Потребно време за читање: 2 минути

„Но кога ќе се соочат со суровата стварност…“

Кој најчесто се соочува со неа? Не треба многу погодување: политичарите и од позицијата и од опозицијата, а најмногу неуспешните во власта. Всушност, тие не ја сакаат, одбегнуваат да се соочат со неа.

Меѓутоа, во „даден“ момент мораат или сами или некој друг да ги соочи. Бидејќи во оваа наша држава никој ништо не мора, па и кога може, а особено затоа што не сака, соочувањето со суровата стварност не оди така лесно и брзо, односно „дадениот“ момент се одлага додека се може. Бескрајно долго.

Точно, секогаш постои свест за суровата стварност која, пак, е сурова затоа што најчесто е спротивна на „не-стварноста“ или на создадената, попрецизно речено виртуелната стварност (но не создадена или создавана со помош на компјутерџии).

Се лаже секој оној што мисли дека политичарите (се разбира и други, но тие најмногу) не ја знаат или не се свесни за стварноста. Која е таква каква што е пред сѐ благодарение на нив. Напротив, одбегнувањето да се соочат е всушност бегање од сопствената вина. Тоа, пак, ќе рече дека суровата стварност е негативна, непријатна, болна, груба, постојна, реална, објективна. Па, да, пред сѐ и над сѐ сурова. Одбегнувањето да се соочат со неа е всушност бегање од сопствената одговорност. Бидејќи тие ја создале или ја создаваат токму обидувајќи се да ја „разубават“.

Прочитај и за ... >>  Најголема „главоболка“ на Македонија: јавната администрација

Суровата стварност им претставува сѐ поголем проблем на политичарите (не и на стручњаците) и од позицијата и од опозицијата, а најнапред на оние во власта. Не можат (уште долго) да им помогнат ниту статистичките податоци со кои создаваат „посакувана“ стварност, ниту нивните наивни објасненија дека „не е се така црно како што се прикажува од оние што не сакаат да видат ништо бело“.

Во врска со суровата стварност да го подобјасниме нејзиниот можеби најсуров дел: бедата, сиромаштијата наспроти…

Неретко слушаме: каква сиромаштија кога луѓево возат вакви лукзусни автомобили, живеат во големи и модерни куќи, во два-три стана едновремено, се облекуваат по последна мода… А кај нема сиромашни, бедни луѓе? Ги има и во најбогатите земји.

Во однос на нашата сурова стварност, состојбите треба да се третираат малку поинаку (и тоа е тоа одбегнување од соочување): во однос на раслојувањето и неможноста да се оформи тн. средна класа, во однос на „елементите“ на стандардот со кои од страна (странство) ни ја мерат сиромаштијата и ни ја измериле како една од најголемите во светот (процент на сиромашни луѓе наспроти оние со минимален и просечен животен стандард), во однос на бројот на невработените (процентот од вкупното население) и, особено, во однос на квалитетот на животот.

Прочитај и за ... >>  Уште едно навраќање на достоинството

Очигледно, оние што одбегнуваат да се соочат со суровата стварност, па ни нудат, се обидуваат да ни „продадат“ своја, или не знаат или не сакаат да научат кои се составните елементи на квалитетот на денешниот современ- модерен живот. Не вреди да им помагаме да научат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here