Потребно време за читање: 6 минути

Одамна напишав дека, кога е во прашање проблемот на Атина со името Македонија, „првата Данајка“ толку бесрамно се „разголува“ пред своите сојузници и пријатели во ЕУ и НАТО што е веќе непријатно да се гледа. И останува само уште малку, па да остане „угул гола“. Не сум сигурен дека по последното остана на неа уште некое „крпче“. Лично (со свои очи) не можам да догледам.

Што е Дора Бакојани? Данајски (грчки) министер за надворешни работи? И јас мислам дека е, се уште, ама…Да не во меѓувреме, барем привремено, се сменила односно ја смениле во промотор на книги со „доверливи документи“. Што? Само за една употреба, за една таква? Можно. Ама „разголена“ или „угул гола“…

Признавам, и јас, како Бугарине, не би останал рамнодушен Бакојани да се појави таква пред мене. Без оглед што еднаш искрено признав (во текст на овој блог) дека на лице не ми се допаѓа, особено кога ќе се насмее „широко“. А очигледно им се појавила кога прифатиле конечно да го обнзнанат своето сојузништво против „заедничкиот непријател“ и да објават, ни повеќе ни помалку, туку „доверливи документи“ за македонското прашање поврзано со нив!

Веднаш, „само по себе“ ми се наметнува прашањето: како е можно доверливи односно тајни документи да останат такви до ден- денес (не е можно да не биле познати кога е во прашање „бугарштината“ на македонскиот „въпрос“), да не се употребат за „најтежок“ и „последен“ удар со кој пред се на НАТО-овци, ЕУ-овци, САД- овци и останатите се уште во дилема, поточно „неосвестени“, ќе им докажат дека може да се измисли- создаде народ без корен, минато, историја, традиција, јазик, култура…?

Ама и друго, малку „обратно пропорционално“:

Зарем е можно се уште развиениот демократски Запад (не само во набројаните „-овци“, туку во најширока „смисла“) да не ја разбрал и научил силата, моќта на КОМИНТЕРНА, а посебно на Јосип Броз Тито токму на планот на измислувањето- создавањето на народ кој, згора на се, во блиска и подалечна иднина ќе им прави проблеми на соседите?

„Разголената“ Дора Бакојани синоќа се појави таква (бесрамна) пред новинарите и „други заинтересирани“ во Атина во улога на промотор на книга. Со оглед на промоторското неискуство, а веројатно и поради непријатните погледи врз нејзината „разголеност“, не се снајде баш најдобро, па повеќе личеше на „стандардната“- шефица на данајската (грчката) дипломатија. Ептен смешно, ама сепак малку повеќе трагично. Ја промовираше книгата „Македонското прашање и Бугарија – доверливи документи 1950-1967“, заедно подготвена и објавена од Институтот за македонски студии од Солун и Бугарскиот државен архив.

Станува збор за доверливи историски документи преку кои отворено се потврдува грчко- бугарското сојузништво во однос на македонското прашање. Уште пред промоцијата издавачите оценија дека е најзначајно што првпат двете земји излегуваат со заеднички став за македонското прашање. Тврдам повеќе од сигурно е дека нема да биде последен бидејќи, нормално, тоа- сојузништвото треба допрва да се потврдува и негува. Таман работа да остане само на една книга!

Прочитај и за ... >>  Уште еден неуспешен американско- европски „фронтален притисок“ за името

Оние што од љубопитност ќе ја отворат Интернет страницата на Институтот за македонски студии можат да го прочитаат објаснението дека книгата нуди досега неоткриени историски докази за Македонија и македонското прашање кое во последните 20 години влегло во нова фаза на игнорирање на историската вистина. И уште многу важна предупреда до Македонија односно Македонците: „На овој начин Грците и Бугарите заедно му испраќаат на Скопје индиректна, но јасна порака“.

