Потребно време за читање: 2 минути

Војните на розите траеле од 1455. до 1485. г. Почнале за време на владеењето на Хенри Шести (1421-1471) од династијата Ланкастер, во чиј грб имало црвена, против кого се кренал Ричард од Јорк, чие семејство во својот грб имало бела роза.

Станува збор за испрекинувана граѓанска војна што се водела околу англискиот престол. Двете куќи биле ограноци на кралската куќа Плантагенет, влечејќи го своето потекло од англискиот крал Едвард Трети.

Називот „Војни на двете рози“ влегол во општа употреба во текот на 16. век, врз основа на сцена од Шекспировата драма „Хенрик Четврти“, каде што спротивставените страни во драмата избираат рози со различна боја.

Во книгата „Историја на Англија“ од Мортон меѓу другото се вели дека:

„Во 1455. почнала Војната на двете рози, со победата на војводата од Јорк над кралската странка кај Сент Албас. Војната што избила не била феудална според својот карактер, што значи дека не ја воделе барони со желба да ги прошират своите имоти и да станат независни од централната власт, туку две ривалски групи на благородници се бореле со цел да освојат контрола над државниот апарат. Оттаму и главната причина за нејзината суровост“.

Прочитај и за ... >>  Кинеските династии Минг и Ќинг

Во феудалната војна една од главните цели била заробување на противникот и држење до откупот, а биле убивани само оние што биле премногу сиромашни да платат.

Војните на двете рози биле војни на уништување. По секоја победа следел масовен колеж на победените и конфискација на нивните имоти во корист на круната. Затоа тие имале толку тешки последици за учесниците, но на земјата како на целина не и нанесувале значителни штети.

Бројот на учесниците обично бил ограничен, а масите на народот биле воопшто мошне малку заинтерсирани за нивниот резултат.

Многумина историчари го сметаат доаѓањето на Хенрик Седми за крај на Војните на двете рози, а некои, пак, дека тие се завршени со битката кај Стоук, во 1487. година, во која тој го поразил Ламберт Симнал, самонареченеиот претендент на англискиот престол.

Крајот на Војните на двете рози довел до конечен и неповратен пад на династијата Плантагенет од историската англиска сцена и до инаугурација на новата династија Тудор, која династички ќе го обележи наредниот период.

Прочитај и за ... >>  Основни сознанија за матријархатот

Според својата форма, тие биле борби помеѓу ривалски групи на благородници, иако мотивите тешко можат да се објаснат. Ланкастерите ги помагале дивите благородници од шкотските и велшките погранични области, најназадниот и најфеудалниот елемент кој живеел во земјата. Јоркистите најмногу помош добиле од прогресивниот Југ, иако оваа поддршка не била особено активна. Конечната победа на Јоркистите поради тоа претставува победа на економски најнапредните покраини.

Војните имале катастрофални последици за тогаш веќе ослабеното влијание на Англија во Франција, зашто територијалните загуби довеле до тоа во англиска власт да остане уште само градот Кале со околината, исклучиво благодарение на фактот дека во него живееле само Англичани. Тие го навестија крајот на средновековниот период во Англија и почетокот на Новиот век и ренесансата.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here