Потребно време за читање: 11 минути

Воопшто не е спорна нужноста од постоење и постојано- континуирано збогатување на национална- Македонска енциклопедија (не Енциклопедија на Македонија). Национални имаат многу, речиси сите нации во светот. Таквата енциклопедија е одамна „дефинирана“- утврдени се нејзините основни карактеристики: енциклопедиското знаење се групира според исклучително важен критериум- националниот, кој подразбира собирање и лексикографско систематизирање на знаењето за националните култури, достигнувањата и вредностите. Тој е мошне значаен за, како што потенцираат енциклопедиски авторитети, виталните интереси на слободата и опстанокот, особено на малите народи во современиот свет. Постои општа согласност дека во тој свет се загрозени двете најголеми придобивки на граѓанското општество- правата на човекот на индивидуална (лична) и колективна (национална) слобода.Националните енциклопедии претставуваат не само капитални дела, потврда на индентитетот на една нација во сета негова комплексност, туку и гордост. Доволно е да посочиме колку се гордеат Англичаните со својата „Британика“ (која со текот на времето стана општа односно најавторитетна во светот), а од балканските („поновите“) Хрватската енциклопедија (до 2007. се објавени 9 од предвидените 11 томови!).

Најважното за секоја, посебно за националната енциклопедија од општ тип е изнесување на факти, а најмалку или дури воопшто не вредносни судови и интепретации. Постои едно златно правило на енциклопедистиката, применето уште во Џонсоновата општа енциклопедија од 1874- та: „Коментари, расправи, шпекулации, критики…немаат згодно место во прирачна книга чија главна цел е да изложи факти на позитивното знаење, а не мислење на луѓе за тие факти“.

Сведоци сме на една досега невидена- нечуена медиумско- политичка (политикантска) врева во врска со промовираните, во моментов се уште официјално неиздадени два тома на „Македонска енциклопедија“ од страна на МАНУ.

Всушност, како што забележа претседателот на Академијата Георги Старделов, само за една нејзина страница од вкупно 1.800, во која македонските Албанци се прикажани на „навредлив, шовинистички, националистички“ начин, како што гневно потенцираат водечките личности од албанските политички партии (без исклучок), но и невладини организации и медиуми ( со „одржување на огнот“). Дури се слушна и еден нонсенс кој може да „излезе“ само од дебилни (странски) политикантски умови: дека целта на секоја енциклопедија е да обединува, а не да раздвојува народи! (И кога би се прифатила таквата цел, без оглед што е нонсенс и за „најопштата“, белким обединува народ и етнички малцинства, односно мнозинска и немнозински заедници; патем, зошто македонските Албанци, не само нивните политичари, постојано истакнуваат дека се народ во Македонија, а не немнозинска заедница како што е прифатено во Рамковната спогодба односно Уставот на РМ?)

Повеќе од очигледно е дека се работи за лошо режирана и опасна врева од страна на домашни и странски политички „запаленковци“ или „радикали“ на кои одамна не им е местото во македонската и соседската (албанска и бугарска) политика.

Познато е, уште од почетоците на енциклопедиското синтетизирање на факти и аргументи, дека тоа е жива материја која во континуитет се менува, корегира, доградува, збогатува, усовршува. Затоа и постојано нови изданија (на пример на Енциклопедија Британика последното, што е во тек- излегува од 1985- та содржи 32 тома).

Во врска со изданието на МАНУ се бара нешто што е преседан, надвор од умот и е, како што потсетија некои новинари, многу блиско до случајот „Фаренхајт 451“, кога во предвоена Германија биле забранети и гореле на клада непожелни книги. Затоа час поскоро вревата мора да запре, вреваџиите да „одморат“, да замолчат или да ги замолчиме со „опомена“ дека таа веќе не минува кај народот (мнозинската и немнозинските заедници во Македонија).

Впрочем, таа запира, веројатно ќе запре по смирувачките „тонови“ на премиерот Никола Груедвски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, а пред се по корекциите на „грешките“, што е најавено, пред дистрибуцијата или „официјалната продажба“ на „Македонска енциклопедија“.

