Потребно време за читање: 3 минути

Често слушаме за имање или немање на критериум („Овој човек има- нема критериум“), односно за имање или немање на критика. Почесто како констатација дека „ни недостасува“ или како прашање: „Зошто ја немаме?“

Притоа, нема напор или макар маргинален обид да се навлезе во нивната суштина и да се извлечат релевантни заклучоци, да се констатира состојбата во рамките на нашиве ситуа(к)ции.

Всушност, кога станува збор за критериумот, имањето или немањето лесно и беспоговорно го констатираме како неукост или незнаење, „неприлагоденост“ на актуелните процеси и сл. А кога е во прашање критиката, исто така најчесто се изнесува беспоговорна оценка дека ја немаме затоа што таа не ни одговара, се плашиме-се плашат од неа. Најчесто дека воопшто не е лесно, дури е невозможно таа да се негува помеѓу „нашите“ и „вашите“.

Основното: знаеме ли што е тоа критериум?

Ако случајно не знаеме, воопшто не тешко да дознаеме. Негово објаснување можете да најдете во кој било речник на странски зборови-лексикон или општа, филозофска, културна итн. енциклопедија: тој е средство за разликување, за проверување, со чија помош утврдуваме дали е нешто навистина тоа што се причинува дека е. Постојат многу и различни критериуми (личниот критериум не е вид на критериум), од кои најчесто се посочуваат (со право или не, во нашиве констелации „многу со право“) критериумот на вистината и критериумот на доброто. Со првиот ја разликуваме вистината од невистината-лагата, а со вториот доброто од она што не е добро односно е лошо, зло, неубаво и сл.

Прочитај и за ... >>  Со Михајловски континуитет или нов чекор на македонскиот ракомет

Што е со критериумот на вистината? Тој во наши услови и „соображенија“ е еден од најпроблематичните (не велам и најпроблематичен), бидејќи на оние што го немаат како „средство“ им прави големи проблеми затоа што и други(те) не треба да го имаат. Па како таков и најчесто и најлесно се „проблематизира“, на пример со не знам од кого измислената ступидарија: „Колку луѓе, толку вистини“.

Соочувајќи се со тој критериум кај други(те), поточно со неговата сила, тие што го немаат измислија „компромисна“ вистина: полувистина. Притоа не помислувајќи дека во секоја стварност, а особено во онаа преполна со крајности (или-или), нема ништо „полу“-„половично“. Дури и „полуголото“ на крајот се појавува или како угул голо или како облечено.

Да расчистиме: нема многу вистини, туку само една. Има многу критериуми за вистината, што би можеле да ги сведеме и на посочената ступидарија. А таа е тоа бидејќи во однос на луѓето има многу повеќе лаги отколку вистини или критериуи за лагата.

Ајнштајновата теорија на релативитетот нема никаква врска со критериумот.

Што се однесува, пак, на „компромисната“ вистина или полувистината-половичната вистина: едноставно, сѐ додека е таа таква, не може да биде, да се нарече и прифати како вистина. Дури, детската глава го кажала ова, а некои „заседени“ и „оседени“ глави, особено во политиката и власта ја изделија како голема мудрост (нема црска!): „Цело е кога има сѐ “.

Прочитај и за ... >>  Очекувани и логични вонредни избори

Полувистината не може да се дефинира како што посакуваат и го прават тоа оние на кои најнепосредно се однесува: нешто е, ама нешто (повеќе од првото нешто) не е вистина. Исто е како, на пример, за некој министер или за премиерот да тврдиме (утврдуваме) дека малку е министер-премиер, ама малку (повеќе од првото малку) не е. Веројатно тому поради ваквото толкување и „примена“ на полувистината имаме и „полуминистри“, но лично не се осмелувам да тврдам дека имаме и „полупремиер“. Него или целата Влада, сеедно. (Зарем е можно да имаме „полу-Влада“? Имаме? Немојте „компромисно“: или имаме или немаме, трето нема!).

Што се однесува на критеримот за доброто, тој е „почист“ од критериумот за вистината (поради „многуте вистини“ и „полувистината“). Лично досега немам слушнато некој да тврди дека има нешто во животот што е „полудобро“. Има многу добри нешта, добри дела, добрини, ама во сите нив доброто е едно и препознатливо- како вредност.

Да, и кога станува збор за овој критериум има „проблеми“ во однос на лошото, злото, неубавото итн., од кои сакам да посочам на еден: трпењето, поднесувањето на лошото, злото, неубавото толку долго што како веќе да ни станало, да ни станува добро. Времетраењето на тоа трпење, на тој трпеж- крпеж, најчесто се означува со: „Има и бетер“. Значи, трпете, не скокајте- не рипајте, „добро е“ и лошово оти има (или може да има-да не снајде) полошо. Ова е горлив проблем за нас во „оваа“ стварност.

Прочитај и за ... >>  „Лопата маркетинг“ или...

Ја спомнав критичката опсервација , подложувањето на критика. Дојдов до неа од проста причина што критериумот како таков не може да се претстави, презентира, доградува, надградува без критика. Тоа го знае секој кој знае што е тоа критика.

За да знаеме сите, за да се разбереме и да се разбираме: таа е изрекување на вредни, валидни вредносни судови за некој предмет, појава, процес, дејание. Таа е способност на човекот која го варди, го брани од измамата и заблудата. А, пак, вредносен суд не може да се донесе без стручно знаење и лична способност. Толку.

Дали ви е сега појасно на кое дереџе сме, поточно на кое нѐ ставија оние што ги ставивме на позициите на кои се? Зошто го дозволивме и го дозволуваме тоа?

Од силата на аргументот и од моќта на критиката не се плаши само оној кому му е туѓ аргументот на силата и кој не прифаќа да (пред)води некритичка-нестручна и неспособна маса (граѓанство, народ, мнозинско-немнозинска заедница, гласачко тело-електорат).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here