Свети Василиј и Јулијан
Свети Василиј и Јулијан
Потребно време за читање: 8 минути

Еден од најголемите Отци на Црквата Христова низ вековите е секако Свети Василиј Велики. Голем православен богослов, црковен пастир, целосно посветен на Црквата и народот. Ја бранел Црквата, ги помагал и хранел сиромасите и гладните, ги украсувал храмовите, основал манастири, подигнал болници, старечки домови и прифатилишта, му го толкувал на народот зборот Господен, пишувал книги и бил богословски советник на епископот на Исток. Неговите канонски поуки и совети станаа канони за целата Црква.

Роден е во 330. година во Неокесарија, во Понт, а починал на 49 години, на 31. декември 378. Погребан е свечено на 1. јануари 379 година. Имено, од целиот град на Кесарија и христијанското и нехристијанското населенјие е испратен во знак на благодарност за многуте сторени дела.

Родителите на Свети Василиј, Василиј и Емилија, потекнувале од познати и богати семејства, со христијанска вера и живот. Почнал да се школува кај татко му, инаку реторичар во Неокесарија, а по неговата смрт продолжил во Неокесарија Кападокиска. Потоа заминал во Цариград, каде што кратко време учел кај елинскиот ритор Ливаниј, а во 352 година стасал во Атина. Ги изучил филозофијата, дијалектиката, реториката, астрономијата и медицината. Василиј станал голем ерудит. Големиот познавач на класиката Фотиј го става во ранг со Платон и Демостен.

Од Атина доаѓа во Кесарија, каде што е крстен од епископот Кесариски Дијаниј, а потоа ракоположен за отец во Црквата. По темелното проучување на Светото Писмо, а особено по средбите со сестра си Макрина и познанството со познатиот подвижник Евстатиј, Свети Василиј пројавил голема желба да се замонаши. Го раздава својот имот на сиромасите и тргнува кон Исток, кај познатите подвижници во Александрија, Египет, Палестина и Месопотамија.

Во 360. година е ракоположен за ѓакон, а потоа за свештеник. Станал епископ есента 370. година, по смртта Евсевиј. Во својата Црква богослужбениот живот го збогатил и создал харитативна дејност. Монасите од пустина ги повлекол во градот, поради непосредно служење на потребите и спасение на ближните.

Свети Василиј е најзаслужен за собирање на здрави православни сили на Исток, од кои најскоро потоа ќе биде составен вториот Вселенски Собор во Цариград, во 381. година, каде што ќе триумфира Православието против сите ереси и раздори со кои се борел.

Има составено Света Литургија која се служи 10 пати во годината. Наречен е Велики поради својата голема ученост и црковното дело.

За лебот или василопитата

Во времето кога Василиј Велики бил Архиепископ Кесариски епархот на Кападокија, инаку многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. При едно негово доаѓање побарал од богатите луѓе во Кесарија да го донесат сиот свој накит и златници. Свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил, се засрамил та одбил да земе што било, а се откажал и од ограбување на градот. Никогаш повеќе не се вратил, ниту, пак, им додевал на жителите н градот.

Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер, притоа не знаејќи што на кого му припаѓа. Ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник, а во секој од нив ставил накит и златници. На денот на Новата Година, кога сите луѓе дошле во црква, секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму она што претходно го дал. За спомен на овој настан до ден- денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто е за Пресвета Богородица, третото за Свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној што ќе ја најде паричката го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година.

Празнувањето на Свети Василиј Велики се совпаѓа со Василица која, пак, се паѓа во периодот на тн. Некрстени денови и трае од Божик до Водици. Според легендата, Исус не бил крстен, па ѓаволите се обидувале да го натераат да не се крсти со што не би се исполнила волјата Божја. Овие денови се сметаат за опасни за човекот, зашто тогаш мртвите се во движење, а се мошне активни и разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили. За да се заштити од нив, човекот избегнува потешки работи, а изведува и разни магиски заштитни дејствија.

Во Македонија се познати бабарските, русалиските и др. обичаи. Особено е интересна драмската игра со маски, присутна насекаде, но со различни имиња според имињата на учесниците. Во Охриско се василичарски, во битолско бабарски, во скопско и тиквешијата џамалари, во разлошко сурваскаре, во костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн.

Интересно е дека децата Новата Година ја пречекуваат со посебни, поинакви обичаи, игри и песни од возрасните. Блиски се до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. На Василица, како на Бадник, групи деца се собираат околу заеднички оган, а потоа одат по куќи низ селото или градот и пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И тие, како коледарските од Бадник, немаат развиена мелодија, туку се кажуваат со скандирање, специфични извици на почетокот и крајот, искажувајќи убави желби и благослови за родна година. Носат прачки, дренови или сливови, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица. Овој обичај се вика суровење, а значи и тие да се сурови, односно здрави како прачката. Тоа се прави и со домашните животни, особено со коњите, воловите и овците.

Возрасните, пак, за овие прослави се подготвуваат од порано. Набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти- гајди, кавали, тапани и сл. Со нив се создава голема врева која има за цел не само да создаде весела атмосфера, туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.

Во василичарските дружини одат луѓе веселници, кои знаат да се шегуваат. Обичаите што ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Во Скопско овие дружини броеле 30 до 50 учесници. Од нив се избирале четворица „маскарџии”. Двајца биле „старци”, а двајца ги играле улогите на две млади жени – невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца” или „војска”. Во играта добриот старец го убивал лошиот, што значело дека добриот дух го убивал лошиот, а тоа едновремено требало да значи обезбедување на благостојба во куќата и богат род на земјоделските култури.

Во Горноџумајско овие дружини броеле 15 до 20 момчиња и се викале „сурваскаре”. Еден од нив го викале мечка, друг мечкар, трет се правел невеста и бакнувал рака.

Во селата Емборе, Дебрец и Палиор, во егејскиот дел на Македонија, се играла Мала и Голема Ешка. Првата ја изведувале децата, а втората возрасните.

Прочитај и за ... >>  БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка

Во Дебарца, Охридско, главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.

Овие василичарски дружини влегувале во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле спомнатата драмска игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.). Потоа правеле заедничка гозба. Таму кај што не ќе ги дарувале правеле некоја штета. Најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот, на пр. плуг, брана, кола и сл. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки кои траеле се додека некој не загинел. За ова сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб и тн., кои ги има низ цела Македонија.

Постојат повеќе обичаи и верувања директно поврзани со започнувањето на Новата година. Најнапред тоа е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството, стоката и земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така, во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа: тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семејството ќе биде најсреќен.

Според некои верувања, на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

Во селото Битуше наспроти Василица правеле суровици и низалки со костење. Суровиците ги правеле од едно лозово и две дренови гранчиња, изврзани со бел и црвен преден волнен конец. Суровицата била долга 60- тина сантиметри, а на врвот се врзувала рачно плетена киска и сребрена пара. Во минатото суровици се правеле за машките деца, а во поново време суровици и за женските. Низалките се правеле од костени, на тој начин што на подебел конец со игла се нижеле варени костени. Меѓу костените се ставале шеќерчиња, а во средината на низалката се врзувало и варено јајце. Во поново време наместо јајце се ставало чоколадо.

Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година на година станува се помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости од земјава и странство. Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време.

Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13. и 14. јануари (.н.с.). Василичарите се организираат во групи, во зависност од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Имаат свој василичарски бајрак, што се чува во црквата Свети Никола и се користи само во оваа пригода. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото.

Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија, носи патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш машко лице облечено во невестинска облека, претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

Василичарските поворки тргнуваат на 13 јануари (с.с.) на пладне. Одделно одат горномаалските и долномаалските василичари. Ги минуваат сите улици одејќи надесно и застанувајќи на секоја крстосница каде што играат. Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти.

Насекаде се пее василичарската песна:

По мене бабо, по мене,
како струпска ертица,
како прилепска ножница,
сурва, сурва година.
Сурва, сурва година,
голем клас на нива,
голем грозд на лозје,
жолт мамул на леса,
црвено јаболко в градина,
живо-здраво до година,
до година до амина,
пара, пара домаќине!

Вечерта по полноќ, околу 2 – 3 часот, откако василичарите ќе минат низ сите куќи се оди на вода на познатите Вевчански извори. Тоа е означено и со биење на камбаните. Тука се присутни сите селани, особено женскиот свет. На вода се носи литургија, котле или ѓум за вода, дрвена лажица и василичарска киска. Киската се прави од босилек, василичарка (растение со боцки) и гранки од дрен. Сите тие се поврзуваат со црвен волнен конец. На изворите попот испева молитва со што ја осветува водата. Потоа сите присутни во специјални садови земаат од водата и ја носат дома. Со оваа светена вода се попрскуваат сите простории во куќата. Со неа се подготвува кашаник (тури-потпечи) во кој се става сребрена пара. Тој што ќе ја најде парата се смета за најсреќен во семејството. Киската се става над влезната врата и тука останува цела година како заштитник на куќата од разни лошотии: демони, несреќи, елементарни непогоди и сл.

На 14. јануари најпрво се оди во црквата, а потоа низ селото. Се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот. Попладне сите се собираат на средсело каде што се игра Василичарското оро. Секоја група има свое оро, а потоа сите се обединуваат во заедничко.

На 15. јануари се организира заедничка гозба. Тогаш се бројат собраните подароци, главно пари, и се решава за што ќе бидат искористени. Секогаш се користат за некои добротворни цели, изградба на чешма, водовод, црква, училиште итн.

Во василичарските празнувања во Вевчани, освен традиционалните елементи, ликови, маски и сл., има и нови елементи, пред се маски и активности со кои се критикуваат некои настани или личности од изминатата година.

Во 1993. година Вевчани со својот карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови.

Очигледно е дека обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско време, а нивна цел е да обезбедат среќа и напредок на поединецот и заедницата.

Василица е еден од најголемите празници на Ромите ширум светот, по Ѓурѓовден. Со неа почнува годишниот циклус на нивните обичаи. На празничната трпеза е исклучиво живина, која според традицијата на семејствата треба да им донесе посреќна и побериќетна година.

Еве една народна песна за Василица:

– Сива, сива Василица,
каде си се осивила?
– Тамо долу на Бел Дунав!
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златна чаша канатица,
ми канеше слава Божа,
слава Божа и Божика.
Божик ми е небото,
слава му е на земјата!
Оооооо и в година!
Благослов
Колку трна, претрна,
толку амбари пчејнца!
Колку капки сланина,
толку прасци в кочина!
Колку трошки сирење
толку јагниња, јариња!
Колку писма, преписма,
толку синчиња, ќерчиња!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here