Македонците вегетаријанци!

Светскиот ден без месо (20.03.) во земјава помина сосема незабележително, доколку не се земе предвид акцијата на здружението „Срце за животните“- делењето на флаери во кои се апелираше да престанеме да јадеме месо.

Ако се има предвид колку годишно просечно јаде месо секој Македонец, тој го одбележува овој ден секој ден. Ете една од „придобивките“ на сиромаштијата, па и гладта во Македонија. Или недоволната исхранетост и последидиците од неа (не само здравствени).

Секој граѓанин на Република Македонија просечно во годината изедува 23 килограми месо. Ако тоа се подели по месеци, месечно изнесува 1,92 килограма, а дневно просечно 0,064 грама!

Меѓутоа, наспроти статистичкиот просек, Македонците се познати (во регионот, па и пошироко) како љубители на месо. Го сакаат и печено и на скара и динстано. Ретки се оние што од здравствени причини избегнуваат да јадат место, а уште поретки оние што не го јадат оти им е жал за животните.

Претходната пресметка ја негира следниов податок: Македонија важи за мал потрошувач на месо, но е блиску до светскиот просек. Годишната потрошувачка изнесува 35.000 тони.

Навистина, може ли вегетаријанството да добие повеќе на значење во земјава, па и да се прифати масовно?

Најнапред треба да се има предвид предупредувањето на докторите: прекумерното јадење на месо потенцијално го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, карцином. Во умерени количини месото е здраво за јадење.

А што е вегетаријанството? Знаеме? Да се потсетиме:

Зборот вегетаријанство произлегува од латинскиот збор vegetus, што значи здрав, свеж и полн со живот или homo vegetus, што значи телесно и ментално здрава личност. Изворното значење на зборот укажува на урамнотежена филозофска смисла на животот, а не само исхрана која се состои од овошје и зеленчук.

Луѓето стануваат вегетаријанци од етички причини. Сметаат дека животните имаат право на сопствени животи и не е в ред да се убиваат, да се мачат и да се искористуваат за човечки потреби. Освен непотребниот геноцид на животните, за нивно одгледување се троши храна која може да прехрани гладни луѓе, се уништува плодно земјиште, се горат шуми, се трујат води и воздух, па многумина се свесни и за еколошките причини. Не јадат животни оти сметаат дека за спасувањето на планетата е пресудна вегетаријанската исхрана, бидејќи индустриите на месо, млеко и јајца ја уништуваат Земјата со страотна брзина.

Исто така луѓето мислат и на сопственото здравје. Познато е дека коктелот на отрови кои се наоѓаат во животинското месо го уништува човековото здравје, а вегетаријанството го продолжува животот и го чува здравјето. Поради тоа вегетаријанците не јадат животни односно месо и риба, а многумина не јадат ниту јајца. Вегетаријанците вегани не јадат ниту млеко, односно секоја намирница од животинско потекло.

Можеби на Светскиот ден без месо македонските вегетаријанци требаше да им се обнат посебно на нашите Дами и Господа. На пример вака:

Станете вегетаријанци без опасност дека нема да се препознавате како Дами и Господа. Можеби ќе ви биде полесно „стопени“ во широките народни маси!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *