Потребно време за читање: 2 минути

Tаа е севкупност на предмети и појави; основа, суштина или принцип на развој на сѐ постојно; наспроти духовниот, свет што го зафаќа сетилното искуство.

Етимолошкиот поим природа во нашиот јазик, како и во санскритот, грчкиот и латинскиот, е во врска со значењата се раѓа, настанува, расте, да се биде. Па и првобитните интуиции за природата ја чуваат претставата за нејзината самородност, процесуалност, саморазвој. Во таа смисла природата исто така значи сѐ што се обликува и развива со сопствени внатрешни сили, што има причина во себеси, наспроти она каде што се поседува мисла, култура, воспитание.

Во филозофијата често, како кај Спиноза на пример, се разликуваат два поврзани аспекта на поимот на природата: природата како севкупност на предмети, создадена придода (natura naturata) и природата како делотворен принцип, создавачка природа (natura naturans). Земен во обата смисла, поимот делумно се преклопува со поимот на стварноста, но повеќе укажува на нејзиниот од човекот независен, а сепак среден тек.

Прочитај и за ... >>  Просторот и времето на Античка Македонија- факти и аргументи

Како предмет на науката, природата најчесто зафаќа во аспектот на материјалната природа (жива и нежива), но и тогаш нераскинливо се јавува аспектот на духовната природа, кој содржи човекови нормирања и вреднувања на природниот свет.

Уште во појдовниот интерес на филозофијата и науката, кај Грците природата е основен предмет на истражување. Сите рани филозофи и научни списи носат наслов За природата. Предсократовците, Талес и други, природата ја сметаат за сеопфатна материјална рамка на настанување и исчезнуивање на одделни предмети и појави, па и на човекот. И самиот принцип на движење Јонците го замислуваат како материјален принцип.

Демокритовата концепција, пак, според која вистинската природа ја сочинуваат дури објективните својства на материјата, наспроти субјективните сетилни квалитети, е изворен, со столетија доминантен модел на научен пристап кон природата.

На друг начин Аристотеловите филозофски дистинкции ја одредуваат природата како процес според кој предметите добиваат сопствена суштина. Природата е супстанција на битијата, чија суштина е движењето, па според својата основа таа е самиот принцип на движење.

Прочитај и за ... >>  Кои биле Хетитите?

Со ренесансата преовладуваат концепциите за природата како сеопфатен организам во кој дејствува космичката душа, а тој организам и силата што го придвижува се сфаќаат натуралистички, т.е. како самодвижечка жива сила , „бог или природа“.

Со развојот на производните сили во индустрискиот 18. век, природата почнува да се сфаќа како извор на севкупното општествено и економско богатство (физиократите). Во романтизмот доаѓа и до специфичен култ спрема природата, кој е особено изразен во идеите за потребата од природен живот и уметничко имитирање на природата, како и продор на нови виталистички сфаќања во филозофијата и науката. Дури Хегел овој период го заклучува со сфаќањето за природата како од себе оттуѓена идеја, момент во развојот на духот.

Меѓутоа, во неговиот поглед се крие и дијалектичкото сфаќање кое на Маркс му овозможило епохален пресврт, според кој природата станува очовечена природа, а човекот облик во кој природата станува свесна за самата себеси.

Наспроти антонимите природа и дух, природа и слобода, природа и историја, тоа овозможува природата да се сфати во функција на нејзино очовечување, а човекот во делотворно самоостварување на сопствената природа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here