јавните службеници и ќе се потенцира неговата развојна компонента за финансирање на економскиот раст на државата. Со ваквата реформа ќе се обезбеди, согласно принципите на стручност и компетентност, како и согласно резултатите на приватизацијата/трансформацијата на јавниот сектор, да се добијат поквалитетни и побрзи услуги од страна на јавната администрација, а за помалку потрошени средства“.

Според се уште неофицијални проценки, во земјава има околу 120.000 вработени во јавната администрација, а според стручни проценки таа не би требало да брои повеќе од 70.000.

Владата и понатаму е глува на апелите за департизација и професионализација на јавната администрација?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here