Потребно време за читање: 2 минути

Утврден е денот на предвремените парламентарни избори во Македонија: 05.06.2011.

Одлуката на Никола Груевски воопшто не е неочекувана, но изненадува ставот на лидерот на СДСМ, односно на опозицијата- дека се откажува од сите барања со кои, според многумина експерти и аналитичари, во изминативе неколку месеци се обидуваше да ги одбегне, а да наметне друго, „вонредно“ решение (политичка криза и техничка влада).

И не само тоа, туку изненади и со сосема спротивниот став од досегашниот во врска со учеството на евентуалните избори:

„Од денеска повеќе немаме никакви барања. Во Парламентот не се враќаме и повеќе не водиме никакви преговори со ВМРО- ДПМНЕ и власта.

Донесете каков сакате изборен закон, направете каков сакате избирачки список, трошете од Буџетот колку сакате за ваше рекламирање по медиуми. Само соопштете го денот на избори и ние сме тука! Вие со вашиот закон, со вашиот избирачки список, со вашите медиуми, со вашите 220 милиони евра за купување на гласови на едната страна и ние со народот на другата страна. И ќе ве победиме!“, порача Црвенковски.

Прочитај и за ... >>  Заврши 64. филмски фестивал во Кан

Првите коментари се дека ваквата радикална промена, со многу откриени, но и скриени „адути“ (токму во „каков сакате…колку сакате…“, „вашите…вашите…“) е предизвикана најнапред од внатрешно незадоволство и барања во партијата, а потоа од проценката дека коалицијата на власт очигледно одлучила и без СДСМ-овската коалиција да оди на избори; се разбира и одлуката на многу партии да одат на избори. Оние „негаторски расположени“, пак, цинично заклучуваат дека тој конечно сфатил оти неговата политика нема перспектива.

Очекувано, ова го искористи Никола Груевски за да поентира:
„Фер, слободни и демократски избори ќе има. Оние што ќе сакаат да го нарушат тоа ќе бидат жестоко казнети од институциите на сиситемот. Јас, но и ти Бранко многу добро знаеме дека граѓаните на овие избори ќе изберат напредок, наместо транзиција.

Не си убедлив Бранко. Откако достави до нас десетици барања и со тоа постави десетици услови за избори, и откако сите услови ти ги прифативме, денеска „храбро“ велиш дека се откажуваш од сите услови. Се прашувам зошто тогаш губевме толку време, зошто ја малтретираше домашната и меѓународната јавност, зошто се живо стави на ризик, и позитивниот извештај и препораката од Брисел?“

Во наредниов период, а особено во текот на изборната кампања, сигурно ќе се изнаслушаме за многу „зошто“ и многу „затоа“, а што најмалку ќе придонесе за определување на неопределените.

Наскоро се очекува Собранието да се распушти, но претходно пратениците треба да го изберат првиот човек на ДИК и да ги донесат измените во Изборниот законик.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here