Слободен и независен

„Ќе останам слободен, нема да се врзувам…” е стих од еден стар хит на една рок група која и ден-денес радо се слуша кај нас (странска, од Србија)-„Рибља чорба“, односно нејзиниот фронтмен Бора „Чорба“ (инаку во вистинската смисла на зборот поет, некои го нарекуваат „поет на грубиот стих“).

Во тој стих можеби најпрецизно и најсублимно е дефинирана слободата на современиот човек: потребата, борбата, целта на граѓанинот во една неграѓанска заедница, каква што е нашава.

Имено, слободата „сама по себе“ е одамна „заборавена“, поточно надмината како врзување од други, а европскиот дух и процес ( или „европеизација“) го научи граѓанинот, му ја наметна нужноста од борба против врзување за други (точно, мислиме на доброволното, а не на принудното врзување). Всушност, разликата помеѓу современата граѓанска и „декадентната“ национална држава е токму во „врзувањето“.

Нужна напомена: не чувствувам никаква потреба на лаиците и неписмените да им објаснувам што е граѓанско, а што национално; која е разликата, а во што е „надополнувањето“ помеѓу нив.

„Врзувањето од“ и „врзувањето за“ е основниот „партиски“ проблем кога станува збор за независноста. Но, пред да дадам куса елаборација на ова, нужно е да потсетам што во денешна европска смисла на зборот претставува независноста.

Исто како и во однос на слободата, одамна е напуштено нејзиното „толкување“ како колективна, национална, државна независност (сувереност). Од проста причина што таа се подразбира како идентитет, култура, традиција, вредност односно различност (единство во различностите). Ќе посочам само на еден апсурд ( може да се нарече и контрадикторност) како прашање на кое, ако им го поставите на „сонувачите“ на големи или независни држави, тие одбегнуваат да одговорат бидејќи не можат или не знаат:

Што значи интеграција во заедница, конкретно евро-атлантската? Што знаете за заедница на независни (колективи, корпорации, заедници, држави)?

Или:

Дали сте чуле, дали ви е позната „отстапката“ на дел од државниот суверенитет во името на заедницата (унија, федерација, конфедерација и сл.)?

Независноста во „модерна“ смисла на зборот се сведува на личната, граѓанската, односно одбраната на личноста, нејзиното достоинство, интегритет, право и одговорност, авторитет изграден и надградуван исклучиво со вредности, дела, творештво. Следствено, одбраната на независноста е всушност нејзино почитување од други, пред сѐ од оние со кои е таа здружена за остварување на заеднички интереси. Неприкосновеното основно демократско право на здружување се (под)разбира и брани (заштитува) единствено во тој однос: здружување на заеднички интереси. И ништо друго. Сѐ друго, се поинаку (како што е кај нас) претставува деградација, деструкција на индивидуалноста и, наспроти заедништвото, интеграцијата, сожителството, остварување на мрачни цели (манипулација, злоупотреба итн.; уште едно прашање за „онаквите“: знаете ли што е тоа мафија, олигархија?).

Се разбира, поставувањето на оваа проблематика (слободата и независноста воопшто, конкретно тие во корелација со мултиетничко, мултиконфесионално, мултикултурно, односно “интерактивно“ модерно општество) бара детална анализа, и тоа од повеќе аспекти, од економско-правно-политички до социо-психолошки, а за што се потребни друг простор и време. Јас само го актуелизирам за да поставам, според мене, едно круцијално, би рекол дури судбинско прашање за натамошниот опстанок и развој на нашава „мнозинско-немнозинска“ заедница (потенцирам да поставам, а не и да одговорам; одговорот ви го препуштам вам):

Дали е можно формирање на партија која ќе има реални шанси на следните парламентарни избори да извојува победа, макар „извесно време“ да владее со државата Република Македонија, во која ќе се здружат  личности со интегритет, достоинство, право и одговорност, авторитет изграден и надградуван исклучиво со вредности, дела, творештво?

Се надевам дека се согласувате со мојот став оти на македонската политичка сцена таква партија сега не постои.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *