Потребно време за читање: 4 минути

Познато е дека гипсот е еколошки беспрекорен материјал, воопшто не е штетен за човекот. Меѓу другото, затоа што во услови на зголемена влажност на воздухот тој ја впива влагата, а кога релативната влажност опаѓа, тој ја ослободува акумулираната влага.

Натаму, мошне позитивна и погодна карактеристика на гипсот е неговата исклучителна постојаност на високи темпеатури. Имено, гиспот содржи висок процент на вода, кој кај гипс-картонските плочи со дебелина од 15 милиметри изнесува неколку литри на квадратен метар. Во случај на пожар водата дејствува самозгасливо. Поради тоа овој материјал се смета за огноотпорен и се користи како противпожарна заштита на елементите кои не се отпорни, како конструкциите од дрво и челик. Површината на гипсот е топла и пријатна на допир.

Некои сметаат дека неговата вредност е соодветна на вредностите на човечката кожа. Нема мирис. Не е подложен на наелектризирање и има исклучително мала природна радиоактивност. Гипсот придонесува за здрава микроклима на просторијата. Се одликува со одлични топлотни и звужни изолациони својства.

Релативно познати нешта:

Гипсот се добива со печење на карпа-садра, која настанала со таложење пред околу 250 милиони години. Овој камен материјал во најголем дел се состои од минерал на гипс, а помал дел го прават различни примеси. Со печење од суровината се издвојува водата, по што гипсот се лади, повторно се меле и се пакува. Според преостанатиот процент на вода, содржината на суровината и механичките особини, се препознаваат различни видови на гипс:

-штук гипсот се користи за малтерисување и украсни работи во ентериерот, како додаток на варовниот малтер поради побрзо врзување, како и за изработка на различни префабрикувани елементи;

Прочитај и за ... >>  „Паметна куќа" (Smart House)

-алабастер гипс има мал процент на примеси, изразито е бел и се користи во вајарството и за фини работи во внатрешноста на објектот. Тоа е гипс со најфина структура;

-гипс за малтери се користи, како што вели името, главно за малтерисување, како додаток на соодветни видови на малтер. Во согласност со намената има продолжено време на врзување;

-гипсот за обвивка служи за изработка на основа за патоси и елементи за преградни ѕидови. Се одликува со висока цврстина на притисок и на мал процент на вода во однос на другите видови на гипс.

Гипс-картонските плочи се прават од алабастер или штук гипс. Од обете страни се зајакнати со картон. Нивната употреба е разновидна. Се користат за изработка на префабрикувани преградни ѕидови и спуштени тавани, како таванска и ѕидна облога, како противпожарна заштита, звучна и термичка изолација.

Гипс-картонските монтажни ѕидови овозможуваат, во однос на класичната градба, значителни заштеди во време и пари. „Костурот“ на ѕидот го прави метална или дрвена потконструкција на која со сува постапка се прицврстуваат плочи. Ваквата конструкција е лесна и не ги оптоварува носечките елементи. Постапката е едноставна и ѕидот за кратко време е готов. Спојниците се обработуваат со посебна глет маса. Не е потребно додатно време за сушење и површината на ѕидот може веднаш по монтирањето да се бојосува или обложува со тапети. Сувата градба го штити домот од внесување на додатна влага и нечистотија, а со тоа и од додатни работи. Помеѓу плочите останува слободен простор кој е благодарен за поставување на сите видови на инсталационите кабли и цевки. Исто така, тој простор може да се исполни со изолационен материјал со што додатно му се подобрува топлотната и звучната заштита.

Прочитај и за ... >>  Животот во градот не само опасен, туку и погубен за здравјето!

Гипс-картонските плочи се погодни за сув простор. Водата и ниските температури брзо го разоруваат гипсот. Постојаноста на гипсот во однос на водата може да се подобри со додавање на синтетички смоли и силициумови органски соединенија. Доколку се планира употреба на гипс-картонските плочи во влажна средина е потребно да бидат посебно импрегнирани со водено стакло.

Кога треба да се скријат вентилационите канали, електричните водови и други инсталации, спуштениот таван е наједноставно и најекономично решение. Висината на таванот може да се прилагоди спрема потребата. Тоа овозможува потконструкција од метални профили и закачалки со променлива должина. Постојат посебни акустични плочи со дупчиња и прорези кои влијаат на простирањето на звукот. Ова решение често се користи во деловни простори, и касетни, чија предност е во тоа што можат лесно да се демонтираат. Шуплините можат да се пополнат со термоизолација.

Формите на спуштени тавани ги следат границите на нашата фантазија. Сѐ е можно. Од слоевит таван, преку лакови и сводови до крајно фантастични, неконвенционални заоблени површини. Главно спуштените тавани се комбинираат со вградени халогени и неонски сијалици. Во ентериерот ги привлекуваат погледот и вниманието. Фантастичен е и таканаречениот ефект на ѕвездено небо, во просторите каде што интензитетот на светлината не е приоритет.

Нерамните површини на ѕидовите и таваните најлесно е да се покријат со гипс-картонски плочи. Обложувањето може да се изврши со помош на метални или дрвени потконструкции или едноставно со лепење. Добиената површина е мазна и рамна. Поради брзината на градбата и релативно чистата постапка ова е погодно решение за адаптации, како и за претворање на поткорвје во станбен простор. Вселувањето е можно во мошне краток рок, веднаш по завршувањето на монтажата. Истовремено се постигнува и подобрена термичка изолација (а со тоа и намалени трошоци за греење), подобрена звучна изолација и ефикасна противпожарна заштита.

Прочитај и за ... >>  Super Tower - Град на иднината

Украсните гипсани елементи се применуваат кога во ентериереот сакаме да постигнеме формална, класична атмосфера. Со гипсан венец може да биде врамен и така истакнат некој премин, врата во салон, на пример, или прозорец. Често се обработува спојот на ѕидот и таванот. Во старите куќи со големи катни височини таваните често биле украсени со гипсана чипка. Ваквите елементи, најчесто бели, можат да бидат истакнати така што површината на која се наоѓаат ќе бидат обоени. Во палатите и значајните јавни објекти украсите од гипс се бојосани во златно.

Меѓутоа, се има свое време и свое место. Иако гипсаните декорации можат да внесат романтична нота во ентериерот, треба внимателно да се одмери и испланира секој детал. Размислувањето во стилот „што повеќе-тоа подобро“ непогрешливо води во кич. Не е доволно да се расфрлаат неколку коринтски столбови и лавови по фасадата и лебеди во дворот за вашата куќа да стане палата, како што наконтени и во златно обоени детали во ентериерот нема да ве направи „кралски“. Напротив. Вистинската мера и деталите проектирани во согласност со целината и пред се со духот на времето во кое живееме се основа за добар вкус и вистински пат до ентериерот кој ќе предизвика воодушевување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here