Дека се работи се лошо режирана односно синхронизирана врева, потврдуваат и други аналитичари, хроничари, новинари. На пример, Милан Банов во својот коментар во весникот „Дневник“, под наслов „Посакувана ‘грешка’“:

„Жестоките притисоци за повлекување (читај: забрана) и преиначување на Македонската енциклопедија (последната вест во ова еднонеделно енциклопедистичко бунило), вродија со плод, уште еднаш потврдувајќи дека политиката е посилна од фактите, особено ако е поставена врз темелите на насилноста, на заканата и на калкулацијата со стравот. Се разбира, не сакам да ставам знак на равенство меѓу нештата, меѓутоа, колку и да се сака, не може да се побегне од впечатокот дека сиве овие настани, кои иднината веројатно ќе ги препознава во синтагмата „енциклопедиски случај“, неодоливо потсетуваат, барем според драматургијата и односниот предмет, на случајот „Фаренхајт 451“, кога во предвоена Германија биле забранети и гореле на клада непожелни книги“.

Македонската парламентарна оппозиција, пред се СДСМ на Бранко Црвенковски, полемиките околу спорните одредници во „Македонска енциклопедија“ ги искористи за напад врз актуелната власт. Го искористи фактот дека на промоцијата присуствуваше и премиерот Никола Груевски (изданието го финансира Владата на Македонија уште од пред 6- 7 години!; дали на промоцијата не би присуствувал Црвенковски ако сега беше премиер?). „Бисерот“:

Прочитај и за ... >>  Нема скорешно и брзо решение на проблемот на Данајската република (Грција) со името Македонија

„Не сакаме да веруваме дека со македонската енциклопедија се повторува сценариото од 2001. година, кога ВМРО ДПМНЕ со посредство на поединци во МАНУ ја промовира поделбата на Македонија“.

Кога би ја немало режираната врева, туку смкирено, стручно, со аргументи и факти би се сопоставиле „двете страни“, веројатно би се развила полемика и во врска со прашањата што во своето соопштение ги поставува Светскиот македонски конгрес:

„СМК смета дека Македонската енциклопедија не е проектирана како антиалбанска, ниту нејзината порака е омраза спрема Албанците! Сепак, поради наметнатите дилеми, СМК упатува јавен повик до албанските научници, како и до академиите во Тирана и Приштина, кои веќе се огласија, научно да го потврдат етно- генетскиот и етно- културниот континуитет на Албанците со Илирите, транзицијата на етнонимите на илирските племиња во имињата на арбанашките и шќиптарските родовско- племенски заедници, односно дисконтинуитетот на Илирите и Албанците од 4. до 11. век, како и да одговорат на прашањата:

Ако Македонците се Словени доселени од зад Карпатите, од каде словенската топонимија на целата територија на Косово и Албанија? Како Дарданците станаа Геги, како Епирците односно Епириотите станаа Чами, како Тракијците односно Пелазгите станаа Тоски? Кои процеси ги предизвикаа овие драстични промени? И, ако Албанците се Илири, што се Далматинците – потомци на најголемото илирско племе – Далматите?“

Што ја предизвика за некои (во опозицијата) посакуваната, но лошо и опасно режирана врева во која, за жал, наивно влетаа и политички „запаленковци“ во Албанија и Бугарија, но и во Европската унија(?!)?

„Шовинистичкиот однос“ на македонските академици „резултирал“ со опишувањето на македонските Албанци како доселеници кои уште од 16- от век почнале насилно да ги населуваат македонските територии, потоа со „навредата“ дека се наречени Шиптари (Планинци), како и „тероризмот“ и „наводното“ обучување на тн. ОНА од страна на припадници на британски и американски служби за безбедност во логори во Албанија (реакција и на британската и американската амбасада во Скопје).

Во вревата не може (не се сака) да се чуе ставот на некои од авторите на тие одредници. На пример, дека е неразбирливо зошто македонските Албанци се навредуваат поради називот Шиптари (во поголемиот дел од енциклопедијата се Албанци) кога самите така меѓусебно се нарекуваат.

Или дека насилството во целиот процес на доселување, според Проф. Д-р Ѓорѓе Малковски се однесува посебно на периодот на Втората светска војна:

„Нема да дозволам да се корегира мојот дел од текстот зашто се базира исклучиво на историски факти. Неспорна вистина е дека балистите за време на Втората светска војна насилно го протераа македонското население од западниот дел на земјата. Тоа е лесно да се провери. Доволно е да го споредите нивниот број пред почетокот на војната и сега“.