Првиот човек на Институтот за македонски студии, Николас Мерцос, истакнува:

„Првпат Бугарија и Грција преку нивните научни институции остваруваат поблиска соработка и имаат отворен дијалог за македонското прашање“.

И она за НАТО-овци и ЕУ-овци: двете институции забележуваат дека треба да излезе на површина историската вистина поради заедничката иднина на Грците и на Бугарите во ЕУ и НАТО!

Во книгата се опишани ставовите на Комунистичката партија на Бугарија и на Комунистичката партија на Грција за македонското прашање по Втората светска војна.

Доверливите документи откриваат тајни дискусии помеѓу Софија и Скопје, но исто така и дијалози за македонското прашање што се одвивале во Белград. Всушност, се обелоденуваат комплексни процеси на дефинирање на бугарската политика кон македонското прашање“, се вели во објаснувањето за книгата.

Книгата е авторско дело на Спиридон Цветас, професор по историја на Универзитетот во Солун, Грција, кој се занимава со проучување на историјата на Балканот.

Дел од разголената и „двојна“ Дора Бакојани (промоторка и шефица на дипломатија):

„Таканареченото македонско прашање стана средство за остварување на интереси и цели што немаат ништо со суштината. Тоа е резултат на натпревар кој на Балканот трае долго. Две децении по Студената војна време е да го оставиме зад нас. Да ги оставиме зад нас стереотипите и реториката на една завршена ера и да одиме напред. Да бидеме реалистични и да најдеме стабилни и одржливи решенија за отворени прашања како ова (се мисли на „спорот“ за името-заб. м.).

Нејзиното односно данајаското (грчкото) „папагалство“:

„Грција е подготвена да ги продолжи интензивните преговори. Бараме реално и практично решение, решение што ќе го отвори патот за идна стабилност и напредок. Опстанувањето на нетолеранцијата, степенот на иредентизам, фалсификувањето на историјата, немаат место во иднината. Се надевам дека пораката од меѓународната заедница конечно ќе наиде на одговор од Владата на нашата соседна земја“.

Публикацијата опфаќа период во кој тогашната Народна Република Бугарија радикално ја менува својата позиција во однос на Македонцитепо големата конфронтација на тогашното југословенско раководство со Информбирото, организација на комунистичките партии со која доминираше рускиот комунистички водач Сталин. Бугарија ги слуша наредбите на Сталин и почнува да го негира постоењето на македонскиот народ– константа до ден- денешен.

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Имено, познато е дека во периодот од 1944– та до 1948– ма година бугарските власти ги признаваа националните права и слободи на Македонците во Пиринска Македонија во Бугарија. Тогаш на Македонците им беше признато право на културна автономија и активно работеа училишта и театри на македонски јазик. На пописот на населението во 1946– та само во областа на денешен Благоевград како Македонци се изјасниле околу 160.000 граѓани од вкупно 252.000.

Македонски историчари тврдат дека софискиот архив нема документи со кои може да го оспори македонскиот идентитет.

Реакција на претставниците на партијата на Македонците во Грција „Виножито“: Грција и Бугарија на отворена сцена ја покажаа деструктивната политика спрема Република Македонија, чија цел е нејзина дестабилизација. За Павле Воскопулос ова не е неочекуван потег на двете земји кои со векови наназад работат на урнисување на македонскиот идентитет, јазик и култура:

„Работат континуирано внатре, а вие знаете многу добро на каков начин се работи или работат овие пробугарски или антинационалистички кругови во Македонија, со цел дестабилизација на иднината на независна Република Македонија. Ова се наши анализи и ние како „Виножито „ и „ОМО- Илинден Пирин“ можеме многу добро да анализираме како дејствуваат или како се имплементираат националистичките политики на Грција и на Бугарија.

Воскопулос ваквата политика ја цени како иста со која Грција настапува во меѓународните организации задолжени за човековите права. Ист е односот и на Бугарија, па тоа според него е уште една потврда на двојната спрега контра Македонија.

