Потребно време за читање: 2 минути

Колку во нашево време макијавелистичките принципи на владеење и опстојување се актуелни и применливи? Поточно: колку се применуваат? Одговорот е познат, многупати потврден: онолку колку што ги овозможуваат условите, состојбите, а најмногу во општества во кои индивидуалното е целосно поразено од колективното-колективистичкото. Пред сѐ свеста и интересот.

Поимот„макијавелизам“ опстојува неколку векови и постојано се реактуелизира во кризните, пресвртни периоди, односно со разгорувањето на стари и нови омрази, делби, воени жаришта. Во политичката терминологија тој има негативен предзнак, во контекст на состојбите и загрозениот егзистенцијален статус на поединецот, кога може да добие и поинаква, поширока смисла.

Парадоксалноста на „макијавелизмот“, што најчесто се сведува на познатото начело „целта ги оправдува средствата“, ги означува неморалот, суровоста и бескрупулозноста во освојувањето и задржувањето на власта, е во тоа што никаде во своето дело „Владетелот“ Николо Макијавели не дефинира такви заложби.

Оправдувањето на потребата од владетелска суровост, нетолератност, тој го наоѓа во своето време полно со судири, борба за власт и задкулисни игри. Од друга страна, таквата заложба, која во 17. век му ја priпишале Езуитите, направи овој ренесансен мислител да се „подзаборава“, да не се анализира неговото значење како втемелувач на модерната политичка наука, или-науката за политиката.

Прочитај и за ... >>  Историската аргументација

Николо Макијавели живеел во тн. „златно доба“ на ренесансата, од 1469. до 1527. година, во поделена Италија на градови-држави, со кои владеат благороднички семејства, во време кога Црквата, освен духовната, се бори да приграби и поголема световна власт, во време кога разделениот Апенински полуостров ги поттикнува освојувачките стремежи на Франција, Шпанија и Германија, па единствен спас за него е обединувањето.

Без оглед на разочарувањето што го доживеал од него (Медичи делото го примил без особен интерес и возвратил со две шишиња вино), впрочем Макијавели во текот на својот живот имал многу горчливи искуства со своите препоставени, ова дело опстојува во времето да сведочи за една длабока промисла, како мошне успешен обид да се дефинираат улогата на владетелот, неговата личност, неговата способност и сила да владее, средствата со кои може успешно да владее, целите кон кои треба да се стреми.

Дефинирајќи го местото и значењето на Макијавели, посебно оваа негова мала по обем расправa за владетелот, во својот поговор Ѓурчинова посочува на фактот дека со него всушност почнува да се разијдува политиката од етиката, моралот престанува да биде во прв план при формирањето на сликата за идниот господар, а наместо него, мисла-водилка на владетелот треба да биде интересот.

Прочитај и за ... >>  Александер Флеминг и неговиот пеницилин

Суровоста на нашиот свет, конкретно на светот на политиката, и денес како да наоѓа свое оправдување, рецепт на однесување токму во делото на Николо Макијавели „Владетелот“. Има многу денешни владетели, водачи на народи, поттикнувачи на војни и омрази кои како да учеле и учат, поточно научиле, како да се родиле учени од него.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here