Малку „потивка“ е вревата за обуката и опремувањето на ОНА (воздржана и реакцијата на американската и британската амбасада). Веројатно затоа што постојат несоборливи, досега неоспорени факти (двојната улога на МПРИ- види текст на Чошудовски на овој сајт).

Мошне нелогично и неприфатливо е барањето (и на лидерот на ДУИ) премиерот и претседателот јавно да се дистанцираат од енциклопедијата. Имено, во интервју за Слободна Европа Ахмети нагласува:

„Мислам дека политичките авторитети во државата треба јасно да се изјаснат во врска со ова излагање во енциклопедијата, за да се отстранат сите сомнежи како кај меѓународниот фактор, етничките Албанци и кај нашите соседи, како што е Албанија и Косово, дека зад тој провокативен текст, кој создава поделби, не стојат политичките авторитети на земјава, на државата“.

Нелогично е и неприфатливо затоа што, прво, тие се политичари а не историчари (напротив, им припаѓаат на други стручн „фели“), не се членови на МАНУ, ниту надворешни соработници, а второ, не постои пример во демократскиот свет (добро би било Ахмети да го посочи доколку знае за таков) енциклопедија или некоја одредница во неа да се пишува од или под диктат на политичари. Белким тие што го бараат тоа не мислат оти живеат и дејствуваат политички (во Парламентот, учествуваат во власта- владата) во недемократска- тоталитарна држава! Во изјавата тој и „навестува“ дека не мисли така: не планира да предизвика владина криза, но предупредува дека, доколку се докаже оти државни и владини институции стојат зад политиката на МАНУ, „ќе има последици“. Дали мисли на неговата порака од Тирана дека со објавувањето на енциклопедијата МАНУ го нарушила примирјето до 2001- ва? (Патем, зарем е тоа толку кревко да можат да го нарушат „еден господин Блаже Ристовски“ заедно со „сенилни академици“, како што ги нарече пишувачите на енциклопедијата портпаролот на пратеничката група на ДУИ Џевад Адеми, веројатно не знаејќи дека не е мал бројот на автори на текстови во неа не се академици?)

Треба да се очекува изјавата на премиерот Никола Груевски да ја стивне лошо режираната врева:

„Во ситуација кога секогаш, генерално кажано, кога имаме некој којшто е навреден, добро е двете страни, независно на аргументите на едната или на другата страна, независно кој е прав кој е крив или кој како ги чувствува работите, добро е во една таква ситуација да се најде начин помеѓу двете страни да разговараат и преку разговор, дијалог, разбирање и заемно почитување, да дојдат до одредено решение на проблемот“.

Прочитај и за ... >>  Медиумска лага во „рамки“

Од не помало значење е неговата изјава за „режисерите“ (помеѓу нив и авторите на „политичкиоит дијалог“, „антиквизацијата“…):

„Секогаш се јавуваат некои сили, за кои не би сакал да одам во детали, коишто се обидуваат на некој начин да ја нарушат атмосферата, да создадат нервоза, да создадат кавга, да создадат спротивставени страни, коишто ќе направат лоша слика за Република Македонија, и коишто евентуално би премислиле некој од Европа или некои од којшто ни зависи некаков извештај, оценка, напредок итн. тоа да биде лошо. Навикнати сме ние Македонците на таква работа. Ќе продолжиме и понатака да работиме, и кога верувате во успехот, и кога многу работите, тој мора да дојде“.

Непримерни реакции на политичари во власта и опозицијата на Албанија (тешко на земја која има такви политички „запаленковци“):

Поранешниот албански премиер Пандели Мајко им порача на македонските Албанци (без срам и перде, а камо ли политичка тактичност, разум и мудрост) дека имаат право да го запалат државното знаме бидејќи, според него, им е удрена силна шлаканица, најголема по 2001-ва (кој им удрил таа година?!) Во емисија на тиранската телевизија „Клан“ рече:

„Во една нормална земја, со луѓе кои знаат што е лебот и честа, имаат господово право да го изгорат знамето среде Скопје“.

Претпоставувам дека ова го слушнале- прочитале господата во ЕУ и НАТО и ќе го имаат предвид во „непосредна иднина“.

Воздржан (со право) коментар на Груевски:

„Се работи за опозиционен политичар којшто веројатно се бори за некаква позиција во неговата држава, така што би се воздржал од каков било коментар. Но во секој случај таквите коментари не водат кон добрососедски односи“.