„И со оваа промоција на книга во Грција, во соработка на грчка националистичка институција со државниот архив на Бугарија, може да се каже дека се официјализира индиректно антимакедонската политика на овие два политички естаблишмента во Бугарија и во Грција“ додаде тој.

Меѓутоа, има нешто многу поважно од трагикомичната промоција односно обзнание на грчко- бугарското долгогодишно сојузништво во борбата против македонскиот идентитет. Особено ако сериозно се земат предвид шпекулациите дека од поодамна сличен документ, со слични инструкции, имаат в раце и внимателно го спроведуваат, со дебело „подмачкување“ (потплатување), македонски политичари, новинари и бизнисмени, членови или симпатизери- блиски на актуелната опозиција:

Паралелно со промоцијата партијата на македонското малцинство во Грција „Виножито“ го преобјави тајниот документ на грчката тајна служба кој содржи методи на Данајската република (Грција) за свесно уништување на македонскиот идентитет. Планот е донесен во време кога многу Македонци во Грција биле следени, затворани, тепани и отпуштани од работа затоа што изјавувале дека се Македонци, а притоа без да бидат свесни дека се шпионирани. Во согласност со планот објавен на 16– ти февруари 1982– ра година од шефот на тајната служба Димитрис Капеларис, во егејскиот дел на Македонија бил инфилтриран таен тим, наречен „Заговор против Македонија“.

Прочитај и за ... >>  Очекувани и логични вонредни избори

„Активностите на скопјаните за автономија на Македонија може ефикасно да бидат спречени главно преку искоренување на нивниот идиом (македонски јазик) во регионите блиску до границата. Овој елемент самиот по себе бил доволен да се исклучи какво било размислување за репатријација на политичките бегалци кои сега живеат во Југославија и биле задоени со „македонската кауза“, „македонскиот јазик и култура“, како и активности за отцепување на грчките територии во периодот 1946 -1949 година“, пишува во строго доверливиот документ.

Инструкциите за вработените во јавните служби и особено во образовните институции биле да го игнорираат идиомот македонски, да формираат културна асоцијација и економски да се помага организирање на настани, како и објавување на книги, весници и списанија кои потоа ќе бидат дистрибуирани во дијаспората. Ова требало да ги поттикнува кон националната самосвест и да ги заштитува од антиелинистичка пропаганда од организациите на „славо македонците“. Помеѓу методите било и попречување на грчки студенти кои сакале да студираат во Скопје, преку непризнавање на дипломите и одложување на воениот рок, како и регрутирање во армијата и полицијата на лица од регионот на Лерин и нивно задолжително испраќање на служба во други региони во Грција.

Некои од конкретните „точки“:

Точка 1. Создавање на државни институции кои ќе зависат од општините во близина на границата, пополнети со соодветни и специјално тренирани лица и персонал за “Активности против Македонија“.

Точка 2. Во јавните установи, а особено во образовните институции, вработени лица кои треба да работат во служба на игнорирање на локалниот (македонски) идиом.

Точка 6. Создавање на различни пречки (непризнавање на дипломи, одолжување на воената служба) за студенти кои сакаат да студираат во Скопје.

Точка 9. Поттикнување и охрабрување, од страна на раководството на Армијата, за средби и бракови на армиски офицери, кои се таму на должност, со жени кои го зборуваат идиомот.

Ќе биде интересно на каков прием ќе наиде вака „разголената“ Бакојани кај сојузниците во НАТО, ЕУ, САД…Лично забележувам дека се повеќемина од нив веќе не ги веднат погледите, туку строго, прекорнички, луто, па и гневно, дури и гласно ја предупредуваат дека е време да почне да се „облекува“ и да не ги срами со присуството во нивните редови. Бугарија „директно“ не се „разголува“ (освен ако така не го третираме нејзиниот проблем со ОМО „Илинден- Пирин“ односно негирањето на македонското малцинство во земјата), ама и она што го „носи“ според „модата“ и „стандардот“ не е баш „европејско“ и „натовско“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here