Потребно време за читање: 3 минути

Постојат различни толкувања на политиката, а имајќи ја предвид нејзината управувачко-насочувачка и организационо-интегративна функција. Таа е и резултат на општествен договор и на потребите на глобалното општество.

Нејзината основна смисла е надминување на анархоидноста на претполитичкото и неполитичкото општество, што пред сѐ значи развој и хармонизација на функционирањето на општествениот организам.

Таа е свесна дејност која со својата интенционалност го редуцира и преовладува објективизмот на општественото движење, со што придонесува за освојување на слободата од оттуѓувачките форми на општественост.

Од модерните теории на политиката најмногу се приведува тн. либерален концепт, според кој политиката е општествена активност на свесно управување со општествените процеси и дејанија поради усогласување и надминување на непомирливоста на различните општествени интереси и спротивности.

Постои еден термин кој се користи за назначување на обликот во кој се дегенерира суштината и функцијата на политиката: политократија. Се работи за еден феномен кој не е лесно да се објасни, особено бидејќи најчесто се поврзува со идеолошките сфаќања на политиката.

Не мал број на стручњаци-политиколози сите сфаќања на политиката ги делат на две големи групи: анархистички и политикалистички.

За анархизмот не треба многу да се зборува. Доволно е познат и во минатото и денес. Тој е социјално-филозофска доктрина која ги негира смислата и нужноста од постоење на поликата и на политичко-државната организација на општеството, застапувајќи ја неограничената слобода на поединецот.

Прочитај и за ... >>  За „тихоста“ на Тихиот океан

Што се однесува, пак, на политикалистичките концепти, тие ја истакнуваат аподиктичноста на политичката структурализација на општеството, давајќи ѝ поголемо или помало значење. Познати се два концепта: политоморфизам и политократизам. Помеѓу нив постојат крупни разлики: првиот е либерален и функционален, а вториот бирократски, политикантски и макијавелистички. Со други зборови, политоморфизмот ги признава нужноста и вредноста на политиката, а политократизмот е хегемонистички концепт кој ја признава потребноста од политиката, но и „нужноста“ на политичката доминација и узурпација.

Политократија е владење на политичка бирократија, односно општествен однос во кој привилегиран, професионален, управувачки слој ја злоупотребува политиката за свои себични, парцијални, неполитички интереси, наметнувајќи се како оттуѓена сила над и против општеството. Ги заговара политичкото самоволие и насилството, па следствено на тоа не постои како посебна идеологија, туку е мимикриски инкорпорирана во сите тоталитарни идеологии.

Она што за политоморфизмот е само средство за хармонично управување со општеството-политиката и политичката власт, за политократизмот е крајна смисла и цел. За првиот власта е само средство на политиката, а за вториот политиката е обично средство на власта кое служи за задоволување на лични и групни интереси на политичката бирократија.

Политиколозите потенцираат дека во демократските општества власта е во функција на одредена политика, која е резултат на одреден општествен консензус и демократско усогласување. Власта е само организационо-функционален елемент на политиката, односно нејзино извршно средство и физички инструментариум.

Прочитај и за ... >>  За шаховските турнири на слепо

Меѓутоа, власта може и сама да креира политика, која, пак, мора да биде во согласност со усвоените политичко-програмски премиси, легитимирани на повеќепартиски избори.Тоа ќе рече дека политиката е таа која ја конституира и ја легитимира власта, а не обратно.

Нема апсолутна идентификација помеѓу власта и политиката затоа што власта е бирократска сила, додека политиката е резултат на поширок општествен интерес и усогласување.

Во тоталитарните, политократските општества власта им е сосема надредена на општеството и политиката. Политиката се менува често, бидејќи служи само за одржување и зацврстување на власта. Промена на глобалната политика не повлекува и промена на персоналната власт. Власта е целосно автономна и превалентна во однос на политиката, зашто политиката се користи само како средство за одржување на власта, а не на подобрување на општествената благосостојба.

Политоморфниот концепт подразбира дека општеството не може да опстане и да функционира без политичко посредување. Политиката е нужен чинител на организацијата и интеграцијата на општеството. Општеството не може да функционира без политичка власт и политичка активност оти во спротивно би се дезинтегрирало во сопствена стихија. Токму политиката е факторот кој со свесна, планско- насочувачка активност и физичка принуда управува со општествените процеси и дејанија, артикулирајќи го антагонистичкиот, конфликтогениот и дезинтегративниот плуралитет на општеството. Политиката е фактор на општествено насочување, координација, интеграција и хомогенизација.

Прочитај и за ... >>  Како да ја проверите вашата интелигенција

Од друга страна, заговарајќи го политичкиот детерминизам и давајќи и на политиката исклучиво позитивно значење, политоморфизмот ги пренебрегнува нејзините негативни импликации-политичката конфликтација и бирократизација, а кои за последица имаат неприродна, нехумана состојба на управување со луѓето и нивно судирање во политички цели.

Политиката не постои поради власта, туку поради општеството. Таа е израз на пренесување на еден дел од граѓанскиот суверенитет во форма на претставничка функција на државата, па како таква мора да му служи на граѓанинот, а не против него да се злоупотребува од страна на узурпаторска власт.

Имајќи го предвид досега пренесеното од стручната политиколошка литература за односот помеѓу политиката и власта, како и за нивната меѓузависност и актуелните односи помеѓу политиката и власта, сам по себе нужно се наметнува заклучокот или пораката:

Треба постојано, континуирано да расте свеста кај граѓаните, во општеството во целина, за потребата од уривање на секоја политократска власт. И тоа веднаш по нејзиното пројавување како таква.

Треба секогаш да се има предвид дека политиката има смисла и целисходност само доколку е обезбедена нејзината општоопштествена функција. Сѐ друго е груба манипулација и пролонгирање на нечовечен процес на управување со луѓето поради најсебични, парцијални интереси.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here