Се разбира, на вреваџиите им одговара и ставот на премиерот на Албанија, Сали Бериша. На средбата со македонскиот претседател Иванов во Њујорк тој енциклопедијата ја оценил како неприфатлива (значи, не само одредниците, туку целата енциклопедија!; да не „помешал“ нешто, да не мисли дека МАНУ објавила „Албанска енциклопедија“?). Според албанските медиуми, Беришпа укажал дека МАНУ е институција на Република Македонија (веројатно мислел дека тоа на Иванов не му е познато!), па интервенција на високите фдржавни власти со јасен став во врска со овој проблем е неопходна. Сето тоа е неопходно, како што рекол, „поради фактот дека никој не може да го гради својот идентитет со фалсификување на историјата“. Го рекол тоа и, како што може да се види и чуе, останал жив и здрав. Веројатно во тоа помогнал Иванов со возвратот дека од политичка позиција не е коректно да се коментираат научни трудови и тој како шеф на држава не може да влијае врз Академијата.

Реагира и Бугарија (бугарската амбасада во земјава) со забелешка до МАНУ дека во енциклопедијата е користен јазик и терминологија од времето на Студената војна. Се бара корегирање на „одредени пропусти“, но без да се прецизира што. Се оценува дека текстовите кои се однесуваат на Бугарија не придонесуваат за јакнење на меѓусебната доверба и соработка помеѓу двете земји.

Моја препорака: за тие да придонесат на тој план добро е да се препрочитаат, со цел да се провери што не е факт и/или аргумент, но истовремено би било добро, токму за таа цел, да се препрочита и се што пишува за Македонија и Македонците во бугарските енциклопедии.

Очекувано, по енциклопедијата „распалија“ и пратениците од македонската парламентарна опозиција, на седница посветена на пратенички прашања.

Веќе „докажаниот нервчик“ Владо Бучковски (обрнувајќи му се на премиерот Груевски):

„Зар како прв човек на Владата за вас не е одговорност да добивате онакви писма од првиот човек на американската или британската амбасада, и Македонија да биде на столбот на срамот затоа што една институција, која треба да биде обележје на капацитетот и зрелоста на една држава, прави вакви скандалозни проекти?“.

Притоа искажа забелешки во енциклопедијата не само за делот за етничките Албанци и САД и Велика Британија, туку и за портретирањето на македонските политичарите- за Груевски пишува дека е економист, политичар и државник, за Бучковски – правник, универзитетски професор и политичар, а за Црвенковски само трет претседател на РМ.

Одговорот на Груевски:

„Секогаш ги искривувате фактите и собирате политички поени. МАНУ е независна институција и ниту јас, ниту Владата не помислуваат да се мешаат во научната мисла. Вие добро знаете дека енциклопедијата почна да се работи и да се финансира уште пред 6-7 години, и таа толку години се финансира од сите влади, премиери, министри итн.“

Одговор и на прашањето на Флора Кадриу од „Нова демократија“- дали премиерот ќе се дистанцира од напишаното во енциклопедијата:

Прочитај и за ... >>  Полициското рекетарство во Македонија

„МАНУ е независна институција којашто независно ги изработува своите проекти“.

Се отиде дотаму што некои историчари и академици ги обвинија своите колеги- автори на „еден нејзин дел“ дека се нестручни! Имено, на една трибина за објективноста или квази- научноста (со политичка заднина) на „Македонска енциклопедија“ Владо Поповски потенцира дека „дури и социолози пишувале историја, а деловите за албанската историја се целосно неточни“. Катерина Тодоровска, од Институтот за национална историја, смета дека текстовите што ги испратиле до МАНУ биле искривени, и побара тие делови од енциклопедијата да се сменат од корен.

Академик Али Алиу е убеден оти неговите колеги ќе смогнат сили и заеднички ќе ги исправат направените грешки, а Колец Топали, од Албанската академија, истакна дека тие се подготвени да и понудат на МАНУ историски материјали за Албанците напишани од германски, турски и руски светски признати историчари.

