Потребно време за читање: 3 минути

Одржувањето на телесната кондиција донесува многу благодати- ослободува од стрес и напнатост, го спречува дебелеењето и го „топи” вишокот на килограми, умее да предупреди многу болести, не прави расположени и опуштени.

Пролетта и летото се идеални да се позабавиме со своето тело. Кој било вид на рекреација на отворено да изберете, водете сметка за темпото со кое почнувате.

Повеќемесечното пладнување без ронка физичка активност ги умртвило мускулите, па треба постепено да се подготват за напорите на кои имате намера да ги изложите. Во спротивно, пливањето, планинарењето или возењето на велосипед, наместо задоволство, можат да ви го загорчат уживањето поради болките во мускулите и зглобовите или повредите.

Првиот чекор до добра кондиција и уживање во рекреацијата што сте ја избрале се лесните прошетки. Секојдневно, барем една недела, шетајте во природа 30-тина минути. Одморете се секогаш кога ќе почувствувате замор и тој одмор искористете го неколку пати длабоко да вдишете и издишете воздух, и да се „истегнете” со исправување на ‘рбетот и рацете подигнати над главата.

Дури по овие подготовки посветете се на она што го сакате. Пак полека, зголемувајќи ги времето и динамиката на активноста што сте ја избрале. Енергетските капацитети на телото се ограничени и треба да се знае дека на почетокот на физичките активности телото согорува шеќер, а дури по неколку минути масти. Ако се претера со рекреацијата, телото почнува повторно да согорува шеќер, што доведува до пад на неговото ниво во крвта, замор и малаксаност.

Прочитај и за ... >>  10 најопасни спортови

Планинарење

Во текот на еден час шетање по планински падини и врвови се губат од 1.700 до 2.100 калории. Листовите и бутините најмногу ги оптоварува искачувањето на рид, а најмалку рацете, стомачните мускули и грбот.

На почетниците им се препорачува пешачење по што порамни предели, и тоа 3 пати неделно до 30 минути. Оние со подобра кондиција можат да го оптоварат телото со 60 минути планинарење по благи падини, не повеќе од 4 пати неделно. Планинарите во топ форма без чувство на умор можат да совладаат поголеми нагорнини и стрмнини и по 5 часа одење, но пак не почесто од 3 пати неделно.

Освен удобни патики и соодветна гардероба, не заборавете со себе да понесете шише со вода, табла чоколадо или банана.

Пливање

Со пливањето се согорува исто количество на енергија како кога се трча, а во текот на еден час активен престој во вода се трошат од 2.100 до 2.900 калории. Ова е идеална физичка активност за јакнење на мускулите на целото тело, без опотварување на зглобовите.

Прочитај и за ... >>  Од „црната книга“ на спортот: допинг

На пливачите без кондиција им се препорачува активно пливање со слободен стил 200 до 300 метри, 3 пати неделно. Оние кои спаѓаат во средно подготвени за физички напор можат да си допуштат пливање до 600 метри, 15 до 20 минути, 3 пати неделно. Пливачите во топ форма без проблем совладуваат и до 900 метри водена површина што ја препливуваат за 30-тина минути, 3 до 4 пати неделно.

За да уживате во пливањето, потребни ви се очила за вода, особено ако сте во базен, оти хлорот од водата може да ги иритира очите. Изберете и удобен костим за капење или гаќички кои добро се прилепуваат за телото, но не го стегаат.

Возење на велосипед

Во зависност од теренот на кој се вози, со возење на велосипед се губат помеѓу 1.400 и 2.300 калории, а јакнат мускулите на бутините, на листовите и на стопалата. За да го активирате и горниот дел на телото, добра комбинација е пливање и возење на велосипед.

Прочитај и за ... >>  Нов тениски крал: Новак Ѓоковиќ

На почетниците им се препорачува возење на велосипед по рамен терен, не повеќе од 3 пати неделно по половина час лесно возење. На оние со подобра кондиција им е примерено побрзо и посилно темпо до 40 минути возење, 3 пати неделно. Велосипедистите во топ форма без потешкотии возат велосипед и 4 пати неделно по 60 минути, комбинирајќи посилно и побавно темпо, како и теренот по кој возат.

Во зависност од тоа по кој терен планирате да возите, ќе го изберете и типот на велосипед- планински, со пошироки тркала и појака конструкција, или градски, кој е и полесен. Патиките и удобната гардероба се подразбираат, но секако не треба да се заборави шлемот за глава и шише вода.

Иаборот е ваш

Секој вид на рекреација што ќе го изберете ќе направи да се чувствувате добро, да го сочувате здравјето и да одржите или постигнете еластична линија. И бидете реални, не ги преценувајте своите можности и кондиција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here