Потребно време за читање: 2 минути

Секое општество, секоја заедница, секоја група на луѓе имало и има еден или повеќемина големи луѓе. Проблемот е тие навреме да се препознаат, да се издвојат за да служат како пример, но и соодветно да се наградат односно вреднуваат.

Цитирам неколку мисли на големи луѓе за големите во историјата на човековата цивилизација:

Ниче рекол:
„Сѐ што е навистина големо се држи далеку од пазарот и славата“;

Достоевски:
„Секој човек, кој и да е, мора да ја наведне главата пред уверувањето дека постои Голема Мисла“;

Фелини:
„Великанот може да биде мал во својата големина, а малиот човек голем во својата дребност“;

Лец:
„Од голем човек мала сенка. Чудно?“;

Тагоре:
„Само оној е навистина голем, кој ги поддржува животите на многумина, напоредно со својот“.

Значи, нема потреба да вложувам особен „мудрувачки“ напор за и ние да домислиме нешто барем „малку големо“ за големите луѓе. Меѓутоа, чинам дека во овој наш актуелен миг е пополезно да се обидам да ги „проблематизирам“ (големите луѓе). Тоа го сметам за нужно, дури и обврзувачко во професионална смисла. А „проблематизирањето“ веднаш наметнува неколку прашања на кои најнапред ќе се обидам да одговорам (веќе иницирани во воведот на овој прилог):

Прочитај и за ... >>  Маргиналнa и за Македонија неинтересна „приказна“

Дали ги препознаваме големите луѓе помеѓу нас? Можеби ќе биде поточно прашањето: дали умееме и сакаме да ги препознаеме?

Веднаш одговарам аргументирано: ниту ги препознаваме, ниту умееме, најмалку сакаме да ги препознаеме.

Тоа претставува најдиректен израз и одраз на нашата сеопшта, „колективна“ инфериорност, па дури и страв од нив (амнезија?). Најнапред за да не ни го нарушат „упросечувањето“, едвај достасаниот каков-таков просек на безвредно живеење односно живуркање, на неефикасно дејствување и на непродуктивно работење. Тоа е првата и последна причина, „алфа и омега“ на нашиот провинцијален дух, примитивизмот, полтронството, маргиналноста, бесчестието, недостоинственоста, на лагите, манипулациите, шпекулациите итн. итн.

Аргумент:

Каков е нашиот однос спрема странските, а каков спрема домашните експерти-учени, со своето творештво во светот потврдени личности? Дали треба да спомнеме, на пример, некој од нашите во светски рамки врвни писатели, поети, ликовни, музички, театарски дејци? Прашање со претпоставен одговор: каков е нашиот однос спрема нашите музички легенди во македонската поп и рок музика, а каков спрема странските?

Прочитај и за ... >>  А кој очекува датум за преговори?

Ги издвојуваме ли големите луѓе од другите, прво од малите? Со што и како ги издвојуваме?

Внимавајте, тие и таквите воопшто не сакаат, ниту, пак, се трудат да се издвојат (поради својата едноставност и скромност). Ако некој помеѓу нив, поради лична загрозеност и сл. „покаже“ на себеси, всушност само не потсетува на сопствениот авторитет кој го стекнал (и има право да го брани) исклучиво со своето творештво-дело-создаденото во областа во која дејствува. Големите луѓе не сакаат да се издвојуваат, ама и не дозволуваат просечни или дребни, ништожни да ги газат,
омаловажуваат, унижуваат.

Големите луѓе можеме и треба да ги издвоиме од другите, најнапред од малите, исклучиво со почитување на од нив создаденото и на она што во континуитет го создаваат. Почитување, не (не мора) и наградување.

И третото прашање:

Дали нашите големи луѓе соодветно ги наградуваме-вреднуваме?

И пак, по третпат, веднаш одговарам без потреба да аргументирам:

Не, и тоа е, за жал, еден од нашите најголеми порази пред светот!

Прочитај и за ... >>  Слободен и независен

Конечно, најпоразителното за нас:

Светот не ги цени, не ги почитува, дури воопшто не ги есапи оние народи и држави кои не ги препознаваат сопствените големи луѓе во минатото и сегашноста, а за да го запознаат со нив, и тој да ги научи. Светот има потреба (секојдневна) од големи луѓе (во последно време особено на мали народи) поради сопствен опстој и цивилизациски развој.

Тешко на оној народ (тешко нам) кога тој-светот ги препознава и вреднува (но и ги присвојува, ги „вдомува“) нашите големи луѓе, а тие на сопствениот му пречат!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here