Очекувано, режијата на вревата не го „заборави“ ниту Брисел. ЕУ „се загрижила“ и бара „преиспитување“ на енциклопедијата, бидејќи, според пренесената реакција на европски дипломати на една наша ТВ, делумното или нецелосното претставување на која било страна не може да биде од помош за заемната почит и разбирање. (Значи, не се реагира на навредливи и погрешни одредници, туку за делумно и нецелосно претставување?!). Се разбира, дописникот од Брисел „предупредува“ дека аргументите на ДУИ- оти енциклопедијата претставува директен удар врз мултиетничкиот карактер на државата и навреда за европските вредности и како таква заслужува најостра осуда од Европа, ЕК „би можела да ги уважи“, а тоа да се одрази врз редовниот европски извештај за Македонија во октомври. И тоа во едно од најчувствителните поглавја – меѓуетничките односи. (Вратете се на изјавата на Груевски за „некои сили“.)

Во меѓувреме експресно (наредниот ден) ЕК побара „од македонското општество“ да си го реши проблемот со енциклопедијата на МАНУ во духот на заемното разбирање помеѓу етничките заедници во државата, сама и без надворешна помош. (Очигледно, енциклопедијата се уште не е прочитана.) Притоа се потсетува дека спроведувањето на Рамковниот договор и меѓуетничките односи се помеѓу највисоките приоритети за државата на патот кон ЕУ.

„Меѓу редови“ од дописникот е прочитана како предупредување и изјавата на директорот за проширување во ЕК Дирк Ланге, дека европскиот извештај за Македонија официјално е затворен на 15- ти септември, „но, ако се случат важни работи, ние тоа ќе го земеме предвид“; доколку се влоши ситуацијата околу енциклопедијата во наредните недели, не е исклучено таа да влезе во извештајот (?!). Ова „читање“ се „надополнува“ со потсетувањето (потенцирањето) дека претстојниот извештај на ЕК ќе ја отсликува фактичката состојба до 15- ти септември.

Македонија има реална шанса да добие препорака за старт на преговори со ЕУ? А спорот за името и најавената блокада на Атина? „Нарушувањето“ на меѓуетничките односи во земјата, но и добрососедските со Албанија (поради енциклопедијата?) на Оли Рен & company добро ќе им дојдат со „соломонско решение“ да ја спасат Данајската република (Грција) од уште една срамна „тврдокорност“.

И ставот на главниот редактор на „Македонска енциклопедија“, Д-р Блаже Ристовски, за корегирање на спорните одредници, кој беше тенденциозно пренесен од вреваџиите (како „мало“ долевање на огнот) со „заклучокот“ дека „скандалозните грешки само ќе се шминкаат“.

Имено, во изјава за А1 ТВ тој истакна дека спорните одредници во енциклопедијата нема да бидат повлечени, туку ќе бидат само допрецизирани со по уште неколку зборови, а со цел фактите да бидат научно поиздржани:

„Со додавањето на еден или два збора, да го прецизираме тој дел и да се знае од кога помасовно, во поголеми групи надоаѓаат Албанците во Македонија. Затоа што таму е речено – главно од 16-тиот век. Тоа ќе го прецизираме, зашто вистина поединци, па и групи доаѓале и пред тоа, но автохтоноста е нешто друго“.

Терминот „Шиптари“ ќе остане, но по примерот на „Енциклопедија Британика“ ќе биде напишан на латиница, со објаснување дека Албанците самите се нарекуваат така. Ќе остане и одредницата дека специјалците на САД и Велика Британија во 2001- ва година ги обучувале припадниците на ОНА, но поголемиот дел од реченицатa ќе отпадне и ќе се добие нова, појасна и поточна формулација за оваа тематика. Промена ќе претрпи и одредницата за Али Ахмети.

Наместо мој заклучок го пренесувам завршниот дел на веќе цитираниот текст на новинарот Милан Банов:

„Но, како и да е, има ли се’ уште наивни што веруваат дека заложбата за сторнирањето на (не)спорните факти од Македонската енциклопедија е во функција на повлекување на навредата и своевидно извинување кон Албанците во Македонија и дека истовремено е ставена сторно и некоја призренска ли, шипковичка ли промисла и сон за досегот на крилјата и летот на албанскиот орел? Или, напротив, токму овој енциклопедиски галиматијас уште повеќе ќе го засили уверувањето дека не само што тешко учиме да живееме заедно во истата куќа, туку некои од нас имаат планови за поинаков распоред на собите во домот“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here